Две општества за сите!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Консолидацијата на националистичката идеолошка и практично-политичка агенда на ДУИ конечно се комплетираше, таман на време за изборите. Најновата измислица се нарекува „консензуална интеграција“ и е препакувано издание на истите федералистички етно-концепти (памтите: „консензуален претседател“ и сл.) кои ДУИ подолго време се обидува да ги протне на македонската политичка сцена, наспроти унитарниот карактер на државата гарантиран со Уставот и унапреден со заштита на малцинските идентитетски прашања во Охридскиот договор. Како и во Уставот, така и во тој Договор се гарантира унитарниот карактер на државата и нејзиниот целовит територијален интегритет. Нема територијални решенија за политички проблеми.

Затоа и ова, најново барање за федерализација е од „нетериторијална“ природа: ДУИ (ќе) бара ниту една „важна одлука“ во државата да не може да помине без одобрение од „албанската страна“, со практична силина на вето.

Што е тоа „важна одлука“ и кого и како тоа го претставува „албанската страна“ – е бесмислениот националистички политички „ластик“ што ДУИ планира да го „тегне“ за време на предизборната кампања. Зошто? Па, бидејќи ДУИ, како и другите албански националистички партиски формации, си ги бараат сите гласови на етничките албански граѓани во државава за себе: Колку се, толку се, наши се!

Тоа е последниот „клинец“ во ковчегот за „Едно општество за сите“, проект што ДУИ во владината коалиција успешно го спречи – како што инсистираше да се донесе неспроведлив, а потребен Закон за јазици, па сега Господ го повикуваат на помош (Артан Груби) наспроти ставовите на Венецијанската комисија – а, еве, и отворено го потопува пред да надојде уште една изборна трка.

ДУИ, овој пат, не сака ништо да ризикува: СДСМ им е „крвниот“ изборен непријател што на минатите избори им „откина“ (тоа е таа националистичка терминологија) десетици илјади гласови во средините со мнозинско етничко албанско население – на следните избори борбата ќе биде „гради в гради“ секој да си гласа за „своите“ етнички партии. Оти ДУИ нема друга понуда, освен онаа базирана на етнички поделби.

Со тоа ДУИ се надева дека ќе „убие две муви“ со еден удар: од една страна, ДУИ го дезавуира мултиетничкиот изборен потенцијал на СДСМ, помагајќи ја партнерската националистичка партија и „старата љубов“ на македонската страна, ВМРО-ДПМНЕ – за почеток, тоа е таа собраниска акција со 10.000 координирани амандмани; но, од друга страна, ДУИ „федерално“ ги сведува сопствените политички опоненти само на другите албански партии со кои ќе се натпреваруваат на изборите, а со нив, си мислат, им е далеку полесно – ќе има „касапаана“, што и да мислеше Мендух Тачи на времето со овој предизборен квалификатив.

Жестокоста на овие старо-нови позиции на ДУИ се релативно разбирливи, бидејќи етничкото албанско гласачко тело не ја покажува поддршката за која ДУИ се надева на следните избори. Се разбира, не е јасно дали македонските Албанци овој пат ќе го поддржат и СДСМ во таков број како на минатите избори, но и тоа е, главно, како нивна реакција на коалицијата на Заев со Ахмети за која значаен дел од албанските гласачи (и не само тие!) сметаат дека е продолжение на вмровското коалициско владеење со ДУИ врз крупни морално-политички, правни и материјални коруптивни, парализирачки интереси.

Ним ДУИ, на тие незадоволни гласачи, во предизборната кампања (практично, од вчера), уште еднаш ќе се обиде да им докаже дека „албанството“ е поважно од „лопужанството“!

Затоа и секои избори, секаде, повеќе говорат за оние КОИ ГЛАСААТ, отколку за оние КОИ СЕ ГЛАСАНИ.

Но, без грижа, кој и да победи на следните избори и кој и да прави нова влада, ДУИ знае дека федералистичкава „мастика“ е за џвакање само до денот на гласање. Потоа, влезе ли ДУИ и во следната влада, со нив сè ќе си биде по старо. Бидејќи планот им е тапа, а и баш ги заболе!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот