„Фридом хаус“: Влади ширум светот ја зголемуваат репресијата врз новинарите

Авторитарните режими сè повеќе стигнуваат надвор од нивните граници за да ги напаѓаат, заплашуваат и приведуваат новинарите во обид да ги контролираат информациите и да го искоренат несогласувањето, се вели во новиот извештај објавен денеска од „Фридом хаус“.

Извештајот открива дека во периодот од 2014 до 2023 година биле извршени најмалку 112 акти на транснационална репресија врз новинари од 26 влади, вклучително и оние на Белорусија, Камбоџа, Кина, Иран, Пакистан, Русија, Саудиска Арабија и Турција.

Физички напади, незаконски депортации, притворања и онлајн вознемирување против членови на семејства се меѓу тактиките што ги користат авторитарните режими за да ги гонат новинарите кои работат од егзил.

„Најновото поглавје во растечката авторитарна книга е да се оди по прогонетите новинари кои ја кажуваат вистината за приоритетите, перформансите и злоделата на режимот“, рече Мајкл Абрамовиц, претседател на „Фридом хаус“.

Новата анализа доаѓа во време кога нападите врз слободните и независни медиуми се зголемуваат на глобално ниво, а се повеќе новинари се принудени да работат од егзил.

Извештајот се заснова на интервјуа со повеќе од десетина прогонети новинари и открива како транснационалната репресија влијаела врз нивните животи и значително ја попречила нивната клучна работа.

Протераните новинари живеат со закана од физичка повреда, апсење и киднапирање, што ја попречува нивната способност да патуваат, да комуницираат со извори и да известуваат за чувствителни прашања.

Дигиталните закани како сајбер напади, надзор и вознемирување, влијаат на нивната способност да допрат до својата публика.

Во меѓувреме, кампањите за оцрнување го поткопуваат нивниот кредибилитет, а заплашувањето на членовите на семејствата има големи психолошки последици.

Обидите на автократите да ги замолчат новинарите во егзил може да ги зголемат трошоците за одржување на медиумите од дијаспората и да создадат пречки за преселување во безбедна трета земја., се нотира во извештајот.

„Фридом хаус“, меѓудругото, препорачува да се поддржат новинарите и медиумите во егзил, да се воспостават јасни патишта за прогонетите новинари да добијат постојан правен статус во земјите домаќини, да се развие план за ширење на свеста за транснационалната репресија, како и да се инвестира во психолошка поддршка за новинарите погодени од транснационалната репресија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот