Голема битка во Премиер лигата: Победникот по осми пат ќе се решава во последното коло

EPA-EFE/NIGEL RODDIS

По осми пат од создавањето на Премиер лигата во 1992 година, шампионот во Англија ќе биде одреден по последниот круг во сезоната. Манчестер Сити и Ливерпул се во лута битка за титулата, а победа на „граѓаните” на гостувањето кај Брајтон во недела ќе им обезбеди триумф, но секој друг резултат на „Амекс” стадионот, комбиниран со успех на Ливерпул над Вулверхемптон дома, ќе ги круниса „црвените” во нов владетел на Островот.

И двата тима не се вмешани за прв пат во решавачки последен круг на првенството, откако за последен токму тие спореа за титулата во сезоната 2013/14, кога Сити имаше предност од два поени пред последниот круг и не згреши во натпреварот со Вест Хем, да стане шампион. За прв пат, титулата во Премиер лигата беше одлучена во последното коло во 1995, кога Блекбурн имаше два бода пред Манчестер Јунајтед. Роверс не издржа на напонот и губат на „Енфилд” во последниот круг, но Јунајтед не го искористи киксот и стигна само до реми против Вест Хем, кое носи прва титула на Блекбурн по 81 година.

Година подоцна тимот на Сер Алекс Фергусон води со два бода пред Њукасл пред последниот круг и овој пат не греши, освојувајќи со 3:0 против Мидлзборо, за да стане шампион. Во сезоната 98/99 „црвените ѓаволи” водат само со бод пред Арсенал и имаат потреба од победа над Тотенхем на „Олд Трафорд” во последниот натпревар, откако Лес Фердинанд дава предност на „петлите”, но домаќините стигнуваат до комплетен пресврт со головите Енди Кол и Дејвид Бекам за да го освојат првиот трофеј на патот до легендарниот „требл”.

Во сезоната 07/08, Манчестер Јунајтед и Челзи се со еднаков број поени – 84, пред последниот круг, но Јунајтед има значително подобра гол разлика. Кристијано Роналдо и Рајан Гигс ја донесоа победата над Виган во последниот натпревар за да го направат тимот шампион. Само десет дена подоцна Јунајтед го совлада Челзи во финалето на Лигата на шампионите.

Две години потоа улогите се разменети и Челзи води со бод пред Јунајтед пред завршниот викенд на првенството. „Црвените ѓаволи” се надеваат на услуга од Виган, но „сините” го демолираа противникот со 8:0 на „Стемфорд Бриџ”, за да станат шампиони по четврти пат во својата историја.

Можеби најдраматичен сличен случај е во сезоната 2011/12, кога градските ривали Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед се со еднаков број поени, но „граѓаните” се со подобра гол разлика. Тимот на Сер Алекс го освојува дуелот со Сандерленд, а во 90-тата минута Сити губи од Квинс Парк Ренџерс со 1:2 и има потреба од целосен пресврт. Головите во продолжението на Един Џеко и Серхио Агуеро донесоа историски успех во Сити и првата по промената на сопствениците.

Се разбира, вакви случаи има и пред формирањето на Премиер лигата во почетокот на 90-тите години, а можеби најпознатиот е од сезоната 1988/89, кога двата кандидати за титулата Арсенал и Ливерпул ќе се соочат еден против друг на „Хајбери” воо финалето, откако „топџиите” имаат потреба од победа од два гола за да станат шампиони. Алан Смит дава предност на лондонскиот тим во 51-та минута, а во 91-та халфот Мајкл Томас го постигна скапоцениот втор гол кој носи прва титула на Арсенал по 18 години. Двата тима ја завршуваат сезоната со еднаков број поени – 76, и еднаква гол разлика – +37, но Арсенал има повеќе постигнати голови, што се испоставува клучно за конечниот пласман.

Оваа недела од 16:00 часот по македонско време почнуваат натпреварите кои ќе го утврдат шампионот на Англија за сезоната 2018/19, откако Манчестер Сити гостува на Брајтон, а Ливерпул ги пречекува „волците” на Нуно Еспирито Санто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот