Фалсификувана храна: Ослиќот се продава како бакалар, грашокот се „бои“ во зелено, сланината е од лепени свински парчиња!?

Според експертите дури и кога избегнуваме индустриски преработена храна и купуваме храна за која веруваме дека е здрава, во последните години има се помалку храна во храната, а се повеќе хемикалии кои вешто ја имитираат храната

Се повеќе се зборува за димензиите на фалсификуваната храна, но и со внимание се истражуваат сите наводи на експертите. Според анализата на Телеграф Бизнис, пренесена од српскиот портал Каматица, дури и кога избегнуваме индустриски преработена храна и купуваме храна за која веруваме дека е здрава, тоа често не е така, бидејќи во последните години има се помалку храна во храната, а се повеќе хемикалии кои вешто ја имитираат храната. Така, на пазарот се почесто се откриваат сериозно организирани фалсификатори на храна кои заработуваат многу пари продавајќи неквалитетни производи по високи цени.

-Сите веќе знаеме дека полиците се полни со лажен мед направен од разни шеќерни сирупи, па наместо да јадеме здрав производ, јадеме чист шеќер и неговата најнездрава варијанта. Лажниот мед е тешко да се открие и со сигурност може да се открие само со помош на лабораториски анализи. Маслиновото масло е едно од поскапите на пазарот, па многумина се обидуваат да го искористат тоа продавајќи фалсификати. Така се случува фалсификаторите да пакуваат обично сончогледово масло, кое не чини повеќе од едно евро за литар, со додавање на хлорофил, бета каротен и масло од соја, за да добијат боја и да го продаваат како маслиново масло, кое е многукратно поскапо.

 

Можеби најмногу измами се меѓу морските плодови. Така ослиќ се продава како бакалар, а виетнамскиот сом наместо групер. Поточно груперот игра улога на дури 66 различни риби. Можеби најлоша е ситуацијата кога станува збор за таканаречените опашки од ракови, сурими. Стапчињата Сурими најчесто се состојат од вода, разни видови скроб, а единствените три состојки кои ги поврзуваат со морето се малку мелена риба, арома и екстракт од рак – пренесува Каматица.

Можеби ќе се изненадите, но се фалсификува и грашокот.

-Кога се зема сточниот грашок и соја, се додава зелена боја и се користи натриум метасулфит како избелувач или конзерванс, се добива лажен грашок кој е многу поевтин од класичниот кој е погоден за домашна употреба. Во Кина откриени се огромни количини „пластичен“ ориз. Тоа е ориз направен од компири и синтетичка смола, а во смесата се додава арома за да има вкус на вистински ориз. Иако звучи невозможно, сланината е и фалсификувана. Наместо да се користи едно парче месо за да се направи овој чаден специјалитет, се повеќе се користат различни парчиња, вклучувајќи и остатоци од месо кои се залепени заедно со специјален лепак за месо и се спојуваат во она што го препознаваме како сланина. Една од честите измами во прехранбената индустрија е фалсификувањето на боровинки. Ако производот од боровинки содржи индиго кармин (Е132) на списокот на состојки, тоа значи дека во него нема боровинка, туку само боја и арома што ја имитираат. Најголем проблем имаат кесичките чај, чиј квалитет е нерамномерен и во кои се пакува и прашокот што останува по берењето и сушењето на чаевите – пренесува Каматица.

 Само едно од пет овчи сирења во Бугарија е од овчо млеко?

Во Македонија според нашите сознанија не е направена поспецифична анализа за тоа дали храната што ја купуваме е вистинска или имитација. Тоа значи дека потрошувачите треба да само да им веруваат на зборовите на производителите, дека употребуваат врвни и природни состојки во нивните производи.

Од друга страна, бугарските потрошувачи, презедоа конкретен чекор и анализата на нивната „Асоцијација за прифатлива и квалитетна храна“, покажа дека само едно од пет овчи сирења на бугарскиот пазар е направено целосно од овчо млеко, а останатите се мешавина!? Ова е утврдено со тест во акредитирана меѓународна лабораторија нарачана од оваа Асоцијација, а главната порака е дека бугарските потрошувачи се доведуваат во заблуда со тоа што се бара да платат некои од највисоките цени на пазарот за овој производ. Како што објавија медиумите на нашиот источен сосед, ова е флагрантно кршење на законот за конкуренција, бидејќи во моментов 1 литар од оваа суровина е три пати поскап од кравјото млеко со кое се меша.

Бугарската Агенција за храна и ветеринарство најави дека ќе изврши проверка на податоците кои ги објави Асоцијацијата. И домашните експерти, кои ги консултираше „Слободен печат“ велат дека голем број сирења на пазарот содржат помалку од 50 проценти вистинско сирење, додека остатокот се базира на брашно од глутен, засилувачи на вкус и бои. Ова најчесто се однесува на сирењата како моцарела и чедар.

-Прекршокот е уште посериозен ако се има предвид дека некои потрошувачи купуваат овчо сирење поради алергии или по лекарски рецепт, а присуството на други видови млеко може да доведе до здравствени проблеми. Здружението очекува наскоро да излезат резултатите дали во петте испитани овчи сирења има содржина на немлечни масти. Нивната употреба не е забранета, но производителите нужно мора да напишат на етикетите присуство на растителни масти – објави неодамна „24Часа.бг“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот