ЕУ воведува нов метод за забрзување на постапката за усвојување на законите

Знамиња на Европската унија / Фото: МИА

За забрзување на долгата процедура за усвојување на законските предлози, директивите или регулативите во Европската Унија, институциите на ЕУ го воведоа методот наречен „тријалог“ меѓу Европската комисија, Советот на ЕУ, и Европскиот парламент.

Вообичаената практика во рамките на ЕУ е Европската комисија да подготви некаков законски предлог, директива или регулатива, што потоа ги доставува во Советот на Унијата, Европскиот парламент и земјите членки. По ова, следи првото читање на предлогот, при кое европратениците може да го надополнат или изменат со амандмани. Вака надополнетиот или изменет предлог поддржан од Европарламентот потоа се доставува до Советот на ЕУ, кој може целосно да го прифати онака како што му е доставен, со што процедурата би завршила или да изврши измени во него, по што тој се препраќа на второ читање до европратениците.

Европскиот парламент при второто читање одлучува по изменетиот предлог. Доколу го прифати, тогаш тој се смета за усвоен и тука завршува постапката за негово усвојување. Но, доколку европратениците при второто читање решат да предложат дополнителни измени на предлогот, по таквата нова верзија треба одново да се изјасни Советот на ЕУ и да реши дали ќе го прифати или отфрли. Европскиот парламент при второто читање, исто така, има право и да го отфрли изментиот предлог.

Во случај на неприфаќање на предлогот од некоја од двете институции на ЕУ, се преминува кон фазата на „помирување“. За таа цел се формира посебна комисија составена од претставници на Европскиот парламент и Советот на ЕУ со цел да се постигне договор околу содржината на предлогот. Доколку не е можно постигнување на компромис, тогаш постапката завршува и предлогот се смета за дефинитвно отфрлен.

Меѓутоа, ако при „помирувањето“ биде постигнат компромис, новата верзија на предлогот одново се враќа на трето читање во Европарламентот и во Советот на ЕУ, односно на разгледување и усвојување. Доколку и двете институции го поддржат компромисниот предлог тој е усвоен и продолжува процедурата за негово стапување во сила. Но, доколку која и да било од двете институции го одбие компромисот, предлогот дефинитивно се отфрла.

„Триајалогот“ како метод за премостување на трите фази

За да се забрза целиот овој процес и да се добие во ефикасност, ЕУ го воспостави методот на „тријалог“. Станува збор за неформални групи составени од три члена – по еден претставник на Еврокомисија, Европскиот парламент и претседателството на Советот на ЕУ, со задача да го усогласат секој законски предлог.

Секој од членовите на групата го изнесува претходно утврдениот став на институцијата што ја претставува и на тој начин со преговори во рамки на „тријалогот“ се прави обид за усогласување на содржината на предлогот со цел да се избегне развлекување на постапката во трите фази согласно процедурите на Унијата.

Според Државниот секретаријат на Советот на Европската Унија, методот на „тријалог“ се покажал како мошне успешен.

Податоците на Секретаријатот укажуваат дека благодарение на „тријалогот“ речиси 90 отсто од предлозите се усвојувани уште при првото читање, а само два проценти дошле до фазата на помирување.

Зајакната улога на Европарламентот при носењето на законските предлози

Советот на ЕУ го сочинуваат по еден претставник на секоја земја членка и таму одлуките по правило се носат со консезус, освен со исклучоци за одредени прашања за кои е доволно и одредено квалификувано мнозинство.

Од друга страна, Европскиот парламент го сочинуваат пратеници избрани на непосредни избори во секоја членка и нивниот број во секоја држава зависи од бројот на нејзините жители, со одредни отстапки при одредување на процентуалната застапеност со цел да се избегне целосна мајоризација во полза на земјите со поголем број жители.

Во минатото главниот збор при усвојувањето на какви било законски предлози, регулативи или директиви го имаше Советот на ЕУ, додека улогата на Европскиот парламент беше чисто советодавна.

Но, со усвоените реформи за функционирање на ЕУ последниве години, Европскиот парламент доби поголема моќ при носењето на законските регулативи, со исклучок на оние поврзани со финансиите и правдата.

Со зголемената моќ на европартениците се усложни и успори процедурата за усвојување на законските предлози, поради што ЕУ се реши на воведување на „тријалогот“.

ИЗВОР: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот