ФИЛМ РЕЦЕНЗИЈА: Семејството е подобро кога ќе го изберете

Јапонскиот филм „Крадци по продавници“, кој лани ја доби „Златната палма“, а нашата публика имаше можност да го види неодамна, е навидум многу едноставна приказна, а всушност во себе крие голема слоевитост, претворајќи се во силна морална и семејна, или поточно човечка драма. Филмот започнува како социјална приказна за едно семејство крадци, кое живее на маргините, за потоа пополека и дури неочекувано, да отиде во друг правец, говорејќи за суштинските вредности кои секаде се исти, за потребата на човекот да припаѓа, за неговата потреба за љубов, за неговите соништа и желбата да има разбирање и дом, па дури и кога тие се „лажни“.

Навистина е извонредно кога некој ќе успее од толку секојдневни нешта, од работи за кои постојано се зборува и кои се базичен дел од нашето живеење, работи за кои се направени толку многу дела, а повторно, како што би се рекло, од ништо да направи една ваква силна приказна со оригинален приод, која по којзнае кој пат не соочува со нешто што е суштина на нашето живеење. Нешто без кое не можете да функционирате, нешто чија повреда и болка не изминува никогаш, нешто што остава толку силни и трајни последици. Покрај тие луѓе минуваме секој ден без да се завртиме, станувајќи сè повеќе незаинтересирани и игнорантни кон туѓата несреќа, кон оние што се тука покрај нас, но не ги забележуваме, бидејќи веќе се претвораат во некаков „фолклор“ на современото живеење.

Се чини дека познатиот режисер Хироказу Коре-Еда, всушност, прави силна критика, која на прв поглед воопшто и не ја доживувате така, во што, се разбира, и е неговата неверојатна умешност. И тоа не само во поглед на социјалните прашања, туку уште повеќе во поглед на оние семејните, интимните, личните, што умеат да ве претворат во маргиналец, кој не само што ќе талка по продавниците и ќе бара храна, туку уште повеќе талка по маргините барајќи го своето парче среќа. Има во сето тоа една херојска и достоинствена димензија, бидејќи тоа се луѓе што не сакаат да се помират со она со што мораат, туку се обидуваат за себе да креираат еден поинаков свет, да го пронајдат она што им недостига, она што им е одземено, она од што се лишени. Тие, иако не изгледа така, од друга страна, не се губитници или барем не дозволуваат тоа да бидат, создавајќи една прекрасна топлина и поврзаност во домот што ќе го создадат, кој во суштина тоа и не е. Но, дали е така? Впрочем, каде е домот, ако не онаму каде што се чувствувате добро.

Привидот на среќа

Во еден момент бабата, која е столбот на домот, иако буквално била „фрлена“ на улица, ќе рече „фала ти, господе“. Бидејќи, не само што ќе го најде својот дом и своето семејство, туку, како што вели, уште е подобро кога родителите или семејството можеш да ги избереш. Без оглед дали е некој присилен на тоа, но оваа група крадци ќе го создаде она за кое сонуваат и во кое ќе направат едно идилично место за живеење, па макар колку и да е привремено. Во овие маргиналци и нивните, можеби на моменти толку наивни разговори и однесувања, некако е вткаена целата филозофија на живеењето, на оној едноставен живот без кој сте ништо и никаде. Тие ќе успеат да направат и изберат едно такво семејство кое барем привремено ќе им го донесе привидот на среќа, задоволство и припадност, со сето она што го делат и се разбираат, бидејќи животот во суштина и е многу едноставен, особено кога си искрен кон него.

Секој од нив има своја приказна, кои Коре-Еда така добро ги доловува и да речеме склопува на еден индиректен начин, низ нивните постапки, низ болката што во себе ја носат, низ однесувањето во кое на моменти може да се наѕре отфрленоста, бегството, барањето љубов, желбата да им се помогне на другите, дилемите што ги мачат. Интересно е дека сето тоа, всушност, ќе почне да се разоткрива токму кога во нивниот дом ќе го земат девојчето кое ќе го најдат на улица и ќе решат да не го враќаат таму каде што било повредувано. Авторот прави таква приказна во која токму низ меѓусебните односи почнувате да ја разоткривате целата вистина за сите нив, сфаќајќи дека тоа и не е вистинско семејство, туку семејство на „отпадници“. Тоа се луѓе кои ќе се најдат на улица и кои во нивното спојување и заедничко живеење ќе го бараат она што никогаш го немале или она што неповратно го загубиле.

Сè може да се победи

Но, она што е неверојатно е среќата што од нив зрачи, бидејќи тоа семејство кое самите го создале успева на моменти да им го донесе оној привид, успева да им донесе мир и чувство на грижа и свесност на другите за нивните потреби. Цело време младиот Шота (12-годишно момче) чита една приказна за јато риби кое ќе успее да ја совлада и победи големата туна. И некако тоа се провлекува како главната поента и порака што режисерот сака да ја упати, а тоа е дека сè може да се победи со заедништвото, дека кога сме заедно и кога ќе се здружиме, ниеден непријател не може да нè победи, па колку и да е поголем од нас. Тие во тоа веруваат и сите еднакво се подготвени да им помогнат на другите во семејството, или да ја жртвуваат својата работа и среќа за да го заштитат другиот.

И сето тоа го сфаќаат како игра, или како нешто што го прават затоа што мораат но не на штета на другите. Дури и кога крадат, нивниот совет е дека крадат од оние кои имаат, а не од оние кои ќе банкротираат. Но, како што е најчесто, токму во играта и во невиноста, секогаш се крие реалноста, некаде во заднината остануваат прашањата кои се потиснати, но не и исчезнати. Тие го сакаат семејството и веруваат во своите емоции, сè додека не се посомневаат дали тие се искрени. Шота ќе го праша неговиот „татко“ дали кога го украл од колата, тоа било само затоа што дошол да краде, а не затоа што сакал да го спаси. Додека, Аки Шибата ќе биде многу изненадена кога ќе дознае дека нејзините родители цело време знаеле дека таа не е во Австралија. Но, она што посебно ќе ја погоди е сомневањето дали бабата навистина ја сакала или за неа само добро наплатувала.

Потрага по сонот

Едноставно, не можете да побегнете од вистината, а особено од потребата за љубов и искреност, па колку тоа и да звучи патетично. Во филмот навистина не е патетично. Можеби сите тие недоумици, сомневања и разочарувања се нешто што звучи така, но факт е дека тие ни се потребни на сите, дека нема човек кому не му е важно дали е искрено сакан, дали некому му е потребен, дали некој навистина вложува во неговата среќа, дали на некого тоа му е важно. Колку и да е „лажно“ тоа семејство, чувствата се нешто друго, секој од нив го бара во семејството она што му недостига. Затоа и потребата да бидат заедно, за да го заменат, за да го најдат она по што толку копнеат. И нивната среќа е неизмерна без оглед на болката, на животот на маргините, на кражбите или „недостоинствената“ работа, се додека се заедно. Но, кога бродот ќе се разниша, кога верувањата ќе паднат во вода, кога ќе се почувствуваат изневерени, сè се менува.

Што не значи дека од сонот и ќе се откажат. А впрочем и што друго им преостанува. Секој од нив, и откако сите ќе бидат уапсени и испрашувани во полиција, ќе се обиде и потоа да се врати, да го најде изгубеното, или да постапи правилно. Потрагата по среќата, по припадноста, по вербата и заедништвото не умира никогаш. Коре-Еда ќе направи навистина одличен филм, кој зборува за социјалните прашања, но во позадина. Тој во суштина се занимава со човекот, со сето она што го губиме и добиваме во нашата потрага по припадност и среќа, покажувајќи дека сме подготвени да живееме и во привид, само да се чувствуваме како вредни суштества кои некому му значат.

Но, како што реков, филмот е направен извонредно, нема во него баналност или патетика, напротив, тој повеќе работите ги раскажува низ игра, низ слики, низ емоции, но прикажани преку нивните соодноси. Целата сценографија е извонредна и толку автентична. Низ многу добро одбрани детали, одлично водена камера, ефектна употреба на светло и прецизна монтажа, авторот така суптилно ја ткае оваа мала приказна за луѓето, но вечна, тажна и среќна истовремено, полна со болка и потрага по она што ќе ви го донесе чувството на припадност на заедница во која сте подеднакво важни. Во неа тие се обидуваат да се најдат себеси, но да им понудат прибежиште и на сите други на кои тоа им е потребно. А има ли нешто подобро и посилно од тоа кога ќе станете подобри луѓе поради другите, па дури и поради погрешна причина. Исклучителен мал, а толку голем филм, направен со таква едноставност и непретенциозност која ве боли и ве тера да погледнете во другиот. Коре-Еда е виртуоз што дефинитивно ја заслужи канската „Палма“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот