Глушец, но и шајки и стакло наоѓале граѓаните во храна

Компири се увезуваат од Хрватска, Србија, Косово, Австрија, Босна и Херцеговина, Франција и Грција, домати од Албанија, Грција, Турција, Италија, но и од Белорусија. Лук доаѓа од Кина, праз, краставици и корнишони од Албанија, но и од Грција и Србија. Сушен зеленчук, цел или сечен на парчиња, на македонскиот пазар е дури од Индија и од Кина. Грав има од Киргистан, Молдавија, Египет, а леќа од Канада и од Русија. На домашните пазари се наоѓаат и увозни јагоди од Албанија и Грција, а помали количини од Холандија и Белгија. Свежи сливи доаѓаат и од Србија, Јужна Африка, Бугарија, Босна и Херцеговина, но и од Шпанија, Чиле, Албанија, Грција, Италија, Јужна Африка и малку од Бразил. Се увезуваат и праски од Грција и Русија, а најмногу дуњи од Грција и Турција, како и круши, јаболка, лубеници, трпезно грозје, риба свежа и замрзната, замрзнати производи, речиси сите видови месо и преработки, млечни производи, па дури и замрзнати пекарски производи.

Огромен е списокот на увезена храна што преку трговијата се пласира до македонските потрошувачи, а колку е подолг синџирот на храна, толку е поголем ризикот од нејзино загадување. Последниот случај со пронајдениот глодар во замрзнат зеленчук, не е ни прв, а ни последен. Евиденцијата на Агенцијата за храна и ветеринарство покажува пронајдени парчиња стакло, шајка, делови од хируршки ракавици, но и мувла, производи со поминат рок на траење…

– Во Базата на податоци на Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ до крајот на март се евидентирани вкупно 98 граѓански претставки. Според наводите, за присуство на контаминенти се евидентирани вкупно 9 претставки. Од нив, две се однесуваат за пронајдено парче пластика во производ, а по една претставка е поднесена за наводно присуство на парче стакло, шајка и парче од хируршка ракавица во храна. Останатите претставки се однесуваат за присуство на мувла во производите – велат за „Слободен печат“ од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Патогените бактерии најчести гости во храната

На научните сајтови, контаминираната храна се објаснува како присуство на која било материја во храна што го менува нејзиниот квалитет и може негативно да влијае врз здравјето. Загадувачот може да биде биолошко, хемиско или физичко средство или состојба. Загадувачите се материјали што не се додаваат доброволно или се присутни во неовластена концентрација. Проблемите со случајното, па дури и доброволно загадување на храната отсекогаш се присутни. Денес храната се обработува на многу начини, во повеќе фази и синџирите на исхрана ги преминуваат границите. А еве што велат и домашните експерти.

– Поради прехранбената вредност, храната е важна за човекот, но во исто време хранливите состојки претставуваат идеална подлога за контаминација. Многу инциденти по безбедноста на храната се случувале поради пропусти на производителите на храна, а се случуваат и сега низ целиот свет. Доколку го видиме извештајот од системот за брзо известување за храна и добиточна храна (РАСФФ) во ЕУ, може да се констатира дека најголем број известувања за небезбедна храна биле во врска со појава на патогени бактерии, конкретно салмонела во месо од живина, ешерихија коли во месо и млечни производи, резидуи од пестициди во овошје и зеленчук, афлатоксини, недекларирани алергени во храната. Во однос на физичките опасности најчести известувања имало за присуство на пластика, метал и стакло во производите – објаснува за „Слободен печат проф. д-р Душица Санта, вонреден професор на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје.

Детектори за метал и магнети за спас од шајки

Физичките загадувачи, според професор Санта, обично се наоѓаат во суровини како што се житарки или брашно или во преработената храна, заради контаминација за време на самото производството, па и во текот на пакувањето. Тие опасности најдобро се контролираат со соодветни мерки во рамките на системот за преработка на храна, вклучувајќи детектори за метал, магнети, методи на механичко раздвојување како просејување итн.

– Физичките опасности обично сe појавуваат како резултат на случајна контаминација и лоши практики на ракување со храна што можат да се појават во различни точки во синџирот на храната од суровината преку процесот на преработка до крајниот потрошувач. Исто така, визуелна инспекција од вработените во текот на целиот процес е неопходна за правилна контрола и спроведување на добрите хигиенски и производни практики – додава професор Санта.

Освен можно присуство на микробиолошки и хемиски опасности, кои се најчести, секако е можно загадување на храната поради присуство на штетници, како на пример муви, глодари, птици и животни и притоа мора да постои ефективна програма за контрола на штетници во производниот погон, објаснува професор Санта. Според неа, оваа програма подразбира и редовна проверка на просториите во погонот и нејзината околина и преземање мерки за уништување на штетниците. Исто така, воведувањето ефективни системи за следливост значи можност за употреба на програми за постојана проверка и мониторинг на безбедноста и квалитетот на храната.

Според Законот за безбедност на храната, операторите со храна се должни да воведат, да имплементираат и да одржуваат постојана процедура или процедури засновани врз анализа на опасности и критични контролни точки, односно НАССР-принципите.

– Верувам дека надлежните органи ги спроведуваат соодветните контроли и постапки согласно законот за безбедност на храната. Потрошувачите се исто така важен финален линк во синџирот на храна, со цел да се осигури безбедно консумирање на храната. Потребни се едукативни стратегии за намалување на болестите поврзани од небезбедна храна и зголемување на свеста на потрошувачите за потенцијалните ризици. Исто така, при секоја недоследност со која се соочуваат и ја забележале потрошувачите во однос на безбедноста на храната треба да пријават во Агенцијата за храна и ветеринарство. Само така ќе се зголеми довербата на потрошувачите во однос на производите и надлежните тела – порачува професор Санта.ушев

Храната поминува низ долги синџири на маркетинг и транспорт, дури и интернационални, а ова ги прави ризиците од контаминација на храната и тоа вклучува посложена контрола. Во овој контекст, можните причини за контаминација со храна се променливи и загадувачите можат да доаѓаат од околината или од ракување со луѓе. Во случајот на глодарите, тие се агенси на контаминација на храна, особено поради нивните екскрети и урина. Болести како лептоспироза и токсоплазмоза се пренесуваат преку урината на глодари и други животни. Физичката контаминација на храната се однесува на присуството во храната на инертна материја туѓа за неа. Тоа може да бидат честички од стакло, камен, парчиња метал, коса или други.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот