ЕУ смета дека на изборите во Азербејџан има недостиг на транспарентност и сериозни нерегуларности

Избори во Азербејџан / Фото EPA-EFE/ROMAN ISMAYILOV

Подготовките за претседателските избори во Азербејџан беа спроведени ефикасно, но целиот изборен процес го одбележаа задушување на критичките гласови и отсуството на политички алтернативи, се наведува во реакцијата на Европската служба за надворешни работи на изборите во средата на кои азербејџанскиот претседател Илхам Алиев обезбеди петти мандат освојувајќи 92,1 отсто од гласовите.

– Изборниот ден беше севкупно мирен, но набљудувачите пријавија широко распространето непочитување на предвидените процедури, недостиг на транспарентност и бројни сериозни нерегуларности, се наведува во реакцијата на ЕУ врз основа на прелиминарните наоди и заклучоци на Набљудувачката мисија на изборите на ОБСЕ/ОДИХР.

Во соопштението се посочува дека според Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, изборите се одржале во рестриктивно политичко опкружување и според законодавство кое ги ограничува основните права и слободи, вклучително и слободата на собирање, изразување и на медиумите.

– Европската унија ги повторува своите очекувања дека азербејџанските власти ќе ги прифатат и ќе ги спроведат препораките на ОБСЕ/ОДИХР во врска со овие и претходните избори. ЕУ останува ангажирана во дијалог и соработка со Азербејџан, вклучително и за доброто владеење, човековите права и владеењето на правото за доброто на азербејџанскиот народ, се додава во соопштението.

Централната изборна комисија на Азербејџан денеска соопшти дека пребројувањето на гласачките ливчиња е завршено и дека, според првичните резултати, Алиев освоил 92,1 проценти од гласовите.

Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР вчера соопшти дека гласањето на изборите во Авганистан се карактеризирало со отсуство на вистински политички алтернативи во рестриктивно опкружување и дека има индикации за измами на начин што едно лице предавало повеќе пополнети гласачки ливчиња. Според меѓународните набљудувачи, има и сериозни прашања во врска со пребројувањето на гласовите и објавувањето на резултатите од изборите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот