Го крадеме најдоброто од туѓата историја

Фото: Слободен печат

Не поминаа ни три илјади години откако старите Грци ја совладале техниката на централен систем за греење, која потоа била усовршена од Римјаните, за да ние ја употребиме во Македонија. Конкретно во две училишта во светиниколско.

Нека „трепка“ со позлатени букви дека основните училишта во селата Амзабегово и Кадрифаково, во 2019 година ќе добијат модерно греење, кое народски го викаме парно, а како што веќе реков било измислено пред цирка три илјади години.

Во тој историски период или можеби малку подоцна е измислен и водоводот, кој до ниво на перверзност бил усовршен од Римјаните. За богатите сенатори на Рим биле градени аквадукти долги илјадници километри, па тие во своите домови пиеле вода од Алпите. Потребни биле години за да се направи водоводот, кој на градот изграден на седумтте рида му носел питка вода од највисок квалитет. Слично се случува и во Македонија и тоа на десетина километри од главниот град, каде на жителите од општина Сопиште им се носи вода од неколку километри одалечената Патишка река. Водоводот се гради со години, баш како и римскиот, а иако требаше да биде готов во април 2017-тата, свеченото пуштање е закажано за септември. Годината допрва треба да се утврди.

Затоа може да се каже дека премиерот Зоран Заев е во право кога вели дека Македонците со години ја крадат туѓата историја. Јас би додал дека Македонците го крадат најдоброто од туѓата историја, бидејќи градат системи за централно греење и водоводи, нешто што другите народи го имале уште во античкиот период. Би додал и дека Македонците историјата ја крадат премногу бавно, но сигурно.

Добро, можеби премиерот мислеше на периодот на античката историја на Македонија и нашето поистоветување со истата. Точно е дека нашиот аргумент во докажувањето на нашата античност се сведува на демагошкото прашање – па ако не сме антички Македонци, зошто воопшто се нарекуваме Македонци – а тоа нели не е доволно за да биде земено како историски факт, но веќе реков дека ние во моментов сме многу далеку од периодот во кој некогашната македонска држава го достигнала својот зенит. Ние правиме парно и водовод и сè уште се мачиме со ирагационите системи за наводнување и каналите за заштита од поплави, кои интересно се измислени од Асировавилонците. Една од најстарите цивилизации во човековата историја.

Во војската на Александар Велики службувале филозофи и иноватори, кои го измислиле Оксибелот, артилериско орудие кое исфрлало копја и камења на голема далечина. Дејствието на ова орудие предизвикувале паника во противничките редови, па битките со бактријските племиња најчесто биле решавани за само неколку минути.

Векови подоцна македонските неимари го патентирале „Црешевото топче“, за кое легендата вели дека било далеку поопасно по востаниците, отколку по трупите на Османлиите, освен доколку некој припадник на аскерот не приумрел од смеење евентуално? За време на Илинденското востание далеку сме биле од античките Македонци, а далеку сме и денес.

Ја крадеме историјата тоа не е спорно, но со векови задоцнување. Интересно, има и такви што велат дека така е полесно. Откако сè ќе биде пронајдено, напишано и откриено, наше е само да присвоиме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот