Мицкоски: Очекувам ДУИ да биде опозиција за неколку недели

Христијан Мицкоски Претседателски избори 2024 Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Жалам што раководството на ДУИ се уште живее во некои времиња кои се веќе минато. Македонија е на сите граѓани, ниту е федерација, ниту е би, три или четиринационална држава, според Уставот е на сите граѓани, а според демократијата, оној што има 61 пратеник ја формира владата. Не знам како пресметале дека се претставници на мнозинското немакедонско население. Мислам дека сите сме граѓани на Македонија, Македонци, и ценам дека политиката не треба да се гледа како „шведска маса“ па ДУИ да земе малку од СДСМ, малку од ВМРО-ДПМНЕ, малку од друга политичка партија. ДУИ беше 6,5 години со СДСМ во Владата, поразени се во првиот круг претседателски избори, очекувам да бидат поразени и по парламентарните избори и очекувам ДУИ да биде опозиција за неколку недели, рече денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Тој уште еднаш напомена дека на 8 мај очекува убедлива победа на Гордана Силјановска Давкова и на коалицијата „Твоја Македонија“, а за коалицирањето со „Вреди“ и уставните измени ќе се разговара, рече, по изборите. Доколку уставните измени се услов за соработка, повтори дека тој и неговата партија не функционираат врз основа на уцени и закани. Засега, напомена Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ е фокусирана на изборите, а по нивното завршување ќе се седне на маса со опозициските партии.

Мицкоски е дециден дека местото на Западен Балкан е во ЕУ, како и дека ВМРО-ДПМНЕ во своите фдундаменти ги вклучува амбициите Македонија да биде дел од ЕУ, но мора, како што потенцира, Брисел да покаже јасен план и активости за македонската интеграција, за да се види колку е блиска, а колку е далечна европската иднина на земјава.

Одговорајќи на новинарски прашања по средбата со претставниците на Стопанската комора на северозападна Македонија, Мицкоски го прокоментира и ставот на Али Ахмети кој повикува на Мајскиот договор.

-Демократијата се темели на принципот – кој има мнозинство во Палраментот ја формира владата. Не знам за кој Мајски договор зборува ДУИ, не знам за кое правило „победник со победник“. Имаше едно правило во минатото „победник со победник“ кое е резултат на договор од минатото, тој договор и тоа правило самите го прекршија во 2017 година и повторно би потсетил дека политиката не смееме да ја гледаме како „шведска маса“, настрана што ако ВМРО-ДПМНЕ освои мнозинство, како што се очекува, нема ниту елементарна доверба да соработува со ДУИ. Така што, тие мора да одат во опозиција, додаде тој.

Бајрами: Бидете сигурни дека нема да се формира Влада без пратеници од Европскиот фронт

Од ДУИ претходно порачаа дека ниту една политичка гарнитура нема да се формира без пратениците на Европскиот фронт, бидејќи, како што велат, тие се вистинските претставници на албанскиот, турскиот, бошњачкиот, ромскиот народ и сите претставници во оваа платформа.

Техничкиот министер за информатичко општество и администрација Наим Бајрами, од редовите на ДУИ денеска на прес-конференција изјави дека секоја политичка авантура, како што е најавената коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и албанската опозиција „Вреди“, може да биде ризична за иднината на државата.

Османи: Навредливо е да се договараат коалиции без да се слушне волјата на народот

Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи смета дека изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за заминувањето на ДУИ во опозиција и коалицирање со албанската опозиција „Вреди“ е шовинистичка и навредлива. Османи вчера изјави дека Мицкоски не одлучува кој ќе биде претставник на Албанците, за тоа ќе одлучи народот на избори.

-Повредено им е достоинството на гласачите со изјавата дека воопшто нема да биде важна нивната волја за кого ќе се определат. Тоа е омаловажување на волјата на избирачите, тоа не само што на е демократски, туку Албанците ги враќа во времето на Рахман Морина, изјави Османи и додаде дека е навредливо да се збори за коалиции девет дена пред избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот