Гинекологија Чаир сѐ уште се грее на мазут: Шилегов чека да се смени котелот, ако не, ќе ја затвори

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, на почетокот на годинава на Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир и даде рок од 30 дена да го пренамени начинот на загревање, во спротивно требаше да се затвори болницата.

Болницата која се грее на мазут, е еден од најголемите загадувачи во општина Чаир. Реакцијата на Градот следуваше откако на социјалните мрежи се рашири видеоснимка каде што се гледа како црн чад излегува од оџаците на болницата.

Spitali gjinekologjik ne Çair ! Mjerim ?

Publiée par Kadir Avdiu sur Dimanche 3 février 2019

 

Речиси една година подоцна, болницата се уште се грее на мазут, а нејзините врати, и покрај најавите на Шилегов, се отворени за пациентите.

До каде е процедурата за промена на системот за затоплување, прашавме во Министерството за здравство, од каде добивме одговор дека наскоро ќе почнат подготвителните активности за подготовка на котлара на гас.

– Завршена е постапката за јавната набавка за изведба на машински постројки за котлара на течен гас со станица за подготовка на санитарна топла вода и поставување соларни колектори за потребите на Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ Чаир и донесена е одлука за избор. Станува збор за компанијата „Енерго Систем“, со вкупна проценетата вредност од 14.757.383 милиони денари. Согласно предвидената процедура, во претстојниот период се очекува да се потпише договор со фирмата што ќе врши надзор, по што ќе биде воведена во работа фирмата-изведувач, која веќе почна со подготвителни активности – информираат од Министерството.

Ја посетивме и болницата каде што не пречека директорот Башким Исмаили, кој тврди дека минатогодишниот инцидент е резултат на дефект, кој е саниран и во моментов, болницата во Чаир не е причинител за загадувањето во Скопје.

– Во болницата и сега се затоплува, но никој од ланскиот инцидент не пријавил ниту забележал црн чад од оџаците. Тоа е бидејќи го саниравме дефектот. Што се однесува до промената на затоплувањето, можам само да кажам дека до Министерството за здравство ја доставивме потребната техничка документација, според направениот проект за премин од мазут на гас, односно решение за реконструкција согласно Законот за градење објекти, заедно со согласноста за безбедност, издадена од Одделението за оружје и експлозивни материи при Министерството за внатрешни работи – рече Исмаили.

На изјавата дадена во медиумите, го потсетивме и Шилегов кој рече дека доколку не се исфрли од употреба мазутот во гинеколошката болница Чаир, ќе си стои на зборот.

– Според моите информации, постапката е завршена, и наскоро се очекува да биде променет котелот. Доколку тоа не се случи, јас ќе си стојам на зборот – рече Шилегов.

Но Чаир не е единствената државна институција која се грее на мазут. Болниците се најчесто загревани со него или во комбинација со нафта. Не заостануваат многу ниту касарните, училиштата и градинките.

Доволно е само да се погледне сајтот на е-набавки за да се види дека договор за мазут е склучен и со гостиварската општа болница, но меѓу барателите на мазут се и министерството за одбрана и внатрешни работи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот