Го обвинуваме вишиот обвинител Хајрулахи!
Ако нема никаква санкција за обвинителот Хајрулахи, единствена „жртва“ на целиот скандал следење и снимање на новинарката Мирослава Симоновска ќе остане само – новинарката!
Редакцијата на „Слободен печат“ најостро го осудува чинот на следење и снимање на новинарката Мирослава Симоновска, добитничка на награди за нејзиното истражувачко новинарство, наводно од „свиркач“, како и објавувањето на таа снимка на телевизија со национална концесија, што е без преседан. За првпат во „богатата историја“ на Македонија на прислушувања и неовластени следења, новинар е сниман, а снимката е обелоденета во јавноста. Иако ликовите на двете лица се замаглени, нема појасен доказ за кршење на уставно загарантираните права на новинарите, особено што зад снимката „застана“ вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи. Да биде уште пострашно, снимката ја предава на телевизија, која без проблем ја објавува, а потоа излегува и со тврдење дека на новинарката ѝ бил предаден извештај од контролата на Вишото јавно обвинителство, што никогаш, никаде не е објавен?! Хајрулахи притоа направи превид, заборавајќи (намерно или не?!) дека, всушност, станува збор за правосилна пресуда на Врховниот суд, која е објавена на веб-страницата на Судот.
Препорачано
„Војната“ меѓу републичкиот јавен обвинител Љубомир Коцевски и вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи се води од поодамна, но во таа војна настрадаа основните човекови права на Симоновска, на новинарите, како и заштитата на новинарските извори.
Повеќе од симптоматичен е фактот дека „свиркачот“ знаел кога точно ќе се сретне новинарката со својот извор, на која локација, дури и какви документи таа примила. Хајрулахи, кој природно треба да ги штити слободите и правата на секој граѓанин, исто така, не објасни како тој „свиркач“ снимката му ја дал токму нему, зошто снимката се чувала неколку денови, а беше објавена веднаш штом беше објавена пресудата на Врховниот суд, која не му оди во прилог на Хајрулахи.
Ако претходно само се шушкаше дека сè се снима, сè се следи, сè се слуша, сега се оди чекор понатаму – јавно се снима и се објавува без пардон. Од воспоставувањето на демократијата, ова е „најтранспарентно“ прекршување на новинарските права. По „Сината птица“ „Големото уво“, „Масовното прислушување“ и ред други скандали поврзани со прислушувањето, надлежните сега имаат и јавно достапни информации да постапуваат.
Државата со години не успева да докаже кој прислушувал за т.н. „бомби“. Сега го имаат Хајрулахи на тацна. Зашто, дури тој и да не снимал, лично ги предал снимките јавно да се објават на телевизија.
За поранешниот шеф на ДБК, Сашо Мијалков, цела деценија смееше само да се шепоти дека прислушува. И по многу, многу години, остана само да се шепоти… Остана само легендата за „жолтото комбе“.
На обвинителите им е најлесно да се скријат зад новинарите и она што се случува навистина тивко да го кажуваат. Затоа, во оваа војна, ако нема никаква санкција за обвинителот, единствена „жртва“ ќе останат само новинарите.
Редакцијата на „Слободен печат“


