„Европски пари за фризерница“ било „ветер и магла“: ОЛАФ и Обвинителството ги одмрзнаа парите за проектите на Зоран Златковски

Лидија Димова / Еразмус / Фото колаж на СП

ОЛАФ и Обвинителството ги одмрзнаа европските пари за „фризерницата“ која медиумски беше линчувана за непостоечки злоупотреби.

Не толку одамна, во 2020 година после сензационалистички написи дека „скопска фризерница“ добила 270 илјади евра европски грантови за да спроведе едукација од европската образовна програма „Еразмус Плус“, Јавното обвинителство поведе истрага против фирмата „Вез Трејд“ и нејзиниот сопственик Зоран Златковски. „Вез Трејд“ беше проблематизирана зашто фигурирала како фризерница, а добивала европски пари од грантовите што ги доделувала Агенцијата за европски образовни програми и мобилност.

Во 2024 година, не само што е докажано дека овој човек не е фризер туку е професор што предава претприемништво и бизнис во средно училиште во Скопје – туку е докажано и дека сите грантови што ги добил од „Еразмус Плус“ програмата во 2020 година, а кои биле вкупно четири на број и се однесувале на претприемништво и на медиумска писменост – му биле доделени правилно и без прекршување на законите без да биде извршено ниедно кривично дело и без да се отстапи од правилата на „Еразмус Плус“ програмата.

Со Златковски во ист кош беше ставена и Лидија Димова, тогашната директорка на Агенцијата за европски образовни програми, исто така обвинувана дека доделила пари за едукација на фризерница. Таа за „Слободен печат“ изјави дека откако открила шема на злоупотребени 2,2 милиони евра европски пари во институцијата со која раководела, се нашла обвинета за „тренирање магариња и фризерница“ – нешто за кое што ОЛАФ по спроведена истрага констатирал дека нема никакви неправилности.

Дека навистина немало никакви неправилности во тоа што Златковски етикетиран како „фризерот“ добил грантови, докажува фактот што Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на крајот на 2023 година му ги одмрзнала парите за проектите, кои ги доби неговата фирма „Вез Трејд“ погрешно толкувана како „фризерницата“.  Поточно, Агенцијата ги укина суспензиите за два негови проекта откако ги изврши сите неопходни проверки и ги обезбеди сите документи од надлежните институции. Тоа е крунскиот доказ дека „европски пари за фризерница“ било „ветер и магла“ односно дека во конкретниот случај злоупотреби нема.

Еден од проектите што му беа суспендирани на Златковски веќе се спроведува, за друг му побарале финален извештај за затворање на проектот после што ќе следува порамнување односно поврат на пари, а три проекти кои морале да бидат завршени во 2023 година – пропаднале. Трите проекти пропаднале затоа што имале рок за завршување кој бил 2023 година, а Златковски тогаш имал забрана да ги допре парите, зашто Обвинителството му спроведуваше истрага.

„Слободен печат“ имаше увид во целокупната документација за овој случај со фирмата „Вез Трејд“ и од неа е очигледно дека клучна улога во ослободувањето на Златковски од дамката што му беше ставена имал и ОЛАФ и македонското Обвинителство.

Сите проекти што ги одобрува Националната агенција за европски образовни програми се разгледувани и одобрувани од евалуатори. Тоа се надворешни лица кои во системот на Агенцијата фигурираат под шифри, за да не може никој да ги открие и да им влијае да доделат грант.

За Златковски имаше лажни обвинувања дека тој самиот бил евалуатор, односно дека едноставно речено самиот си аплицирал и самиот си ги одобрувал проектите во Националната агенција. Но, истрагата на Обвинителството покажа дека ова е невистина и дека тој бил ангажиран само како надворешен експерт да им држи обуки на други професори, нешто што не е проблематично и не претставува судир на интереси затоа што Златковски како управител на „Вез Трејд“ имал целосно право да аплицира за проекти во Агенцијата.

Не станува збор за фризер, туку за професор во средно економско училиште, автор на 20 учебници по бизнис кои се внесени во образовниот процес во државата, а „Вез Трејд“ како фирма има образовно портфолио со претходно спроведувани образовни проекти која во централниот регистар од 2021 до 2022 била заведена како фирма со приоритетна дејност „друго образование“ со шифра 8559.

Според потврдени информации на „Слободен печат“, Европската канцеларија за спречување на измама ОЛАФ на скопското Обвинителство му укажала дека во дејствата на Златковски не гледа ни судир на интереси ни елементи на сторено кривично дело. Според ОЛАФ, не е спорно и не е против правилата на „Еразмус“ што „Вез Трејд“ добила грантови во исто време кога Златковски бил предавач ангажиран од Националната агенција за европски програми и мобилност.

Ова е од причина што Златковски, сопственикот на „Вез Трејд“, фирма регистрирана на адресата на фризерницата, подолг временски период имал соработка со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и Агенцијата не го ангажирала во својство на евалуатор кој треба да ги одобрува апликациите за поднесените проекти за „Еразмус Плус“ (на кои проекти бил и добитник) туку бил ангажиран во својство на надворешен експерт.

Според ниедна законска одредба, надворешен експерт не е должен при поднесувањето на апликации во својство на управител на „Вез Трејд“ да поднесе изјава за судир на интереси. Исто така, не постои законска одредба според која Златковски како ангажиран експерт за Агенцијата, би бил спречен или ограничен да учествува на објавените огласи за спроведување на програмата „Еразмус Плус“, односно за добивање грантови. Златковски не ги одобрувал проектите за кои аплицирала неговата фирма и не можел да има влијание врз нив.

– Во мојот случај имаше истрага и јас сум задоволен од тоа што правдата функционираше и се докажа дека не сум виновен, рече за „Слободен печат“ Златковски.

Нашата редакција се обрати кај директорот на Агенцијата Марко Ѓоргиевски за информации во врска со предметот „Вез Трејд“, но до објавувањето на овој текст директорот не одговори на нашите прашања.

Во моментов Агенцијата ја тресе мега-скандал откако Европската канцеларија за борба против измами ОЛАФ побара поврат на 2,2 милиони евра поради злоупотреби. Овие пари не се поврзани со случаите „фризерница“ и „тренирање магариња“ кои се чисти и за македонските и за европските власти, туку се поврзани со друга истрага како и кривична пријава што ја поднела поранешната директорка на Агенцијата Лидија Димова, а за која јавно изјави дека кај неа високи функционери „фаќале врски“ за да ја повлече.

„Слободен печат“ со увид во кривичната пријава констатираше дека се работи за пријава против 23 лица и фирми (има туристичка агенција, физички лица, училишта итн.), за добро разработена мрежа која според наводите го правела и возможното и невозможното за само една мала група да ги добие парите од „Еразмус плус“.

Според пријавата, за 21 проект финансиран од Европската комисија 2,2 милиони евра завршиле кај истите луѓе и тендерите ги добиле истите две фирми поврзани со овие луѓе, а за тоа имало одлична логистика. Европската Комисија си ги бара парите во износ од 2,2 милиони евра во рок од 30 до 45 дена, во предизборен период поради што тие ќе бидат исплатени од државниот буџет на сите граѓани, иако за ова Обвинителството уште нема почнато ни истрага, туку уште се наоѓа во предистражна фаза.

Од ОЛАФ за „Слободен печат“ велат дека не се во состојба да одговорат на нашите прашања во врска со нивната истрага после која се бараат 2,2 милиони евра да бидат вратени.

„ОЛАФ вообичаено не коментира за случаи на кои можеби работи, а можеби не работи. Ова е со цел да ја заштитиме тајноста на кои било можни истраги и тајноста на можните судски постапки, како и за да ги заштитиме личните податоци и процедурални правила. Имајте предвид дека годишните извештаи на ОЛАФ содржат примери на случаи и статистики што можеме јавно да ги објавиме. Овие извештаи на ОЛАФ содржат податоци за затворени случаи во дадена година и извештајот за 2023 година се очекува да биде објавен во јуни годинава, изјавија за „Слободен печат“ од Канцеларијата за контакти со медиумите на ОЛАФ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот