Дворски интриги и вистини кај круната

Интервјуата на членовите на кралските семејства, покажа историјата, досега не завршувале добро. Тетката на Хари, Сара, војвотката од Јорк, има дадено неколку, ама откако беше фатена во „местенка“ на еден таблоид каде што ветува пристап до сопругот, принцот Андрју, за пари, ја научи лекцијата.

Пуканките ми се спремни. Имаме и доволни количества други грицки – солени стапчиња, бадеми, лешници и ф‘стаци. Оревите за кршење ќе ги прескокнеме овој пат, за кршењето да не ни го одвлекува вниманието. Софата е подготвена, нормално, истестирана, зајакната со еден куп перници и перничиња, кои се собрале во текот на последните три месеци откако сме во третиот локдаун и главната занимација ни е прозорецот кон свет. Искрено, никогаш толку многу не сме гледале телевизија.

Добро, јас гледам вести како зависник, плус имам свои омилени емисии, ама сега со седењето дома, ја благословувам идејата на маж ми пред некоја година да купи многу голем телевизор, тенок, така малку вдлабнат и поприлично скап. Тогаш, „техничката стока“ сериозно ни го наруши семејниот буџет и, за миг, брачната нирвана. Но, кога почнав да ги гледам фудбалерите како дома да ми се, еднаш за малку на Надал ќе му го подадев топчето, а на Рајан Рејнолдс ќе му ја избришев потта од челото, збор не кажав. А тоа, да знаете, е голема работа.

И така, подготвена и за жал без друштво, освен маж ми, кој сакал-нејќел (ама мислам ќе сака) ќе мора да гледа, ќе го гледам интервјуто на Меган и Хари, Војводата и Војвотката од Сасекс, кое го снимија минатата недела со кралицата на интервјуата во шоу бизнисот, Опра Винфри. Во него, тие се очекува да зборуваат отворено за напуштањето на Велика Британија, за животот како млада брачна двојка во кралското семејство, кој ги прифатил, а кој не, посебно новодојдената невеста Меган, зошто не им успеа пробниот период од една година кој им го даде кралицата Елизабета Втора да видат дали и како ќе се снајдат и тука и таму како кралска двојка или како млади луѓе, кои сакаат да го живеат животот како што сакаат тие.

Тројца во бракот

Ова се очекува да биде, според британските медиуми, најексплозивно, по она кое Дијана, принцезата од Велс, го даде за „Панорама“. Таа зборуваше за неверствата и за нејзиниот брак со Чарлс и го кажа она незаборавното „нѐ имаше тројца во нашиот брак, па беше малку претрупан“, алудирајќи на Камила, љубовницата на принцот, нешто што, пак, тој го призна во друго интервју. Интервјуата на членовите на кралските семејства, покажа историјата, до сега не завршувале добро. Тетката на Хари, Сара, војвотката од Јорк, има дадено неколку, ама откако беше фатена во “„местенка“ на еден таблоид каде ветува пристап до сопругот, принцот Андрју, за пари, ја научи лекцијата. А последното интервју, на нејзиниот поранешен , принцот Андрју во 2019та, за „Њузнајт“, многумина го оценија како – катастрофа. Тоа беше во врска со неговото пријателство со сега веќе покојниот педофил милијардер Џефри Епстин, интервју кое тој мислеше дека помина добро, но само покажа колку некои членови од кралското семејство, посебно синовите на кралицата, немаат допир со реалноста. Навикнати на живот со привилегии (на принцот Чарлс батлерот му ја става пастата за заби на четкичката, меѓу другото), постарата генерација уште живее под диктатот на дворјаните. Постои цела служба во палатата која се грижи за протокол, за гардероба (од шапките на кралицата до наметките на коргите) за  приеми, за патувања, за посети, за храна, за одржување, за… дека не им се лесно да се живее така живот испланиран до последна минута, секако дека не е. Затоа, некои од помладата генерација решија да се откажат од кралските титули. Но додека нив им се прогледа низ прсти, на оние од „повисоките ешалони“, изгледа, се уште не.

Кралската палата е секогаш традиционална и оттаму ретко излегуваат детали. А меморијата е долга. Уште му се памети на принцот Едвард, кој се откажа од престолот за разведената Волис Симпсон. Кралицата мајка Елизабета, жената на Џорџ Шести, наследникот на братот Едвард и мајка на сегашната кралица, еднаш е цитирана како рекла дека двете личности што во животот ѝ нанеле најмногу неволи биле Волис и Хитлер.

Кралицата оди прва

Кралските личности не смеат јавно да покажуваат слабост. Кога принцезата Дијана кажа дека страда од депресија и дека се плаши за судбината на синовите во кралската машинерија и сака тие да бидат заштитени од нејзиното семејство, тоа беше пречекано на нож од медиумите, пред сѐ од таблоидите. А кога Палатата сака нешто да каже, тоа оди во стилот „извори од палатата“, а многубројни кралски коментатори кои имаат свои луѓе во Дворот, пишуваат главно онака како што сака, па Дворот. И традицијата.

Британското е најтрадиционалното кралско семејство во Европа. Нема врска 21 век. Кралицата не се допира. Таа оди прва. На кралицата не и се враќа.( Како се осмелија Хари и Меган да и одговорат на писмото?!) Не само неа, туку и на другите високи височества. На високите членови не им се обраќате додека не ви се обратат. Нема ракување. Има само – во служба на нејзиното кралско височество. Ако не работите за фирмата туку за свои цели, колку и да биле тоа хумани и доблесни, следува отказ.

Какво ќе биде интервјуто на Меган и Хари, кое треба да се емитува на 7 март?  Кралското семејство подобро да седи зад софата отколку на софа, предупреди весникот „Сандеј тајмс“, изгледа знаејќи нешто што не знаеме. Ама и Палатата не седи со скрстени раце. Смислена е противофанзива. Кралицата да има говор за годишнината на Комонвелтот неколку часови претходно. Со сите работни членови на семејството до неа. За да се сврти вниманието на јавноста и медиумите?!

И потоа, она што се случувало во серијата „Круната“, која оди на Нетфликс за животот на британското кралско семејство, каде што сите се претставени во не баш најдобро светло, било само филм? Виндзорови сакаа дури да има во серијата и објаснување дека нема врска со реалноста. Се разбира, пак не директно, туку преку „извори блиски до палатата“. Ама ајде, ви се молам, реалноста на Круната е далеку повозбудлива од „Круната“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот