ФОТО | Неверојатна животна приказна: Девојче родено во затвор се запиша на Харвард

Фото: Facebook

Тинејџерката која се соочи со неверојатно тежок почеток во животот кога се роди во затвор во Тексас, доби целосна стипендија за студирање на Универзитетот Харвард. Мајката на Скај Кастнер отслужувала казна во затворот во округот Галвстон кога таа се родила, а нејзиниот татко го презел старателството и ја воспитувал како самохран родител.

Младата Аурора Скај Кастнер, од Тексас, која се родила во затвор, се прослави во јавноста по завршувањето на средното училиште со највисок успех. Таа има план набрзо да започне со студии на Универзитетот Харвард. На почетокот од нејзиниот есеј за апликацијата, таа искрено напишала дека е родена во затвор, пренесува „Хјустон кроникл“.

Нејзиниот живот воопшто не бил лесен. Имено, таа била родена во затворот во округот Галвстон. Нејзината мајка не играла улога во нејзиниот живот, па таткото уште од првиот ден се грижел и ја воспитувал како самохран родител.

Фото: Instagram/ mlham

Уште во основно училиште, Аурора покажала голем успех. Училишната управа го забележала нејзиниот потенцијал и веднаш ѝ ја доделиле менторката Мона Хемби, која требала да ја мотивира и да се грижи за неа.

Хемби ѝ помагала на младата Кастнер и во секојдневните потреби како очила за гледање, нејзината прва фризура. Тие искрено се поврзале, бидејќи и двете растеле без мајки. И, многу други членови од заедницата помогнале детските денови да ги помине безгрижно, се грижеле за нејзиното здравје, ја носеле на летни кампови.

Фото: Instagram/ mlham

Како што напредувала во средното училиште, амбициите и желбата за успех станале поголеми.

„Имаше нешто задоволувачко во тоа да ги имаш сите петки, да го имаш тоа достигнување. Оценките едноставно многу ми значеа.“, рекла таа за „Хјустон кроникл“ .

Во март 2022 година, таа и нејзината менторка го посетиле кампусот на Харвард, што ѝ помогнало на Аурора да ја зацврсти одлуката набрзо да ги започне студиите токму таму.

Фото: Facebook/ Academy for Science & Health

Покрај менторката Хемби, таа добила поддршка и од Џејмс Валас, професор на Универзитетот во Бостон, кој и помогнал да ја подготви нејзината апликација.

„Би сакала да им порачам на сите никогаш да не се откажуваат, дури и ако немаат еднакви можности. Понекогаш помошта на наставникот кој сака да ви се посвети е доволна причина да го промените вашиот живот на подобро“, рекла таа.

Тинејџерката ќе ја студира право на Универзитетот Харвард и се надева дека еден ден ќе стане адвокатка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот