Фудбалерите на Ливерпул на теренот изгледаат како зомби
Сè уште актуелниот англиски шампион Ливерпул игра катастрофално оваа сезона, и се наоѓа во серија од четири порази по ред со кои го загуби местото на табелата кое носи во Лигата на шампионите.
„Црвените“ веќе се простија од титулата во Премиер лигата, имаат 40 бодови, дури 19 помалку од лидерот Манчестер сити и сега главна цел им е местото меѓу првите четири на табелата. Моментно Ливерпул е оддалечен пет бода од позицијата која носи пласман во Лигата на шампионите идната година.
Последниот пораз во Премиер лигата е од градскиот ривал Евертон.
– Знаеме дека Ливерпул има големи проблеми со повредите, дека играат пред празни трибини, но на сите им е исто. Проблемот за навивачите на Ливерпул е што во екипата не се гледаат никакви промени. Фудбалерите изгледаат како зомби кои одат еден зад друг и исто размислуваат. Можеби Клоп треба нешто да менува? Тоа е прашање за него, навистина не би сакал да изгледа дека јас му зборувам како Ливерпул треба да игра, но мора да има промени. Сигурно е дека ќе бидат подобри кога ќе им се вратат повредените играчи, но во овие моменти тие не изгледаат добро – вели поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед, Гери Невил.