Доживување што ќе се памети – скулптурите од Петар Хаџи Бошков во локалитетот Стоби

Изложба на скулптури од Петар Хаџи Бошков во Стоби / 18 септември 2021 / фото: Александра Бубевска/Слободен печат

Скулптурите од Петар Хаџи Бошков распоредени низ археолошкиот локалитет, вечерва го оживеаја древното Стоби и на посетителите им понудија вонвременско доживување на спој помеѓу два света – античкиот и модерниот.

Врвулицата од посетители се движеа по улиците на Стоби – од полукружниот плоштад, Виа сакра, сцената на Античкиот театар и храмот на Изида и Серапис и големиот неистражен простор што се протега до Градбата со арки. А скулптурите како да беа составен дел.

Изложба на скулптури од Петар Хаџи Бошков во Стоби / 18 септември 2021 / фото: Александра Бубевска/Слободен печат

“Овој храбар уметнички предизвик не е само атрактивно случување за афирмација на локалитетот или на модерната во македонската уметност. Овој проект го гледам и како рефлексија на современата ангажирана уметност која е свртена кон актуелните општествени текови. Она што особено ме радува е што изложбата, на креативен начин, го реактуализира прашањето за местото на модерната денес. Скулптурите на Хаџи Бошков, кои се веќе културно наследство, ги бараат своите врски со античката уметност. Две и пол илјади години потоа, поставени вака во Античкиот театар, на Виа сакра, Храмот на Изида и Серапис, тие по подолг период, на свој начин ги реафирмираат вредностите што ги има модернизмот во земјава, а кои беа тргнати од нашето сеќавање. Вредност на која постојано мора да се навраќаме”, рече министерката за култура, Ирена Стефоска.

Изложба на скулптури од Петар Хаџи Бошков во Стоби / 18 септември 2021 / фото: Александра Бубевска/Слободен печат

Синот на скулпторот, Игор Хаџи Бошков, рече дека неговиот татко би бил среќен да ги види своите скулптури во Стоби, зашто се инспирирл од античката култура и најинтересен аспект на изложбата е што го покажува неговиот космполитски дух.

„Ова не е постхумна комеморативна изложба на еден голем автор, туку обид за заемно разоткривање врски помеѓу античкото и модерното, за континуитетите и дисконтинуитетите. Хаџи Бошков беше космополит длабоко свесен за времето во кое создава и за општеството“, рече кураторот Владимир Јанчевски.

Изложба на скулптури од Петар Хаџи Бошков во Стоби / 18 септември 2021 / фото: Александра Бубевска/Слободен печат

Спасе Петровски, директорот на Стоби, чијашто идеја била оваа поставка, ни кажа дека ги презеле сите мерки да ги заштитат делата кои се поставени на отворено.

Изложба на скулптури од Петар Хаџи Бошков во Стоби / 18 септември 2021 / фото: Александра Бубевска/Слободен печат

Големата изложба на дела од Петар Хаџи Бошков насловена „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“ вклучува четириесетина репрезентативни дела од повеќе творечки фази на Хаџи Бошков, кои опфаќаат четиридецениски период (1962 – 2004) од еден од најзначајните македонски современи уметници.

Сите изложени дела, авторот ги има зачувано во лична сопственост и ги оставил во наследство на неговото семејство. Благодарение на неговиот син, Игор Хаџи Бошков биле позајмени и директно од ателјето биле пренесени на локалитетот Стоби.

Изложба на скулптури од Петар Хаџи Бошков во Стоби / 18 септември 2021 / фото: Александра Бубевска/Слободен печат

Петар Хаџи Бошков (1928 – 2015) е еден од најзначајните ликовни творци во втората половина на 20 век. Човек со интернационален дух и отворен светоглед, школуван во повеќе значајни центри, меѓу кои Љубљана, каде што дипломирал, и Лондон, каде што специјализирал на Кралскиот колеџ за уметност. Лондон е посебно значаен за неговиот развој, каде што имал можност да истражува и да развие пријателство со големиот британски скулптор Хенри Мур. Од исклучително значење за него е и Британскиот музеј, кој речиси секојдневно го посетувал. Поминувал часови пред најубавите и најзначајни дела од египетската, античката грчка и римска уметност, кои му биле инспирација во раниот творечки период, а таа врска ќе остане силна и понатаму ќе се развива на едно повисоко ниво. Како изграден автор бил визитинг-професор на уметничката школа „Купер Јунион“ во Њујорк, по што се вратил во неговото Скопје да го донесе светот дома. Тука продолжува со педагошката дејност, прво како професор во Уметничкото училиште во Скопје (1968-1980), а подоцна и како професор и прв декан на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот