Фонтаните на Марин

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Актуелните градоначалници се обидуваат најдоброто да го дадат во последните месеци од својот мандат. Секој од нив, нормално сака, доколку не добие шанса за нов мандат, да остави зад себе нешто по што ќе го запомнат граѓаните. Кој повеќе, кој помалку!

Пет месеци останаа до локалните избори. Кампањата (иако неофицијално) веќе започна, а некои од актуелните градоначалниците првите жестоки „удари“, прикриени или јавни, ги чувствуваат на својата кожа. Се вадат документи, се држат прес-конференции полни со обвинувања, се протестира, се шпекулира. Едни се препотуваат, други ликуваат. Работат партиските кујни, иако сѐ уште не се пуштени на најсилно.

Првиот човек на Скопје, Петре Шилегов, опозицијата го прозва за набавката на скапата пожарникарска скала, за доделувањето субвенции за инвентери, за брзиот автобуски превоз, за Водно. Јавноста слушна за уште многу „прозивки“, а Шилегов на дел од нив одговараше, за скалата дури побара и Антикорупциска да пресече, а потоа и престана да реагира на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ.

Во Општина Ѓорче Петров се случуваат постојани протести. Речиси секоја недела нов. Граѓаните кои го изразуваат своето незадоволство, во своите изјави нагласуваат дека протестите се натпартиски и дека ги раздвижила заедничката мака. Неколкупати тие го кренаа гласот против изградба на
згради во Хром, Дексион и на други локации низ Ѓорче, потоа со денови по неколку часа беше блокирана улицата Радушка за решавање на инфраструктурни прогреми. Но сепак, маката на жителите од „Даме Груев“ испадна најголема, затоа што четири години им се збирала во душите, па се „прелеала“ токму сега – неколку месеци пред изборите.

Жителите на населбата, кои самите си ја нарекуваат Ге Ге, бараат да се врати нејзиното име во личните карти (каде впрочем никогаш не стоело) и се сомневаат дека бришење на името на револуционерот Даме Груев е дел од договорот за историјата со Бугарија или дека се работи за дооформување на катастарска општина Ново Село за полесно менување на деталниот урбанистички план за вцртување на згради. И никој од нив не ги слушна објаснувањата од Град Скопје дека уште пред пет месеци е побарано да се направи промена во Централен регистер и наместо Ново Село, во личните документи на овие граѓани да стои само Општина Ѓорче Петров.
Проблеми сега пред избори си имаат и градоначалниците на другите скопски општини. Главно околу деталните урбанистички планови и дивоградбите. Општина Карпош деновиве беше обвинета од ВМРО-ДПМНЕ дека објавува половични информации од завршените тендерски постапки, па општинското раководство посочувајќи дека е свесно оти е предизборен период, апелираше до
сите политички чинители да аргументираат со конкретни факти и докази, наместо да
манипулираат со јавноста.

Актуелните градоначалници пак, се обидуваат најдоброто да го дадат во последните месеци од својот мандат. Секој од нив, нормално, сака, доколку не добие шанса за нов мандат, да остави зад себе нешто по што ќе го запомнат граѓаните. Кој повеќе, кој помалку!

Градоначалникот Златко Марин скопјани сигурно ќе го запомнат по тоа што фонтаните низ Аеродром наместо со вода ќе ги наполни со земја и во нив ќе насади цвеќиња и грмушки. Граѓаните така барале, имало многу комарци поради водата, а и одржувањето на фонтаните било многу скапо. Адаптацијата немала само економска, туку и еколошка логика. Во (арогантното) објаснување на
Општината на коментарите на граѓани кои се против ваква постапка, меѓу другото се вели
дека фонтаните се стари по 12 години и неисплатливи за одржување, па затоа „во развиениот свет се адаптираат во зелени (еколошки) оази. Кој прошетал – видел и знае! Кој не, ете има шанса да види и научи“. Е ова, садењето зеленило во фонтаните било најдобрата европска практика, која локалната власт ја носи дома. И така, Општината си најде начин да го го тргне од дневен ред проблемот со фонтаните за чија изградба претходно се потрошени значителни општински пари.
Кога вака би се решавал проблемот, какошто тоа се прави во Аеродром, низ светот би немало фонтани. Патем, фонтаната „Лотос“, на влезот во Градски парк. е стара 50 години.
Се надевам никој нема да добие идеја и да го примени „европското искуство“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот