Германски пасош/ Фото: Michael Piepgras/ Panthermedia / Profimedia

Двојно повеќе барања за германско државјанство

Новиот закон требаше да го забрза процесот на доделување германско државјанство. Но, според еден извештај, бројот на барања сега толку вртоглаво пораснал, што може да бидат потребни години за барањата да се обработат.

Бројот на барања за германско државјанство е значително зголемен во последните две години, пишува весникот „Велт ам Зонтаг“. Станува збор за зголемување од околу 50 проценти во 25-те најголеми германски градови. Многу апликации се поднесени од јуни до сега, односно откако стапи на сила новиот Закон за германско државјанство.

50 проценти повеќе барања

Реформата има за цел да го забрза процесот на доделување државјанство и во принцип овозможува двојно државјанство. Сепак, стекнувањето државјанство станува потешко за луѓето кои не можат да се финансираат или кои не се придржуваат до слободниот демократски поредок на Германија.

Според германскиот весник, 20 градови/општини доставиле конкретни бројки. Во 2022 година за државјанство поднеле вкупно 81.007 лица, додека годинава веќе досега биле поднесени 122.882 барања. Поради големиот број барања за државјанство, надлежните служби тешко ги обработуваат. Во моментов „на чекање“ се повеќе од 217.000 апликации во само 20 германски градови.

Години на чекање и можни тужби

Во зависност од општината, странците понекогаш чекаат со години за германски пасош. Во Франкфурт, на пример, потребни се повеќе од осум месеци само за закажување термин, а потоа дополнителни 14 месеци за регионалната администрација да започне со обработка на апликацијата. Ситуацијата во Лајпциг е особено предизвикувачка.

„Сегашното време на чекање за поднесување барање таму е 50 месеци“, изјави еден портпарол.

Правно гледано, ова може да биде проблем. Според правилата на Управниот суд, во рок од три месеци властите мора да му одговорат на барателот – било да е тоа со поднесување листа на документи што недостасуваат, утврдување на нерaзјаснетите прашања или со отфрлање на барањето доколку не се исполнети условите.

Осврти од експерти

Експертот за миграција Ханс Форлендер, кој е и претседател на Советот за интеграција и миграција, го критикуваше однесувањето на одредени германски градови. Според него, реформата воведува „многу сложена законска регулатива, која сама по себе ќе доведе до подолги процедури“.

По реформата, на пример, потребна е дополнителна декларација за придржување кон слободниот демократски поредок на Германија, што бара дополнителна проверка и проценка од властите. Форлендер изразува загриженост поради нејасноста на термините што ги користи законот, што најверојатно ќе доведе до повеќе судски спорови во случај на одбиени барања.

Извор: Дојче веле/ Автор: Јасмина Розе

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот