Го спасивме океанот

Ние да сме ти имале многу симпатичен министер за заштита на околината кој зборува англиски, на кој би му позавидувале многу активни дипломати во МНР и има симпатични идеи за спас на целата планета. Воедно, за сто проценти повеќе оваа година Македонија ќе се погрижи за здравјето на најбитниот орган на планетава, океанот. Велам за сто проценти, бидејќи изминатава година не направивме ништо, па е природно нашата грижа за планетава да пораснала за сто проценти.

Најверојатно сите го знаете оној постер од „Национална географија“ со ќесата потопена во океан, чијшто крај стрчи над водата и одблиску наликува на леден брег. Како и проблемот со ќесите и пластиката што преку нашите реки (освен оние кои ќе се вгнездат на некое дрво), ќе стигнат до големото светско море. Тоа големо море е, всушност, најголемиот производител на кислород на оваа планета и, за разлика од Амазон, кој има шуми, океанот е населен и со растителни планктони, организми кои, како и шумите, го преработуваат јаглеродниот диоксид во кислород. Ако се земе предвид површината на светскиот океан, која е многупати поголема од шумите на Амазон, лесно е да се разбере дека секое поплочување на океанот со пластичен отпад значи и загрозување на целокупната биосфера на планетава. Нејзиното величество ќеса, тој мал мрсул од пластика, може да прекрие и до половина метар квадратен.

На интернет постојат и математики колку ќеси би биле потребни за да се прекрие целиот океан, па во тој дух за поздравување е секое решение кое води кон ослободување од оваа напаст. И нека постои организација која ќе ги наплаќа ќесите и повеќе од десет денари и да го користи профитот за ослободување од истите тие ќеси. И уште подобро – да има такви организации на локално ниво, па по принципот „секој во својот двор“ еден ден да имаме општински брендирани ќеси со по неколку отпечатени упатства за корисниците околу начините на рециклирање и правилно ослободување од сметот. Во оваа варијанта ќе ги збогатиме маркетите кои и онака се рекламираат на истите тие инкриминирани ќеси. Преземањето на одговорноста на локалната самоуправа за чистотата на „својот двор“ со неколку вакви „малку повеќе од ад-хок“ акции може навистина позитивно да придонесе кон она што се нарекува „зелена економија“.

И во таа насока би требало да се движат акциите на спомнатото министерство, инаку ќе завршиме со спектакуларни забрани за увоз и производство на шарени пластични цевки и ќе унесреќиме едно чудо деца и мајки што организираат родендени. Затоа што колку и да се проблем, цевките и ќесите не се главниот проблем ниту во светот, ниту кај нас. Проблем е неефикасното справување со отпадоците и резидуентите од горење, а последица се загадената околина и нечистиот воздух. И онака ние со ќесите ќе се справиме лесно. Нашите баби и дедовци и ден-денес користат торби и зембиљи, во поново време и со тркалца, а сите се согласуваме дека ни недостигаат оние хартиени ќеси за портокали и мандарини. Верувам и дека наскоро ќе имаме и бесплатни торби за пазарење со лого на некој што сака да го видат во нечии раце. Зошто тој тренд, на крајот од краиштата, да не се искористи на начин кој ќе биде адекватен и самоодржлив?

Бескрајното импровизирање нема да ни ги реши ниту депониите, ниту сечењето шуми, ниту дивоградбите по националните паркови, ниту воздухот, ниту производството на енергија, ниту закочениот прогрес. Единствениот спас за целокупниот проблем е воспоставување темели за самоодржлива „зелена“ економија, темели кои ако исправно се постават, самите ќе придонесат за конвергенција на свеста кај народот кон исправно однесување кон својата околина и справувањето со вистинските предизвици со кои сме соочени на нашиот пат кон „модерниот свет“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот