Европа и просперитет, или повторно празна конзерва

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

СДСМ се претвора во сериозна политичка партија која си поставува државнички цели, притоа, таа е главниот стожер во плуралноста на државата, главен канал за неутрализирање конфликти, што впрочем, а тоа неписмените лаици мора да го знаат: политичките партии, пред сѐ, се тука да ги неутрализираат општествените судири, а потоа да ги уредуваат меѓучовечките односи, некогаш подобро, некогаш полошо. Ама сепак, политичките партии служат за тоа. Па потоа за сѐ друго.

Магистралата на мислење денес во оваа земја е следна: СДСМ се занимава како да ја поврати економијата, како да го зграби безусловниот датум за преговори со Европа, како да им ја ублажи корона-кризата на граѓаните која реално беше страшна, додека, пак, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за катастрофа, ерозија на системот и хибриден режим. Тоа е денес понудата на главните чинители во политиката, таква ќе биде и натаму наративот во медиумскиот простор сѐ до изборите. Притоа, ако не може да се разговара за важни политички прашања кои се од „национален интерес“, ако не може да се донесе консензус за ништо, општеството дополнително се поларизира, што во превод би значело, „За кого си ти, сине“?, а под око се очекува друго потпрашање: „Против кого си“?

Јас сум еден од оние луѓе што стојат на ставот дека „личното е политичко“, па ако е така, а така е, сакам да се „карам“ со луѓето во политиката ако проценам дека имаат спротивен вредносен систем од мојот; тоа не значи дека не го уважувам нивниот став, туку едноставно сакам да полемизирам со оние луѓе со кои базично не се согласувам.

Денес, пак, мислам и тоа: Северна Македонија по сите параметри е (зарем ви треба друг параметар од пред и по времето на Груевски?) лидер во регионот. Добро, море, Јовановиќ, ќе „гракне“ дежурниот „коментаторлак“ – како ги мериш тие твои параметри, каква топла вода измисли Заев и СДСМ? Нема монументални мисли во СДСМ, не измислија ниту топла вода, едноставно, во себе имаат нормална и човечка памет, базична човечка и интелектуална чесност, граѓански фер плеј, неверојатно снаоѓање во просторот и времето, лишени од штетни халуцинации и илузии, непостоење или невидливост на суета, пристојност и уважување на гледачот и слушателот… Да ви набројувам уште?

Заев и СДСМ прво го победија Груевски за потоа да го решат името, по извесно време (за само неполни три години) да влеземе во НАТО, за веднаш потоа да добиеме чист датум за почеток на преговорите со ЕУ. Покачуваат плати, се обидуваат да ја закрепнат економијата, ги санираат штетите од коронавирусот… СДСМ се претвора во сериозна политичка партија која си поставува државнички цели, притоа, таа е главниот стожер во плуралноста на државата, главен канал за неутрализирање на конфликти, што впрочем, а тоа неписмените лаици мора да го знаат: политичките партии, пред сѐ, се тука да ги неутрализираат општествените судири, а потоа да ги уредуваат меѓучовечките односи, некогаш подобро, некогаш полошо. Ама сепак, политичките партии служат за тоа. Па потоа за сѐ друго.

Конкурентот на Заев и СДСМ е Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Добро, море, Јовановиќ, а каква е денес таа партија ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер Мицкоски? Каков лидер, таква партија, тоа би била најблагата дефиниција за денешната алтернатива на Заев. Партијата која е хомофобична, ксенофобична, расистичка, националистичка, обратно од сѐ она што се подразбира за „проевропско“ и цивилизациско. ВМРО-ДПМНЕ може да биде добра конзервативна десница, но не може денес да биде тоа затоа што има „болна“ елита. Таа нивна болест за општеството е кобна. Кобна е затоа што ја краси: себичност, кукавичлак, интелектуална инфериорност, тесноградост, неповратно длабока компромитираност, аморалност и спремност да се жртвува секој заради малку лична власт и државна маст. Па уште и бараат апсолутна власт – тотално нереформирани! – на следните предвремени парламентарни избори. Сакаат ли повторно да јаваат најлошите меѓу нас, уште побрутални, уште порадикализирани одошто беа во времето на Груевски?

Земете го за пример само Мицкоски. Погледајте го како тој човек се однесува. Слушнете го како и за што зборува. И ќе ви биде јасно каква слика остава за земјата на која и се „намерачил“ да ја води. Што да речеме за неговите најблиски „гуланфери“, сите од-ред-наред инфериорни на неговиот депримирачки примитивизам и ништожност.

Може ли од Наќе нешто да разберете, да научите, да сфатите што прави таму кај што прави? Можете ли од Јанушев нешто да научите, да сфатите… Можете ли од оние јапи-деца околу Мицкоски нешто да научите, освен да ги гледате како одговараат милион пати исти и полумртви тези од кои ниту уличните кучиња не би можеле да ги соџвакаат, а камоли да ги соџвака нормален и пристоен граѓанин кој има малку-од-малку увид во македонските политички собитија.

Mоже ли од овие луѓе да слушнеме нешто разумно и човечко, може ли да слушнеме од луѓето што ѝ го запреа крвотокот на земјата нешто смислено, точно и пристојно? По цели денови сеат длабоки и погрешни термини, превртуваат лоши конотации, па сфаќа човек, оти не е глупав, дека тоа се исти оние потрчковци на Груевски, само денес се малку променети, па уште и претенциозно ни се претставуваа за авторитети, а Мицкоски дури ни се претставува и за „лидер“. Тјах!

Ќе влета повторно Заев, немојте да го потценувате, ќе ни покаже повторно дека сѐ може подобро и поинаку, ќе влета Заев повторно да ни каже дека може уште еднаш, срчено и искрено, но нималку наивно, а сепак доследно и добронамерно, и без никакви „керефеки“. Ќе влета повторно Заев, ќе докаже уште еднаш дека оваа мала и мултиетничка држава е пример на целиот Балкански Полуостров за соживот, пријателство и соработка. Ќе влета повторно, да ми верувате на збор. Ќе докаже повторно дека може подобро и повеќе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот