Економските реформи мора да продолжат: Недостигот од квалификувани работници влијае врз продуктивноста

Фото: EPA-EFE/RONALD WITTEK

Европската комисија нѐ пофали за дополнително подобрената фискална транспарентност, но забележува дека биле запрени реформите на даночниот и на пензискиот систем, почнати во 2019 година. Во Извештајот за напредокот на земјата, и ЕК констатира дека реализацијата на капиталните инвестиции е на ниско ниво (до крајот на август, вкупно 39,52 проценти).

Со оглед на фактот дека Извештајот е претходно подготвен, во меѓувреме, министерот за финансии Фатмир Бесими најави дека планирањето на капиталните инвестиции ќе се зајакне, а воедно и нивното следење. Ќе се направат посебни единици и тела во Министерството за финансии и во Владата за следење на капиталните инвестиции. ЕК, посочува и дека стабилизацијата на јавниот долг сè уште не е обезбедена. Тој изнесува 59,5 проценти од БДП на крајот на јуни, а сите индикатори предупредуваат на негово зголемување со претстојните задолжувања за четвртиот економски пакет.

– Властите презедоа низа мерки за поддршка на компаниите и домаќинствата за да го ублажат економското и социјалното влијание на кризата. Фискалната транспарентност беше дополнително подобрена. Сепак, фискално значајните реформи во оданочувањето на доходот и системот на пензии, воведени на почетокот на 2019 година, забележаа назадување, пишува во Извештајот.

Европските експерти нагласуваат и дека пред да се појави кризата, стапките на невработеност продолжиле да опаѓаат, а се намалило и неформалното вработување. Во 2019 година, стапката на невработеност се „дотера“ на 17,3 проценти, а се проценуваше дека таа со минимална разлика ќе се задржи и оваа година. Сепак, позитивниот тренд веројатно ќе се промени поради кризата ковид-19. Проблем за бизнисот и натаму останува високиот удел на неформалната економија, се наведува во делот од извештајот за исполнувањето на економските критериуми. Со години, нејзината стапка се движи во рамките меѓу 20 и 30 проценти и покрај сите напори за нејзино искоренување.

ЕК, нè пофали и дека финансискиот сектор останал солиден, а заемите за приватниот сектор биле зајакнати, а се нотира и дека земјава постигнала одреден напредок и е умерено подготвена да се справи со конкурентските притисоци и пазарните сили во рамките на ЕУ. Интеграцијата во ЕУ во смисла на трговија и инвестиции дополнително се напредува, а извозот и индустриското производство дополнително се проширија со производи од повисока вредност.

– Недостигот на вештини, како одраз на недостатоците во образовниот систем и одливот на квалификувани работници, како и јазот во инвестициите во инфраструктура, ја нарушуваат продуктивноста на трудот и конкурентноста на економијата. Навременото решавање на овие структурни потреби, би поттикнало побрзо економско закрепнување и раст на вработувањето по кризата, пишува во Извештајот.

За да се подобри функционирањето на пазарната економија, ЕК препорачува да се обезбеди  фискален простор за поддршка на закрепнувањето по ковид-кризата преку подобрување на собирањето на приходите, спроведување јавни инфраструктурни проекти и подобрување на управувањето со јавните инвестиции. Се препорачува и зајакнување на фискалното управување, транспарентност и одржливост преку воспоставување фискални правила, соодветна среднорочна буџетска рамка и фискален совет, продолжување со спроведувањето на Стратегијата и акцискиот план за 2018 година за формализирање на неформална економија и подобрување на ефективноста и транспарентноста на државната помош.

Со европски пари до видливи промени

Финансиската поткрепа од девет милијарди евра преку ИПА, во комбинирана форма на грантови и поволни заеми за да се поддржи економската конвергенција на Западен Балкан со Европската Унија, ќе испрати силна порака за поддршка на европската перспектива на регионот и за комплементарноста на реформските процеси со забрзаниот економски развој, напиша премиерот Зоран Заев на ФБ. Со девет милијарди од Претпристапниот инструмент и дополнителни потенцијални 20 милијарди јавни и приватни инвестиции преку Гаранцискиот фонд за западен Балкан, ЕК се надева дека ќе донесе опипливи промени на терен за државите и за граѓаните во наредните пет до шест години.

Планот има за цел да го поврзе Западен Балкан со ЕУ и меѓусебно на поефикасен начин преку патишта и железници, а паралелно да се инвестира во зелената транзиција, преку намалување на употребата на јаглен и лигнит. Енергетската транзиција би требало да помине преку гас и хидроген, што, според студиите, би овозможило намалување од 60 отсто на штетни стакленички емисии во регионот. Дигиталната транзиција, како друг столб на овој план, треба да овозможи да се сопре одливот на мозоци од регионот, да се инвестира во образованието, но и да се инвестира во потребната инфраструктура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот