Државата прво ќе ги средува стечаите за фирмите, а потоа личниот стечај

фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Ќе помине уште долго време за некој во земјава да прогласи личен стечај. Од Министерството за економија за „Слободен печат“, велат дека за нив сега е приоритет Законот за инсолвентност (стечај), а дури потоа ќе се посветат на Законот за личен банкрот кој се најде во програмата на владата за периодот 2020-2024 година.

-Министерството за економија, како приоритетен закон го подготвува Законот за инсолвентност (стечај). Откако овој закон ќе се донесе, следува подготовка и донесување на подзаконски акти. Од особена важност ќе биде следењето и неговата имплементација, со оглед на тоа дека содржи ЕУ – директива за реструктуирање на претпријатијата. По ова, ќе започнеме активности поврзани со личен стечај, за кои во моментов се уште е рано да се даваат детали – ни одговорија од Министерството за економија.

Стариот закон за стечај датира од 2006 година, што ново се подготувува?

Новиот Закон за инсолвентност што треба да го замени Законот за стечај е веќе поставен на Електронски национален регистар на прописи на Република Северна Македонија. (ЕНЕР), а во неговата подготовка учествуваше работната група на стечајни управници. Оваа проблематика е приоритетна, бидејќи, со неа ќе се овозможи заштита на инвеститорите и нивните бизниси, пофлексибилна и поедноставна постапка за малите бизниси, појаснување на условите за учество на доверителите во стечајните постапки.

-Исто така се предвидуваат одредби за навремено реструктуирање на претпријатија со потешкотии со цел должникот да преговара за опциите за намирување на долгот со своите доверители. Воедно се врши усогласување со Директивата 2019/1023 на Европскиот парламент и на Советот од 2019 година, за рамката за превентивно преструктуирање, за ослободување од долгот и дисквалификациите и за мерките за зголемување на ефикасноста на постапките во врска со преструктуирањето, инсолвентноста и ослободување од долгот- објаснуваат од Министерството за економија.

Стечајната управничка Ели Божиновска од Битола, за „Слободен печат“ објаснува дека стариот закон датира од 2006 година и дека над 50 отсто од неговите одредби се сменети, што создава проблеми и за судиите и за стечајните управници.

Инаку,  поради користењето на субвенциите за плата, не може да се прогласи стечај врз фирмите во наредните два месеци. А,според податоците од „Дуинг бизнис 2020 “ на Светска банка, Македонија се наоѓа на 30 место од 190 земји во однос на инсолвентноста, а стечаите траат 1,5 година.

За регулативата за личен стечај треба голема подготовка

Можноста за личен стечај, беше најавена лани летоска и таа требаше да им овозможи нов финансиски старт на презадолжените граѓани. Правните експерти,  ја поздравија идејата, но беа скептични дека оваа можност ќе стартува за кусо време. Тие се согласија дека личниот стечај е позитивна работа за граѓаните, бидејќи ќе ги минимизира шансите за продлабочување на долговите, но, препорачаа квалитетна и обемна подготовка на легислативата. Новиот закон за личен стечај, е идеја пласирана уште во 2009-та. Оваа можност, функционира во Словенија, Хрватска, Австрија, Белгија, Германија, Русија, Чешка и други европски држави, а нашите стечајни управници се запознаени со неа.

-Ова ќе биде сложена и чувствителна операција бидејќи се работи за приватен имот и затоа е потребна обемна подготовка. Во моментот сме фокусирани на изработката на нов закон за инсолвентност, па потоа ќе дојде на ред и личниот стечај – вели стечајната управничка Божиновска.

Идејата за личен стечај е слична на стечајот врз компаниите, но сепак содржи извесни финеси, бидејќи се работи за личен имот. Ова не е едноставна работа, бидејќи се работи за луѓе, за лични судбини, така што сигурно ќе има и одреден грејс период, пред целосно да се имплементира, објаснуваат правните експерти кои ги консултиравме.

-Доколку се донесе закон за личен стечај, тоа ќе ги натера граѓаните да бидат внимателни со задолжувањето. Всушност, стечајните управници ќе бидат своевидни старатели, кои наместо граѓаните, ќе одлучуваат како да се трошат нивните пари –велат упатените.

Како во пракса би се спровел личен стечај?

Европската и регионалната пракса, покажуваат дека кога должникот не може да си ги плаќа долговите – може да побара прогласување личен стечај. Судот утврдува дали има основ за тоа – му прави попис на целиот движен и недвижен имот и му назначува стечаен управник. Потоа настапува стечајниот управник, кој  располага со сите луксузни  предмети кои ги поседува должникот, а имотот, кој оди во стечајната маса, се продава за да се исплатат доверителите. На должникот му се оставаат минимални приходи, неопходни  за подмирување на основните потреби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот