„Et maintenant que vais-je faire“

Пред речиси 60 години, Жилбер Беко со оваа шансона го освои светот. Денес и пред РСМ се поставува дилемата „што сега да правиме“.

Либретото на песната за идната Европска Унија што сега ја потпевнуваме, го напиша францускиот министер за надворешни работи Робер Шуман, а аранжер на сегашната актуелна мелодија е францускиот претседател Емануел Макрон. Случајно двајца Французи.

Брисел не беше Ватерло, белгиско село, во чиј атар Наполеон Први беше поразен од „седмата коалиција“, што беше и крај на неговите амбиции да ја покори Европа. Нашата европска перспектива не е покорена, таа е само загрозена.

За евентуалните наполеоновски амбиции на францускиот претседател не би шпекулирал, останувам на домашниот терен. Но очигледно е дека со спроведување на германските дисциплински мерки во регионот на Западен Балкан не се успеа доволно во европеизацијата, па се потребни нови методи, односно дисциплински дрилови („потта при обуката ја спречува крвта на теренот“), применувани во познатата легија, формирана од францускиот крал Луј Филип Орлеански.

Проширувањето на ЕУ не е емоционален процес, туку процес што има политички последици и ги зема предвид состојбите во државата, состојбите во општеството, земјата во целост како и капацитетот на економијата. Советот на Европската Унија, сепак, го респектирал објаснувањето на претседателот Макрон да се разгледа модернизацијата на процесот на проширувањето на ЕУ.

Макрон не е против проширување на ЕУ. Францускиот амбасадор во Белград, Фалкони, изјави дека „на Скопје и на Тирана не им е речено ‘не’, туку ‘да, ама’ и ‘да, ако’“. Тука влегуваме во дисхармонија на ставовите на Владата на РСМ или на инволвираните личности „дека ние сме ги исполниле сите услови“. Сите баш?

Вратата на ЕУ не е затворена. Тоа ќе биде потврдено и на Самитот на ЕУ со Западниот Балкан во мај идната година. Дотогаш имаме шест месеци, од кои три, а можеби и сите шест, ќе ги изгубиме поради предвремените избори кои ништо нема да променат. Затоа се поставува прашање – што сега да правиме? Пред да ги прочитате моите забелешки во десет точки, да напоменам дека можеби доцнам со советите, бидејќи секако дека Дипломатскиот клуб или Амбасадорскиот совет веќе ги доставиле своите визии.

Прво, да се исфрли синтагмата „алтернатива“. Уште во 1993 година се определивме за членство во НАТО и во ЕУ. Шанса за НАТО имаше и во 1999 година, а за ЕУ – во 2008. Двете не ги искористивме.

Алтернатива секогаш постои, но пред да се определиш за целта. Алтернатива не е штетна. Таа може да помогне да се постигне главната цел. Примерот на ЦЕФТА, но не оваа сегашнава, осакатена, туку изворната и навремената. Србија потпиша спогодба за слободна трговија со Евроазиската унија. Членство во ЕУ не е сон, туку континуиран процес.

Второ, привилегирано партнерство не е алтернатива.Тоа е концепт, прифатен или не. Од Турција одбиен по теркот „или сè или ништо“. Но,Турција е моќна држава, важна алка во Алијансата.

Трето, треба да престанеме со самофалбите дека сме лидер во регионот по реформите. Споредувањето има смисла ако се врши со респектабилните демократски држави и нивните достигнувања.

Четврто, треба да се биде внимателен во изјавите, особено водечките политичари, од типот „неправда, сите губиме, хаос во регионот, радикализам, неизвесност, враќање во темни времиња“, се емотивни и мотивирани од внатрешни потреби. Дејството им завршува во нашите граници.
Петто, прием во НАТО и ЕУ не се успех на една политичка партија. Тоа не адут за победа на избори. Успехот е заеднички. Опозицијата треба да охрабрува и партиципира, а власта не треба тој факт да го злоупотребува.

Шесто, немаме време за импровизации од типот „дајте ни датум па да видите што ќе направиме“. Немаме време за слободен од. Немаме време за племенски партиски војни. Немаме време да толерираме какви било кадровски импровизации. Коалицирањето треба да биде во полза на граѓаните, а не во полза на партиите и на нивните сајбии или донатори.

Седмо, трчањето по Брисел многу не помага. Не правиме разлика меѓу лобирање и редовни дипломатски активности. И едните и другите лаички пристапуваат во сложените операции на воспоставување потесни односи. Тука одлучува, пред сè, изборот на личностите кој е традиционално погрешен.

Осмo, кохабитацијата значи и синхронизација на активностите, што не е случај. Сега е барем полесно да се спроведува. Протоколарните гафови ни станаа неизоставен декор. На приемот по повод националниот празник на Австрија (26 октомври) не се појави претседателот на РСМ, кој неодамна беше во официјална посета во Виена, премиерот кој годинава ја започна со учество на Виенскиот бал (домаќин – сојузниот канцелар Курц) и МНР, Никола Димитров, кој непрестано се гушкаше со МНР, Себастијан Курц, додека беше на таа функција. Можеше да го испрати кариерниот дипломата, Андреј Жерновски, кој е негов заменик. Така не се лобира. Австрискиот амбасадор нивното отсуство секако го депонирал.

Деветто, предвремените избори се опасност за нарушување на познатите услови на кои инсистира ЕУ. На нив не се брани честа и угледот на премиерот по одлуката на Брисел, туку се манифестира ниво на демократијата, односно слободен избор. Опозицијата во изборите ги фрла последните спасувачки појаси, не за спас на нацијата, туку на избеганите нивни протагонисти, оние што се веќе во затворите, оние за кои се бара естрадиција, оние што секојдневно бегаат и оние што допрва ќе бидат процесирани.

Десетто, не најмалку важно, е ниското ниво на дипломатијата, па и самиот Синдикат на дипломати мора да реагира. Квалитетот и професионалноста мора да се подигне. Последен пример е твитер-честитката на Димитров по повод националниот празник на Австрија со текст:„Einen schoenen Nationalfeiertag Oesterreich“, текст што вообичаено се пишува по повод Велигден, Нова Година, роденден или пак „Muttertag“.

Што ние да чиниме сега? Да се држиме до наведените точки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот