Два метра за две недели

Шетаме на два, три, четири и повеќе метри растојание, по најновите, поостри владини мерки кои конечно беа донесени за да се заштити населението од вирусот и од самото себе. Здравствените експерти, медиумите, опозицијата, министрите во владата, пратениците, речиси сите сметаат дека овие мерки требаше да се донесат порано. Доцнењето од најмалку две недели во борбата со коронавирусот може да значи стотици животи и илјадници заразени.

Излеговме да свртиме едно крукче. И покрај тоа што според најновите владини мерки, дозволено ни е едно вежбање надвор, па бирајте – трчање, џогирање, брзо одење, јога во природа, возење велосипед… Ние одбравме шетање. И тоа, сосема ненамерно, ама и тоа по препорачаните правила, на два метра растојание. Односно јас брзо одење, а маж ми шетуцкање, па морав на секои десетина-петнаесет метри да подзастанувам, да се вртам и да видам да не го оставив на некое кривинче и кај некоја куќа, како се восхитува на уреденоста на дворот или на архитектонската умешност на минатите и сегашните надворешни и внатрешни дизајнери (пердињата широко отворени). Тоа, брзото одење, ми е навика во Лондон, зашто никогаш не сакав да доцнам на состаноци и средби. Плус, си мислам, можеби има врска и со една од моите претходни работи, онаа на радио, зашто кога ќе се запалеше црвеното светло, мора да си во студио, нема влечење нога пред нога, има брзо во студио, но внимателно, без трчање, зашто не е препорачливо без здив да се поздравуваат слушателите на Би-би-си на Ма-ке-дон-ски-со- нај-но-ви-те-вес-ти-од-зем-ја-та-и-од-све-тот… и да се чека џингл за да се земе здив…

А трчањето, искрено, никогаш не ми било омилено, ниту како спорт ниту како хоби, и е нешто што може да се случи само под услов да мора да фатам воз (ама да е последен) или ако некој ме брка во животозагрозувачка состојба, и ако е оценам дека е појак/а од мене. Ако „му го можам“ , нема да трчам.

Доцна, ама сепак

И така, шетаме ние двајцата на два, три, четири и повеќе метри растојание, по најновите, поостри владини мерки кои, конечно, велам конечно беа донесени за да се заштити населението од вирусот и од самото себе. Здравствените експерти, медиумите, опозицијата, министрите во владата, пратениците, речиси сите сметаат дека овие мерки требаше да се донесат порано и дека Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска доцни најмалку – две недели. А во борбата со коронавирусот, тоа може да значи стотици животи и илјадници заразени.

Сепак, од оваа недела се затворени сите продавници. Сите освен продавниците за храна – самопослугите и аптеките. Имаме препорака за неизлегување, ама можеме еднаш дневно да прошетаме и да вежбаме, ама само двајца и на два метра растојание. Јавниот превоз во Лондон е радикално намален и на работа одат само оние што се сметаа за „основни работници“ – во здравството, прехранбената индустрија, градежништвото… Препорачано е да се работи од дома, а средбите и состаноците се преку видеоапликации. На 1,7 милиони лица што се смета дека се во таканаречена „ранлива категорија“, според возраста или според здравјето,  им е препорачано да останат дома, а илјадници пензионирани лекари и медицински сестри се одзваа на владиниот апел и се враќаат на работните места во јавното здравство. А на апелот здравите да помогнат и да дистрибуираат храна и лекови за пензионери или лица со попреченост се одзваа повеќе од 400.000 граѓани.

Со сеопфатните владини мерки ќе им се помогне и на приватните компании, па на вработените во државните и приватните фирми ќе им се исплаќаат 80 отсто од платите, а вчера беше објавено дека и на самовработените (артисти, пејачи, фризери, инструктори итн.) ќе им се определи  финансиска помош за опстанок во вредност од 80 проценти од просечната заработувачка во последните три години, под одредени услови, се разбира.

Мали кавги за големи работи

Но, не оди сѐ така мазно. Сцените од преполните вагони на лондонското метро, кои продолжуваат и покрај новите владини мерки, каде што пак има „залепени“ патници што си дишат во врат како во најдобрите времиња на пренатрупаниот градски превоз, ги затегнаа односите меѓу лондонскиот градоначалник Садик Кан и премиерот Борис Џонсон. Не оти тие двајцата нешто многу многу се сакаа и претходно. Не само што се од различни партии, туку Џонсон порано беше градоначалник на Лондон, па често си дава за право да „го советува“ Садик повеќе отколку што треба.

Прво, владата на чело со Џонсон донесе одлука да се работи од дома, па нормално, прометот на лондонскиот транспорт во надлежност на Кан драстично опадна и тој (Кан) донесе одлука да ја намали фреквенцијата за да не одат возовите празни. Но Џонсон, за разлика од Шкотска, каде што тамошните власти, на чело со првата министерка Никола Стрџен ги забранија и градежните работи, не го стори тоа. Велат дека економијата дополнително ќе страда ако и градежништвото запре, а има и некои непотврдени теории за БоЏо и урбаната, ајде да ја наречам асоцијација и изборните донации и ветувања, па градежните работи низ Лондон се одвиваа со полна пареа. А меѓу другото, се гради и голема болница кај сајмиштето ЕКСПО, со капацитет од 4.000 легла… И така, секој ден низ Лондон наутро и навечер се развезуваат десетици илјади градежни работници, заедно со лекари, медицински сестри, основен образовен персонал за децата на основните работници, вработени во аптеки и самопослуги…

Полицијата, конечно, по две недели доби овластување да постапува според новите, поостри мерки, зашто таа, досега, само со убаво ги караше и замолуваше оние што се шеткаа без врска и кои правеа пикник по парковите – да си ги приберат реквизитите и да одат дома, но сега може да ги „прибере“ и да ги казни. Од 30, 60, па до 900 и нешто фунти, ако не ги платат првите 30 навреме.

Точак на лево

Во меѓувреме, ќе седиме дома, ќе се социјализираме преку интернет, ќе организираме видеоконференции за работа, ќе следиме како се со здравјето крепосната кралица и благозаразениот принц Чарлс и ќе продолжиме да миеме раце 20 секунди, секој со својата песна.

Но, уште може да се шета, односно вежба, еднаш дневно. Најмногу во групи по двајца. А времето убаво, сончево, вообичаено за овој период од годинава. Имаме дома само еден велосипед, треба само гумите да се напумпаат. Велат, возењето точак не се заборавало. Ќе пробам. Јас ќе возам полека и ќе бидеме пак двајца, и на повеќе од два метра растојание. Само да не заборавам дека тука и велосипед се вози на левата страна, па ќе си повторувам… лево… лево… лево… Тоа, барем, лесно ќе ми оди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот