Газдите бараат за боледувања да плаќаат за 15, наместо за 30 дена

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Од 30 на максимум 15 дена, да се намали бројот на денови што се плаќаат за боледување, а се на товар на работодавачите, бараат текстилните и кожарските компании. Ангел Димитров, претседател на Здружението што ги застапува интересите на овие два сектора, за „Слободен печат“ вели дека сè почесто добиваат поплаки од работодавачите за злоупотреба на боледувањата и дека оваа појава е почеста во летниот период. Според Димитров, чесно е да се каже дека лажните боледувања не се феномен само на приватниот сектор.

– Одат во странство, работат на нива, а по истекот на еден месец, паузираат ден или два, сè додека матичните лекари не им отворат ново боледување со нова дијагноза. Работата во овие два сектора е врзана со рокови. Во приватниот сектор не сте во позиција да имате неколку вработени на едно работно место, туку секое работно место е испланирано, така што отсуството на еден вработен го чувствуваат и работодавачот и колегите. Ние не можеме да знаеме колку ќе трае боледувањето, сакаме да ја завршиме работата навреме, а згора на тоа не можеме прекуноќ да најдеме нови работници – вели Димитров.

Тој открива дека во новиот Закон за работни односи, посебно се третира оваа проблематика, но е скептичен дали Фондот за здравство има доволно време и вработени за да ги заврши контролите во реално време.

– Дали ќе биде возможно да се контролираат сите боледувања? Едни се отвораат, други се прекинуваат. Нам ни треба да се открие злоупотребата веднаш, а не по три месеци. Затоа и бараме скратување на боледувањата што одат на наш товар, односно наместо 30 на 15 дена – објаснува Димитров.

Не само работодавачите, туку и граѓаните имаат вакви приказни за „хронично“ болни колеги, па оттука и се залагаат парите што ги исплаќа Фондот за боледувања над еден месец (а каде што несомнено има и лажни боледувања) да се искористат за поголема партиципација за одредени лекови за хронични болести и за некои операции во странство.

– Имав колеги што со месеци беа болни, но немаа срам за тоа време да си ставаат слики на социјални мрежи – пишуваат граѓани на социјалните мрежи, па дури и откриваат дека додека се на боледување, нивните колеги си имаат тезги на пазарите, свират и пеат по свадби итн.

Во Македонија, Фондот за здравствено осигурување нема податоци за злоупотреби од граѓаните во однос на боледувањето, но има за пропусти на лекарите кои се од административна природа. Лани дел од медиумите објавија дека ФЗОРСМ нема податоци за злоупотреби на боледувањата направени од граѓаните. Според податоците на ФЗОРСМ од 2021 година, имало 3.044 барања за боледување до 30 дена.

За „лажно“ болните се ангажираат и детективи

Поради зачестената појава на лажни боледувања, како и фактот дека оваа појава е тешко докажлива, некои газди се решаваат да почнат приватна истрага. Така една детективска агенција на својата веб-страница меѓу другото нуди и проверка на злоупотреби со платени боледувања.

– Истражувањата на случаи на сомневања во врска со злоупотреба на платено боледувања покажуваат голем процент на користење на боледување поради некои други причини кои немале врска со здравствената состојба,напуштање или заминување од местото на живеење (одмор, патување); извршување на друга профитабилна работа (работа на црно или во друга конкурентна компанија), па оттука многу компании се соочија со пораст на бројот на вработени кои почесто земаат боледување. Бројот на лажни боледувања е зголемен, што е потврдено со многугодишното искуство. Детективската агенција нуди услуги за вршење проверки и откривање евентуални злоупотреби на лажни боледувања. По завршување на надзорот над лицето кое зема лажно боледување, нарачателот на услугата добива извештај и врз основа на собраните сознанија и докази, нарачателот на услугата може да ги користи во понатамошна постапка – стои на веб-страницата на една скопска детективна агенција.

Околу 15 отсто од боледувањата во Србија биле неосновани

Светлана Будимчевиќ од Сојузот на работодавачи на Србија во разговор за Н1, рече дека процената на Републичкиот завод за здравствено осигурување е дека околу 40.000 лица злоупотребиле боледување. Будимчевиќ рече дека добиваат поплаки од работодавачите дека често се забележува проблемот со лажно боледување и дека оваа практика е почеста во летниот период кога се вршат сезонски работи. Како што објасни таа, тоа се случува и во приватниот и во државниот сектор и според неа 40.000 лажни боледувања се многу голема бројка во овие времиња, што е сериозна состојба. Инаку, според српскиот закон е предвиден отказ поради злоупотреба на боледување, рече Будимчевиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот