Една третина од Македонците веруваат во теории на заговор за ковид-19

Граѓани со заштитни маски во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Теориите на заговор се најпопуларни во земјите од Западен Балкан. Колку повеќе расте довербата во јавните институции, толку населението е поподготвено за вакцинација против вирусот ковид-19, покажува најновото истражување на Глобсек спроведено во 9 држави од југоисточна Европа.

Анализата покажува дека Македонија е трета земја во регионот по Црна Гора и Србија каде што луѓето најмногу веруваат во теории на заговор поврзани со коронавирусот. Кај нас дури 35 проценти од населението, или една третина, веруваат во овие теории.

Ист толкав е бројот на граѓани (35 отсто) кои веруваат дека вирусот е лага за манипулација на луѓето. Најмногу во оваа теорија на заговор веруваат граѓаните на Црна Гора и на Србија (43 отсто).

Истражувањето покажува дека колку луѓето се постари, толку се поподготвени за да се вакцинираат против ковид-19. Најмногу антиваксери има во популацијата на возраст од 25 до 54 години.

Според истражувањето, 39 отсто од македонските граѓани веруваат дека бројот на заразени е, всушност, многу помал од оној што го објавуваат институциите.

Триесет и седум отсто веруваат дека САД намерно го направиле вирусот, а 29 проценти дека со вакцинирањето ќе добијат нано-чипови преку кои подоцна ќе бидат контролирани.

„Овие резултати покажуваат колку е инструментално доброто владеење и довербата во јавните и државните институции, особено во време на криза. Јавните институции треба да ги засилат нивните напори за стратешка комуникација и да направат сè што е во нивна можност да ја зголемат општествената доверба веднаш“, рече Мирослава Савирис од Глобсек.

Истражувањето на Глобсек беше направено телефонски со репрезентативен примерок од најмалку 1.000 испитаници од девет држави од Централна и Источна Европа и Западен Балкан – Северна Македонија, Бугарија, Чешка, Унгарија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија и Словачка.

Социјалните мрежи преку кои најмногу се шират теориите на заговор, веќе најавија дека ќе ги блокираат сите лажни вести поврзани со вакцинацијата против ковид-19.

Фејсбук соопшти дека ќе ги блокира лажните и научно неиздржани тврдења за вакцината против ковид-19. Станува збор за проширување на постојните правила на компанијата против дезинформации за пандемијата.

„Идеолошки различни групи шират дезинформации за вакцините на социјалните мрежи за време на пандемијата, вклучително и дека истражувањето е спроведено врз луѓе без нивна согласност, поради што компанијата одлучи да застане на патот на лажните вести и дезинформации“, наведуваат од Фејсбук.

Социјалната мрежа Инстаграм, која е во сопственост на Фејсбук, исто така најави дека ќе блокира тагови што шират лажни вести за вакцинацијата.

Од „Инстаграм“ соопштија дека веќе се блокирани неколку тагови како #vaccinescauseautism и #vaccinescauseaids, а сега се планира и блокирање на оние што не содржат конкретни информации, но се користат за ширење на лажни информации, како што е ознаката #vaccines1234.

Кога на „Инстаграм“ се блокира некој хаштаг, веќе не е можно да се најдат содржините кои биле објавени во негови рамки, па кликот на забранетиот хаштаг не покажува никакви резултати, со што се спречува понатамошно ширење на лажни и злонамерни информации.

Компанијата Јутјуб од октомври веќе ги блокира видеата што шират теории на заговор и лажни вести поврзани со вакцинацијата против ковид-19.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот