Формално симнато, но суштински истопорено вето

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Францускиот предлог претставува вешта дипломатска измама со која бугарското вето ќе се претвори во услови и во рамка за преговори, а на Бугарите ќе им се овозможи да ја симнат својата одговорност за блокирање на нашите евроинтеграции. Вешта, но сурова, грда и безмилосна измама на наша штета.

Разумните и за политика незаинтересираните граѓани на Македонија имаат ретка привилегија за која многу народи можат само да им завидуваат. Македонците, за разлика од многу други што талкаат во магла, во секоја непредвидлива и матна внатрешно или надворешно политичка ситуација имаат сигурен, речиси непогрешен ориентир за тоа кој е исправниот пат. Колку и да е сложена ситуацијата, сите наши ментално здрави граѓани веднаш можат да сознаат што треба да се направи за тоа да биде од најголема полза за нив и за татковината. Потребно е само да проверат за што се залагаат штетниците од вмро-дпмне и веднаш ќе знаат дека вистинското решение е токму обратното. Овој закон е проверен безброј пати и речиси никогаш не потфрлил.

Тоа е така зашто злосторничката организација е генетски од другата страна на доброто и не може подруго. Во генетскиот код на вемерето е запишано дека основна цел на постоењето на организацијата е уништувањето на Македонија и претворањето на нејзините културни вредности во ништо.

ВМРО-ДПМНЕ саботер на нашите позиции

Проблемот настанува кога под дејство на астрофизички настани, како што е на пример совпаѓањето на Јупитер со Марс на мрачното небо, може да дојде до непредвидлива вселенска аномалија што ќе создаде привид дека вемерето навистина се залага за доброто на татковината, што според законите на природата е сосем невозможно. Таков е случајот со бугарското вето и неизвесните и исклучително ризични преговори за условите што Македонија треба да ги исполни за да ги почне пристапните преговори за членство во Европската Унија. Оваа аномалија меѓутоа не смее да нè залаже и – со слепа верба дека доброто е во обратна насока од вемеровската, како и секогаш – брзоплето да помислиме дека вмровското жестоко противење на бугарските фашистички уцени е погрешно и дека мораме да ја искористиме шансата по секоја цена.

Суштината е во тоа дека унисоното становиште на сите бугарски законодавни и извршни органи, научни и други институции е всушност становиштето на бугарското вмро, што значи дека сè што доаѓа и ќе доаѓа од Бугарија, ќе претставува тотална негација на постоењето на македонската државна и културна посебност. Оваа негација не е математичка апстракција, туку е облечена во големобугарски шинел и претставува и негација на нашиот суверенитет и територијален интегритет, зашто пак се темели на фашистичкиот ресентиман дека е ова историски блгарска земја на која од почетокот на времето живееле блгари. Ова становиште претставува егзистенцијална закана за нашата земја, и токму затоа случајно се совпаѓа со становиштето и политичките роварења на нашето вемеро.

Имено, нашето ВМРО-ДПМНЕ цели да ја искористи секоја шанса за да ја ослаби позицијата на земјата во сите меѓународни премрежиња, исто како што во домашната политика прави сè да ги уништи институционалните претпоставки за постоењето на македонската кревка демократија. И, токму ова е клучниот фактор зашто вемерето звучно се противи на бугарските уцени: не затоа што се загрижени за кутрата ни татковина, туку поради тоа што непогрешно ја препознаваат кризата во која можат најмногу да ѝ наштетат на македонската позиција. Конечно, во решавањето на спорот со Грците, политиката на ВМРО-ДПМНЕ клучно и непоправливо ги саботираше нашите позиции. Тоа го прават и денес, и тоа секогаш ги става во синергија со активностите на бугарското ВМРО: обете го имаат за цел множењето на Македоња со нула. Накусо, во случајот со бугарското вето, становиштето на вемерето треба да се отфрли априори, за да не ја загадува разумната дебата.

А, умната дебата за тешкава кал во која нè внесе францускиот предлог и неговото прифаќање од страна на бугарското собрание, Ѓоко Спасов одлично ја претстави преку спротивставените ставови на нашите два бивши министра за надворешни работи, Денко Малески и Никола Димитров, и со одлични аргументи го искажа и своето становиште, кое практично се совпаѓа со она на професорот Малески.

Накусо, професорот Малески со голема мудрост објаснува дека малите играчи на суровата меѓународна сцена мора да ги следат „правилата на играта“ што ги диктира политиката на големите сили, зашто само тие правила и сили ја креираат геополитичката стварност. Димитров, пак, се залага за принципиелно одбивање да се прифаќаат за нас штетни и навредливи услови што се спротивни на сите меѓународни норми, а и европски вредности, во чиешто име и ја газиме прегустата кал на патот за Европа.

Своето мислење Спасов го аргументираше со следните ставови што ќе ги изнесам накусо. 1. Не треба да се плашиме дека Бугарија може да нè  „побугарчи“, зашто тоа веќе не е можно; 2. Македонскиот јазик ќе биде европски јазик без оглед што Бугарите мислат за тоа, а историјата никој не може сосила да ни ја менува; 3. Не треба да дозволиме стравот од понатамошните бугарски блокирања да нè блокира да ги започнеме преговорите; 4. Имаме гаранции за нашата позиција од САД; 5. Времето може да биде на наша страна, па треба да веруваме во позитивните промени во Бугарија, ЕУ и во светот, и да им дадеме шанса; 6. Во секоја етапа од разговорите за членство ние можеме да одбиеме продолжување, па заради тоа не губиме ништо ако ги започнеме преговорите и во овие услови; 7. Барањата на Левица и ВМРО-ДПМНЕ за неотпочнување на разговорите за членство се доказ дека тие треба веднаш да отпочнат; 8. Дебатата треба да продолжи, но таа не смее да нè блокира, ниту да нè раскара и 9. На Македонија ѝ се потребни и Денко Малески и Никола Димитров со нивните отрезнувачки аргументи.

Моето скромно мислење по ова прашање го изнесував премногу често на овие страници, па иако немам никакво искуство во решавање дипломатски и меѓународни спорови, ниту, пак, амбиција да се споредувам со проминентните имиња од погоре, не издржав да не ги коментирам разумните аргументи на Ѓоко Спасов. Макар како стилска вежба, и тоа по истиот редослед.

Грда и безмилосна измама

 

  1. Не изгледаше можно ни дека фашистичката ВМРО ќе се повампири во 90-тите, па се случи и уште се случува „невозможното“, та смртните закани што нèдемнат од пред век и половина – и сèуште! – не смееме да ги потценуваме; 2. Јазикот го расточуваме самите, а нашата историја ВМРО веќе сериозно ја загрози и оглупави, така што со бугарскиот притисок во истата насока можеме само забрзано да пропаѓаме; 3. Не нè блокира стравот од понатамошните блокирања, туку неприфатливата агресија врз нашиот суверенитет, па ако сме подготвени потаму да ги прекинеме преговорите, не треба под неприфатливи услови ниту да ги започнеме; 4. Доколку САД нешто ни гарантираат, тоа треба да се одрази на условите под кои ќе ги започнеме преговорите или, накусо, влијанието на САД може да го сметаме од помош само доколку резултира со прифатливи услови за нас, а не како „амајлија“ околу вратот што нè штити од уроци фрлени во канџите на уценувачи и силувачи што го негираат нашето постоење; 5. Доколку е времето на наша страна, тоа кажува дека треба да опстоиме на принципиелните позиции на безусловна заштита на нашите суверени права. Како ќе веруваме во позитивните промени во Бугарија, Европа и во светот, кога сме сведоци на вкупните негативни тенденции и во Бугарија во која се повампири големобугарскиот монархофашизам и во Европа која е во војна, и во светот кој е на работ на светски судир со терминални исходи? 6. Со отпочнување на преговорите со неприфатливи услови во кои големобугарските фашистички барања се нашминкани и вградени во условите и во рамката за преговори ние реално само губиме: самото прифаќање на бугарската уцена нас нè  става во неповратно и непоправливо губитничка позиција; 7. Просерувањето на ВМРО-ДПМНЕ во овој случај не треба да нè збунува: тоа погоре го објаснив, обично тие се сигурен доказ за обратното, но во овој случај се случајно и со сосем други свои злобни мотиви привидно на принципиелната позиција; 8. Ако прифатиме преговори под услови што историски нè девалвираат во она за што се залагаат Бугарите, дебатата веќе нема да има ниту смисла и од неа ќе нема ниту полза; 9. И, да, на Македонија ѝ се потребни и Денко Малески и Никола Димитров и Ѓорѓи Спасов со нивните отрезнувачки аргументи.

 

П.С. Суштинската причина за нашето одбивање на преговорите под овие услови е што францускиот предлог претставува всушност вешта дипломатска измама со која бугарското вето ќе се претвори во услови и рамка за преговори, а на Бугарите ќе им се овозможи со торжествена собраниска фарса само формално да го симнат ветото и со тоа и својата одговорност за блокирање на нашите евроинтеграции. Вешта, но сурова, грда и безмилосна измама на наша штета. Ветото е формално симнато, за да се претвори во услов и рамка за преговори.

Видео на денот