ФОТО | Разговор со Моника Стојановска, уметница која создава нежности со своите раце

Моника Стојановска/Instagram
Моника Стојановска/Instagram

Непретенциозната позитивна меланхолија со која плени Моника во својот израз, е причината поради која во овие есенски денови, ви предлагам да ја прочитате, да ја разберете, да ја прегрнете. Затоа што нејзините парчиња уметност греат.

Моника Стојановска е по професија филолог, слободна поетеса, создавач на мали и големи соништа на инстаграм-профилот под името Моки, нејзиниот приватен, а сепак отворен свет.
На инстаграм-профилот кај неа се дише со мирност и спокој, како да мешате златножолт чај во шолја со изгравирани зелени ливчиња, или како да мирисате дуња заборавена на врв од ормар.

„Будењето на емоцијата кај луѓето е мојата најголема потврда дека правам нешто правилно“

Пишувате и правите мини налепници, честитки,  нотеси, стегачи за коса… Сите овие изблици на уметност се како заеднички мозаик на тоа што е Моника. Па, која е Моника, всушност, низ оваа креативна приказна, приказната за Моки?

– Моки е моето прибежиште. Посветеноста кон креативното творење и естетиката отсекогаш биле навистина големо парче од мозаикот што го чинам јас, како што велиш. Таа моја оддаденост кон уметноста секогаш заземала различни облици низ годините. Моки е еден многу важен облик. Низ Моки, можам да бидам безгрижно своја и да ги пренесам сета конзервирана топлина и нежност кои ги имам за животот.

Моника Стојановска/Instagram
Моника Стојановска/Instagram

Да се биде уметник и сонувач во овие времиња, би рекла дека е навистина тешко. На што прво помислувате кога ќе се соочите со себе и со сите нешта што ги креирате?

– Лесно е да се сонува, но некогаш се чини невозможно. Често, дури, кога човек сонува во тешки времиња, се чувствува и виновно. Сепак, во мигот кога ќе видам дека некоја толку мала работа што сум ја создала, а што дотогаш не била таму, одеднаш направила некој да се почувствува добро, или воопшто – некој да почувствува нешто, си велам дека препуштањето на импулсот и сонот сепак се исплатело. Будењето на емоцијата кај другите луѓе е мојата најголема потврда дека правам нешто правилно.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by m o k i (@_moooki)

Во вашата палета креации имате за секого по нешто, и сите тие мали, а големи примероци се со некаква порака која влева чувство на сигурност, на удобност. Како комуницираат овие нешта со вашата публика?

– Сигурност, удобност и прифатеност се клучните пораки што сакам да ги пренесам. Без разлика дали се во вид на збор или цртеж на хартија или е симпатичен вез на парче материјал, извезен со помош на мојата пријателка Татјана. Кога луѓето добиваат картичка со мој цртеж и порака, сакам да се почувствуваат вредно и прифатено, со сите свои слабости и мани. Пред сѐ, сакам да се почувствуваат како да не се сами и да си дозволат, макар на кратко, повторно да се чувствуваат како дете.

Моника Стојановска/Instagram
Моника Стојановска/Instagram

Освен што сте преведувач, вие и пишувате. Јазикот ви е природна „игра“. Што најчесто е вашиот мотив и тема кога пишувате? Кои нешта ве водат, кои ве застануваат? 

– Пишувам со години и уживам во тоа. Пишувањето отсекогаш правело да се чувствувам ранливо. Понекогаш таа состојба ме плаши, но и ме успокојува, затоа што сфаќам дека кога се претворам во збор, сум недвосмислено јас. Мојата поезија била објавувана тука и таму, но сега веќе созреа доволно за да почнам да ја подготвувам и мојата прва збирка, која се надевам ќе биде набрзо завршена.

Моника Стојановска/Instagram
Моника Стојановска/Instagram

Оваа есен ќе…

– …Ќе правам онолку колку што можам и ќе се обидам да не подлегнам под притисокот да бидам „продуктивна“ по секоја цена. Ќе бидам со луѓето кои ми значат, ќе бидам сама со себе и ќе се обидам да се опуштам и да уживам најмногу што можам и во двете друштва.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by m o k i (@_moooki)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот