Еурофарм Пелистер славеше во дербито, но Вардар 1961 повеќе се радуваше во Битола

фото: rkeurofarmpelister.com

Денеска во дербито на македонската ракометна Суперлига во салата „Боро Чурлевски“ во Битола актуелниот шампион Еурофарм Пелистер триумфираше против големиот ривал Вардар 1961 со 29:25.

Иако на крајот победија играчите на Александар Јовиќ, повеќе се радуваат ракометарите на Владо Недановски бидејќи ќе останат на врвот во групата „Б“.

Вардар и Пелистер имаат по 21 бод, но скопските „црвено-црни“ остануваат како првопласирани поради победата од пет голови разлика во првиот меѓусебен меч сезонава (30:25). Доколку остане ваква ситуацијата до крајот на прелиминарната фаза во првенството, тогаш Вардар ќе пренесе три бода во плеј-офот.

Еурофарм Пелистер до крај го контролираше резултатот во своја корист, на стартот од натпреварот стекна водство од 7:1, па имаше 9:3, а дојде и до „плус седум“ (14:7). На паузата домаќинот водеше со 18:11, а на стартот од второто полувреме достигна и највисоки 23:14.

Не се предаваа гостите, постепено ја намалуваа негативата во вториот дел, дојде до 23:16. И на 10 минути до крајот на средбата битолската екипа водеше со девет голови разлика, но повторно Вардар се враќаше во игра, и дојде на само „минус пет“ (29:24) по голот на Јагуриновски. А по клучната одбрана на Томовски, во контранапад во последните секунди гол постигна Ѓукиќ.

Кај стрелците, во редовите на Еурофарм Пелистер по пет голови имаа Тајник и Костески, а на спротивната страна за Вардар по четири погодоци запишаа Срдановиќ, Родригез и Лазаревски.

Во неделата се одигра уште еден меч, Голден Арт како домаќин со 30:21 го совлада Мулти Есенс. Табела: Вардар 1961 21 бод, Еурофарм Пелистер 21, Бутел скопје 15, Тинекс Пролет 12, Голден Арт 10, Прилеп 7, Мулти Есенс 6, Вардар Неготино 3.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот