ЕУ сака да формира обвинителска канцеларија која ќе собира докази за руските злосторства

Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Првиот чекор во борбата против неказнивоста на злосторствата извршени во руската агресија против Украина би можел да биде формирање на обвинителска канцеларија која ќе собира докази, изјави комесарот за правда на Европската комисија, Дидие Рејндерс.

Тој ја дал изјавата пред почетокот на неформалниот состанок на министрите за правда во Стокхолм, каде што една од главните теми е како да се осигура дека воените злосторства во Украина нема да поминат неказнето.

Канцеларијата би била лоцирана во Хаг, во седиштето на Агенцијата на ЕУ за правосудна соработка по кривични прашања.

Рејндерс вели дека канцеларијата може брзо да се отвори. Европската унија се залага за формирање специјален суд за руските злосторства во Украина, а во очекување на собирање критична маса на поддршка во меѓународната заедница, сака да започне со собирање докази.

На крајот на ноември минатата година, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предложи формирање на специјализиран суд со поддршка на Обединетите нации, кој ќе суди за руските злосторства. „Русија мора да плати за своите ужасни злосторства, вклучително и за агресијата врз суверена држава”, рече Фон дер Лајен.

На маса има две опции – едната е формирање на ад хок меѓународен суд, како Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, а другата е таканаречената хибридна опција, каде еден национален суд, најверојатно украински, но со меѓународни судии, би суделе за злосторствата на руска агресија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот