Градоначалниците се најкомотни, колку и да не работат никој не може да ги смени

Скопје/Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Никаде во Законот за локална самоуправа не се споменува разрешување или отповикување, па така од градоначалниците зависи како ќе ја извршуваат својата работа, дали ќе бидат одговорни и посветени на своите граѓани или ќе си го „преспијат“ мандатот, знаејќи дека ако не сторат кривично дело, никој ништо не им може.

Функцијата градоначалник е најкомотната функција во државава, па оние кои се избрани да раководат со општините и со Град Скопје можат слободно да си го тераат мандатот од четири години не стравувајќи ниту од судот на граѓаните за нивната работа, ниту од советниците, затоа што никој не може да ги разреши доколку не го спроведуваат она што им го ветиле на своите избирачи.

Во Законот за локална самоуправа во член 54 е наведено дека на градоначалникот му престанува мандатот по сила на закон само во неколку случаи и тоа доколку сам си поднесе оставка, во случај на смрт, ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на казна затвор во траење над шест месеци, доколку со правосилно решение биде лишен од деловна способност. Мандатот на градоначалникот престанува и доколку настапи случај на неспојивост за вршење на функцијата согласно со Законот за локални избори, во случај на неоправдано отсуство подолго од шест месеци и ако престане да биде жител на општината.

Никаде во Законот не се споменува разрешување или отповикување. Па така, од градоначалниците зависи како ќе ја извршуваат својата работа, дали ќе бидат одговорни и посветени на своите граѓани или ќе си го „преспијат“ мандатот, знаејќи дека ако не сторат кривично дело, никој ништо не им може. Од нив зависи и колку ќе бидат транспарентни и отчетни кон жителите на својата општина, колку брзо и дали воопшто ќе ги разрешуваат проблемите од интерес на граѓаните или тоа ќе се случува само во последната година од мандатот доколку се сигурни дека ќе бидат кандидирани за уште еден мандат.

Скопјани веќе искусија како изгледа кога од многуте ветувања, речиси ништо нема да добијат од она што серизно ги засега. Па така, градоначалничката Данела Арсовска, која ги собра гласовите на скопјани пред сѐ со своето ветување на подобар градски превоз и бесплатни автобуси, далеку е од исполнување на своето ветување. Јавниот превоз е лош, автобусите нередовни, хигиената во градот на ниско ниво, започнатите проекти незавршени, но на скопјани не им останува ништо друго освен да се стрпат до наредните локални избори. Годинава Арсовска дури не даде ни отчет за својот двегодишен мандат, што никогаш порано не се случило од ниту еден градоначалник на Скопје.

Токму состојбата во градот беше повод пред неполн месец Либерално – демократската партија да покрене иницијатива за отповикување на градоначалниците преку измени на Законот за локална самоуправа и собирање на потписи за референдум, а притоа партијата ги повика сите заинтересирани граѓани да се приклучат на иницијативата.

Она што се случува во главниот град Скопје е јасен знак дека мора да има механизам за отповикување на градоначалниците. Граѓаните не смеат да трпат заради неспособноста на локалните власти. Се наоѓаме во ситуација во која градоначалниците буквално можат да ги поминуваат своите мандати без реална одговорност и отчетност за нивното (не)сработеното, а од тоа страдаат општините и граѓаните – соопшти претседателкатта на ЛДП, Моника Зајкова, информирајќи за иницијативата.

Заложбите на партијата во денешното гостување во емисијата „Слободен печат“ ги потврди и министерот за локална самоуправа Ристо Пенов. Тој смета дека мора да се воведе механизам, кој во екстремно лоши состојби би овозможил граѓаните да го изразат тоа незадоволство.

Се разбира тоа не може да биде едноставна процедура затоа што ќе ја наруши можноста градоначалниците да функционираат, сепак треба и да им се гарантира мандат. Потикнати од општите состојби, најмногу испровоцирани од состојбата во Скопје се покрена таа иницијатива. Се разбира тоа со овие законски решенија не е возможно, но идејата е да се отпочне процес за да се воведат такви законски можности и да се прати сигнал до општинските градоначалници за ресетирање на оваа летаргија којашто е во општините каде што многу мали ефекти можат да осетат граѓаните – рече Пенов.

Тој нагласи дека секој градоначалник се оправдува со објективни состојби или со Владата и како што рече навистина постојат објективни околности кои се отежнувачки, како што беше короната и енергетска криза.

Сепак граѓаните во анкетата што ја правеа невладините организации покажуваат пад на задоволството од услугите на локалната самоуправа. Секој четврти граѓанин изразува сомнеж за корупција во општините, што е прилично висок процент – посочи министерот.

Измени во Законот за локална самоуправа несомнено се потребни во делот на можноста за отповикување на градоначалниците, но неизвесно е дали и кога тоа ќе се случи, затоа што речиси е неверојатно дека нешто што не се сменило во изминатите 20 и повеќе години откако е донесен Законот, ќе се смени на неколку месеци пред претседателските и парламентарните избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот