Епидемијата на ебола во Гвинеја поврзана со епидемијата од 2014-2016 година, вели ЦДЦ
Избивањето на нова епидемија на ебола во западноафриканската држава Гвинеја е директно поврзана со разорната епидемија во регионот од 2014 до 2016 година, соопшти денеска Африканскиот центар за контрола на болести (ЦДЦ).
Секвенционирањето на гените покажа дека сегашната епидемија е резултат на обновување на вирусот што претходно циркулираше во Западна Африка, изјави шефот на африканскиот ЦДЦ тим за борба против ебола Мерави Арагав, пренесува ДПА.
– Ова е навистина загрижувачко. Тоа значи дека вирусот може да живее подолго кај преживеаните од ебола отколку што се претпоставуваше порано, рече Мерави Арагав.
Научниците претходно претпоставуваа дека вирусот може да преживее само неколку месеци во телото на пациент кој имал ебола, а не неколку години, рече Мерави.
Треба да се направат дополнителни истражувања за да се разјасни дали тековната епидемија е предизвикана од тековен, претходно неоткриен ланец на инфекција или од некоја постојана хронична инфекција, додаде Мерави.
Повеќе од 11.000 луѓе починаа за време на епидемијата на ебола во периодот 2014-2016 година, што најмногу ги погоди западноафриканските нации Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне.
Гвинејските власти објавија избувнување на нова епидемија на ебола минатиот месец, додека Демократска Република Конго, исто така неодамна соопшти за нова епидемија, дванаесетта во оваа централноафриканска земја.
Досега се откриени 30 случаи на ебола во обете земји, 12 во Конго и 18 во Гвинеја, според ЦДЦ.
Вирусот ебола предизвикува треска и често доведува до масовно внатрешно крварење и смрт.