Драмата заврши пред да почне самитот на НАТО: Американските „ф-16“ го омекнаа Ердоган за Шведска

Ердоган, Столтенберг и Кристерсон го надминаа спорот уште пред да почне самитот - Фотографија ЕПА, Хенрик Монтгомери

Испораката на американските авиони „ф-16“ на Турција за сума од 20 милијарди долари беше блокирано од 2017 година, кога Ердоган направи стратегиска грешка и купи проектилски систем „с-400“ од Русија

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган објави дека повеќе не се противи на членството на Шведска во НАТО, откако обезбеди поддршка од американскиот претседател Џо Бајден дека ќе ја задвижи продажбата на американски борбени авиони на Турција.

Овие политички маневри, кои не се директно поврзани и меѓусебно условени, овозможија самитот на Алијансата во Литванија да биде прогласен за голем успех, практично уште пред да почне. На лидерите на НАТО им преостана во Вилнус да ѝ изразат колективна поддршка на Украина, но не ѝ да ја прифатат во пактот пред Киев да ги задоволи критериумите, како и да ја одобрат новата стратегија, концентрирана на одбрана од заканите од Русија.

– Самитите на НАТО вообичаено почнуваат со драма, а честопати завршуваат со среќна семејна фотографија. Овој пат драмата заврши уште пред да почне самитот – забележува Асли Ајдинташбаш во извештајот за „Вашингтон пост“.

Неполни 24 часа пред да се откаже од блокадата, Ердоган го услови одобрувањето на членството на Шведска во НАТО со одлука на Европската Унија за заживување на замрзнатите преговори за членство на Турција во ЕУ. Генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг забележа дека не може да се условуваат апликации за различни сојузи.
Во контекст на политичкото пазарење се толкува и средбата на Ердоган со својот колега Володимир Зеленски, по која турскиот претседател изјави дека „Украина е зрела да биде членка на НАТО“, а „Шведска не е, сѐ додека не направи повеќе против тероризмот“, алудирајќи на барањето од Анкара до Стокхолм да преземе мерки против активностите на Курдистанската работничка партија, која се смета за терористичка организација.

Дипломатска офанзива

Во меѓувреме беа активни американските дипломати, кои успеаја да го омекнат ставот на Ердоган за да го надминат што е можно побрзо зајакнувањето на северното крило на НАТО, од што зависи и новата стратегија на блокот – одбрана од заканите од Русија.

Испораката на американските авиони „ф-16“ на Турција за сума од 20 милијарди долари беше блокирана од 2017 година, кога Ердоган направи стратегиска грешка и купи проектилски систем „с-400“ од Русија. Санкциите од САД тешко ја погодија Анкара, бидејќи во изминатите шест години со нови авиони своите ескадрили ги обновија многу земји, вклучувајќи и регионални ривали на Турција.
Администрацијата на Бајден прифати да премине преку случаите на непочитувања на човековите права во Турција за да му продаде авиони на партнерот од НАТО, но Конгресот ја блокираше испораката, истакнувајќи дека Анкара е „нелојален сојузник“. Спроти самитот во Литванија, Белата куќа успеала да ги убеди конгресмените, особено шефот на сенатскиот Комитет за надворешни работи Роберт Менендез, дека е подобро да се задржи Турција во НАТО преку испораката на борбените авиони.

– Претседателот Бајден беше јасен дека го поддржува трансферот на авиони – изјави советникот за национална безбедност Џејк Саливен.

Шведска стана членка 32

Оваа изјава остана во сенка на веста на денот од Вилнус: Турција повеќе не се противи на членството на Шведска во НАТО. Кристерсон нагласи дека го уверил Ердоган дека Шведска нема да поддржува „терористички организации“ и дека за таа цел е формиран билатерален механизам.

– Чест ми е да објавам дека претседателот Ердоган се согласи да го поднесе протоколот за Шведска пред националното собрание што е можно побрзо и да соработува тесно со собранието за да ја обезбеди ратификацијата – соопшти генералниот секретар Столтенберг, објавувајќи заедничка фотографија со Ердоган и со шведскиот премиер Улф Кристерсон, како со насмевка си ги стискаат рацете.

Терминот „што е можно побрзо“ се толкува како две недели – толку во Анкара траеше собраниската процедура на ратификување на членството на Финска во НАТО. Се очекува во исто време да се активира и собранието на Унгарија, која објави дека нема ништо против членството на Шведска во НАТО, но ќе го ратификува документот кога тоа ќе го стори и Турција.

Американскиот претседател Бајден посебно ја поздрави согласноста на Ердоган, како „чекор кон зајакнување на одбраната и одвраќање во евроатлантската зона“ и додаде дека „едвај чека Шведска да стане 32. членка на НАТО“.

И Европската Унија ја поздрави одлуката за Шведска како историски чекор.

– На Шведска ѝ е отворен патот кон НАТО! Ова е добра вест за шведскиот народ и за нашата заедничка безбедносна и одбранбена политика. Колку НАТО е посилен, толку е побезбедна Европа – напиша на Твитер шефот на дипломатијата на Европската Унија, Жозеп Борел.

Бајден: Ако ја примиме Украина, сите сме во војна со Русија

Дури кога ќе заврши војната, НАТО ќе разгледува кога ќе може да ја прими во членството Украина, која сега не ги исполнува критериумите да биде дел од северноатлантскиот воено-политички сојуз. Ова е категоричниот став на американскиот претседател Џо Бајден, изразен спроти самитот на Алијансата во Вилнус, на кој една од главните точки е барањето на Украина да биде примена во НАТО по експресна постапка.

Бајден изјави за Си-ен-ен дека членките на НАТО ќе продолжат да ја поддржуваат Украина со воена и со друга помош во војната против руската агресија, но и дека е прерано да се зборува за полноправно членство во Алијансата.

– Мислам дека нема едногласност во НАТО во врска со прашањето дали треба Украина да биде примена во семејството сега, во овој момент, среде војна. Ако го направиме тоа, се обврзуваме да ја браниме секоја педа од територија на членките на НАТО, што значи дека сите сме во војна. Во таков случај сите ќе бидеме во војна со Русија – изјавил Бајден за Си-ен-ен.

Претседателот на САД истакнал дека својот категоричен став му го објаснил на украинскиот претседател Володимир Зеленски и воедно го убедил дека САД ќе продолжат да ѝ доставуваат „безбедност и оружје, исто како што го поддржуваат Израел, сѐ додека не заврши процесот“.

– Мораме да трасираме рационален пат за да може Украина да се квалификува и да влезе во НАТО. Мислам дека е прерано да се каже, да се закаже гласање, не сега, бидејќи мора да бидат исполнети и други критериуми, вклучувајќи ги демократизацијата и некои од тие прашања – изјавил Бајден.

Огромната воена поддршка од САД за Украина од неодамна има критичари и во сојузничкиот блок, поради ветувањето од Вашингтон дека ќе испорача касетни бомби, чие користење е забрането со глобална конвенција. САД, Украина и Русија се меѓу ретките земји што не се потписници на конвенцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот