ДУП за Јурија е донесен, одобрение за градба уште не е издадено

Во информацијата за планот објавена на веб-страницата на Општина Ѓорче Петров, покрај некои попрецизни дообјаснувања, нема ниту збор за она што го бараат граѓаните организирани како Иницијативата против урбаното дивеење – дали постои можност планот да се повлече и да се ревидира.

Општина Ѓорче Петров донесе Детален урбанистички план за Градска четврт СЗ 24, за локалитетот Јурија, со кој се овозможуваат услови за градење на овој простор, но одобрение за градење сѐ уште не е дадено. Ова го тврдат од Општината, притоа прецизирајќи дека одобрение за градба се издава врз основа на основни проекти за градбите, во постапка во согласност со Законот за градење.

Оттаму додаваат дека донесениот ДУП е изработен во согласност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012 – 2022 и Регулациски план на ГУП за четврт СЗ 24 од 2018 година. Според нив, решението на новиот план нуди современ концепт за развојните потреби на општината.

Објаснувањето за планот, Општината го даде ден подоцна откако дел од жителите на населбата Дексион излегоа на протест и ја блокираа главната улица во Ѓорче Петров незадоволни од решенијата што ги нуди новиот ДУП, пред се од изградбата на, како што велат „бетонски ѕид во Јурија“ и згради високи по 17 ката и побараа негово ревидирање.

„Стоп за урбаната мафија“: Жителите на Ѓорче Петров излегоа на протест против изградбата на седумнаесеткатница

Во информацијата за планот, објавена на веб-страницата на Општина Ѓорче Петров, покрај некои попрецизни дообјаснувања за планот, нема ниту збор за она што го бараа граѓаните организирани како Иницијативата против урбаното дивеење – дали постои можност планот да се повлече и да се ревидира.

Напротив, од Општината велат дека максимално дозволените нумерички параметри за градежната парцела не дозволуваат изградба на целата површина на објекти со височина од 58 метри, односно приземје и 17 ката. Всушност, станува збор за една парцела каде што е предвидена изградба на „облакодер“.

– Всушност, ова е планска одредба со која ќе се условат архитектите да изнајдат посмели архитектонски решенија за градбите, со разиграни и денивелирани површини и волумени, односно интенцијата е да се побегне од стерилните архитектонски решенија, кои беа вообичаени во изминатиот 10-годишен период  кога се реализираа „ѕидови“ во должина на улиците – тврдат од Општината.

Според локалните власти, нема да биде спречен ниту протокот на воздух, затоа што со проектирање разиграни и денивелирани површини и волумени на градбите, по целата должина ќе се појават продори во површините за градење.

Во просторот значаен дел е одделен и за зеленило, па како што објаснуваат дури 4.257 метри квадратни се планирани за јавен парк, а во секоја градежна парцела инвеститорот мора да обезбеди и најмалку 20 отсто зеленило.

Засега нема реакција на граѓаните од Иницијативата против урбаното дивеење, кои беа организатори на протестот, во однос на информацијата од локалните власти, иако најавија дека нема да се откажат од „борбата“ додека не се исполнат нивните барања.

Сепак, освен незадоволните жители од донесениот ДУП, има и граѓани што го поддржуваат и сметаат дека Ѓорче Петров треба да се урбанизира.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот