Енергетски ефикасни домови и еколошки превоз – приоритет на градот и на општините

Жената била пренесена во Градска општа болница „Св. Наум Охридски" каде ѝ биле констатирани тешки телесни повреди./Фото: Град Скопје

Субвенции за набавка на инвертер клима-уреди, електрични тротинети, средства за обнова на фасада, за реконструкција на покриви, за набавка на нови ПВЦ надворешни прозорци и врати, за набавка на велосипеди. Ова се само дел од можностите што ги нудат дел од скопските општини и градот Скопје, а со кои граѓаните можат да си набават еколошко превозно средство или пак да им се олесни набавката на енергетски-ефикасно грејно тело во домот. Со можноста за субвенционирање, жителите на општините кои им го нудат тоа, ќе можат да си купат и нови прозорци и врати, но и да ја подобрат енергетската ефикасност во домот во кој живеат со изработка на нова фасада.

Како што информираат од Град Скопје, во градскиот буџет за оваа година предвидени се средства за набавка на велосипеди, тротинети и електрични возила на две тркала, а за таа намена како и минатата година предвидени се 10 милиони денари.

– Годинава финансиски средства се предвидени и за субвенционирање на граѓаните за набавка на инвертери со капитални дотации од Владата, каде се предвидени 120 милиони денари. Условите за аплицирање, ќе бидат исти како лани и ќе бидат опфатени сите граѓани кои ги исполнуваат истите а набавиле инвертер клима-уред од 1.1.2021 година па наваму – информираат од Градот.

Градските власти меѓу другото ги потсетуваат граѓаните дека од почетокот на проектот за субвенционирање на граѓаните за набавка на инвертер клима-уреди, Градот Скопје престана да дава субвенции за набавка на печки на пелети.

– Дополнително, и оваа година Град Скопје предвидува 1 милион денари за чистење на оџаците на домаќинствата, каде ќе ги субвенционираме домаќинствата до 1200 денари. Со ова помагаме во борбата против загадувањето на воздухот, каде што една од поголемите причини за емисија на штетните честички е затоплувањето на објектите што не се приклучени на централно греење, пред сѐ заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците – заклучуваат од Град Скопје.

Од Општина Карпош информираат дека овој месец ќе распишат повик за доделување субвенции за велосипеди. За оваа намена се предвидени 500.000 денари.

Општината Ѓорче Петров нема предвидено средства за субвенциите.

Скопската општина Кисела Вода оваа година на жителите ќе им додели субвенции за обнова на фасади и лифтови. 

– За обнова на фасади, Општина Кисела Вода од буџетот издвои четири милиони денари, а за обнова на лифтови три милиони денари. Правилникот за фасади е изгласан од Советот на Општина Кисела Вода, и во следниот период ќе биде објавен оглас, во кој ќе бидат дефинирани условите. Правилникот за лифтови се подготвува. Кога ќе биде подготвен, ќе биде доставен до Советот на Општината – објаснуваат од Општина Кисела Вода.

Општината Аеродром најави дека во рамките на програмата за енергетска ефикасност „Замени“, која ќе се реализира во рамките на Стратегиската платформа за локален економски развој 2021-2025 година „Аеродром – прва општина со европско знаменце“, на жителите ќе им овозможи субвенционирање на обнова на фасада, реконструкција на покрив, нови ПВЦ надворешни прозорци и врати, набавка на лифт, „смарт“ систем за користење заедничка електрична енергија како и инвестирање во фотоволтаични покривни површини за генерирање соларна енергија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот