Ѓоргиев за СП: Бугарите уште на почетокот одбија посредник, ние повеќе не им понудивме

Драги Ѓоргиев / Фото: Архива ан Слободен печат

Според Драги Ѓоргиев, копретседател во мешовитата македонско-бугарска комисија од македонската страна, Бугарите не се заинтересирани за посредник кој би помогнал да се постигне напредок во комисијата. Тие тоа го одбиле уште на почетокот, а таа тема не била отворена повторно.

– Ние уште на првата средба на комисијата предложивме да бидат вклучени стручњаци, не историчари, туку повеќе експерти за учебници кои имаат искуство во тоа како да се надминат разни симболично-наративни спорови во учебниците, но тоа беше веднаш одбиено од бугарска страна. Тие посредници, требаше да бидат претставници на двете страни, а Македонија и Бугарија да имаа обврска да соработуваат со нив, заеднички да им исплаќаат хонорар за ангажманот итн. Бугарија одби со образложение дека нема потреба од посредници, олеснувачи итн, и дека ќе разговараме само двете страни, затоа што останатите не ја познаваат детаљно проблематиката. После тоа ние веќе не се обидовме да предложиме да се вклучи трета страна – вели Ѓоргиев за „Слободен печат“.

Тој додава дека македонската страна во одреден период имала двајца советници за учебниците, кои не биле дел од комисијата, туку само соработници.

– Со нив се консултиравме за тоа каде грешиме, каков пристап во учебниците треба да се прифати, што да се поправи во работата и тоа не само за учебниците, туку и во целата комисија. но тие не беа дел од комисијата, туку само соработници – вели Ѓоргиев.

Европратеникот Андреас Шидер пред три дена предложи да се поканат еминентни странски историчари во заедничката комисија за да се излезе од ќорсокакот во кој се најдоа Македонија и Бугарија околу историските прашања.

– Имам сугестија за заедничката комисија доколку нејзината работа остане заглавена како сега. Можеби треба да поканиме двајца или тројца еминентни историчари од ЕУ кои немаат инволвираност во регионот да помогнат да се стави прашањето во научна рамка – изјави Шидер на брифинг со новинари, пренесе МИА.

Од Владата за „Слободен печат“ изјавија дека секој предлог што ќе ја подобри работата е добредојден, но за тоа дали е потребен посредник или не е најдобро да се изјаснат самите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот