Еколошка катастрофа на водите се заканува од депонијата на Југохром, државната ревизија открива дека пречистителната станица не се одржува како што треба

Токсичен индустриски отпад од Југохром/Фото: архива на Слободен печат

Еколошка катастрофа и силно загадување на подземните води се заканува од депонијата на поранешниот ХЕК Југохром во Јегуновце, предупредува Државниот завод за ревизија, затоа што Министерството за животна средина не ја одржува квалитетно пречистителната станица за водите што се слеваат од депонијата полна со 7.500 тони шестовалентен хром, кои се историско наследство од работењето на овој некогашен хемиско-електрометалуршки комбинат. Во извештајот на ДЗР за работењето на Министерството за животна средина за 2022 година, кога министер беше Насер Нуредини од ДУИ, се наведени низа пропусти на министерството, кое, пак, по затворањето на фабриката со договор се обврза да обезбеди контиунуирана работа на пречистителната станица за да се спречи евентуалното загадување на подземното езеро под планината Жеден и скопскиот извор Рашче.

Ревизорите утврдиле дека дел од опремата за пречистување на водата е амортизирана и нефункционална и постои недостаток од резервни делови, па функционирањето е отежнато. Исто така, постојат континуирани недостатоци во тековното одржување, како затнување на дренажниот систем, проблеми со пумпната станица и проблеми со далечинското управување. Снабдувањето со струја во пречистителната станица не е континуирано и доаѓа до прекин на работата и до можност од хаварија со која станицата би била нефункционална. Ревозорите утврдиле и дека во 2021 година три месеци им доцнела плата на вработените, поради што од 10 до 19 јануари 2022 година бил прекинат третманот на загадените води, како и дека има недостаток на заштитна опрема на вработените.

– Ваквата состојба не е во согласност со одредбите од склучениот договор и може да предизвика потенцијална опасност за загадување на подземните води и еколошка катастрофа. Фабриката од 2016 година не работи, а Министерството секоја година ги реализира активностите за тековно одржување на опремата, за да не се дозволи прекин на работата на пречистителната станица – се вели во Извештајот на ДЗР.

Ревизорите објаснуваат дека во 1990 година во селото Јегуновце ХЕК Југохром изградил пречистителна станица за отпадните води кои се загадени со шестовалентен хром како резултат на неконтролирано одлевање на отпаден материјал од производството на натриум бихромат! Таа станица не била наменета и за водите од депонијата, па во 2003 година тогашниот сопственик „Силмак“ изградил втора станица со пари од Европската агенција за реконструкција и со реализиција преку Министерството, а со обврска Владата да ги преземе трошоците за работењето на станицата. До 2009 година станицата ја вршела својата дејност согласно договореното помеѓу Министерството и „Силмак“, а од јули 2010 истата соработка продолжила и со новиот сопственик „Југохром Фероалојс“.

Токсичен индустриски отпад од Југохром/Фото: архива на Слободен печат

Целта на сите овие договори е да се обезбеди континуирана работа на пречистителната станица, во која опасниот шестовалентен хром со хемикалии се претвора во безопасен тривалентен хром. Согласно договорот, „Југохром Фероалојс“ бил должен да обезбеди тековно одржување на пречистителната станица и снабдување со струја, а Министерството да ги покрие платите на работниците, трошоците за хемикалиите и прекурзорите потребни за технолошкиот процес.

Проблемот со опасниот шестовалентен хром е децениски. Индустриската депонија со троска, згура и мил полни со шестовалентен хром е една од 16-те жешки еколошки точки во земјава, за кои сè уште не е најдено целосно решение.

Иако шестовалентниот хром, за среќа, не го нашол патот кон изворот Рашче, тој е насекаде присутен во подземните води во Јегуновце, како и во реката Вардар на тој потег. Скопски „Водовод“ секојдневно ја контролира водата од Рашче и јавно ги споделува податоците дека водата е безбедна за пиење, а Министерството за животна средина го мери квалитетот на подземните води, но резултатите не ги објавува. Сепак, во еден од Годишните извештаи за квалитетот на животната средина, оној за 2015 година, се наведени резултатите од мерењата во претходните три години, каде од пиезометарот наспроти депонијата во Јегуновце, од другата страна на Вардар, редовно се мерени многу високи концентрации и до 15.500 микрограми на литар вода! Во ниту еден од следните годишни извештаи не се наведени измерените концентрации на шестовалентен хром, само се констатира дека тие се високи.

Годишен извештај за квалитетот на животната средина во 2015 година, резултати од мерењата на квалитетот на подземните води / принтскрин

Ревизијата ја контролирала целокупната работа на Министерството, па со увид во сметковоствената евиденција утврдила и дека не се води материјална евиденција на залихите, меѓу кои и залихите на хемикалии за пречистителната станица.

– Не е воспоставена сметководствена евиденција на набавката и трошењето на хемикалии и реагенси кои се неопходни за извршување на работата на пречистителната станица во кругот на фабриката „Југохром Фероалојс“. Од одговорното лице доставен е Извештај со состојба на ден 31.12.2022 година кој укажува на неевидентирана залиха од 18.900 килограми сулфурна киселина, 27.480 килограми натриум бисулфат и 7.675 килограми натриум карбонат – се вели во Извештајот на ревизорите.

Ревизорите, освен овие, утврдиле и низа други проблеми и пропусти во работата на Министерството за животна средина во 2022 година, како и дека финансиските извештаи не ја прикажуваат објективно состојбата. Како главни недостатоци се наведува дека МЖСПП нема детаљни евиденции за собраните надоместоци, како на пример, при регистрација на возила, за што во 2022 година се собрани 4 милиони евра, но Министерството не знае дали можело да собере и повеќе затоа што не прима редовни извештаи од правните лица што вршат технички преглед и нема воспоставена соработка со МВР, па не го знае точниот број и видот на возилата што се регистрирани. Од пластичните кеси Министерството во 2022 година собрало 1,5 милион евра, но нема воспоставена евиденција на обврзниците за наплата на надоместокот, ниту пак го следи доставувањето на извештаите на квартална основа.

Ревизијата констатира и дека Министерството кога дели пари на општините за локални проекти не ги следи критериумите и често дава пари на општини што освоиле помалку поени при проценката на проектите, па се создава сомнеж за субјективно одлучување која општина ќе добие пари.

Ревозорите истакнуваат и дека Централната лабораторија за животна средина сè уште не е акредитирана за воздухот, а мерењата за Министерството ги врши приватна фирма со акредитација, која истовремено мери и за индустријата, па ревозорите го поставуваат прашањето за објективност на мерењата.

Соња Христовска Угриновска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот