Доктринарната глупавост е човековата природна состојба

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Руско-украинската војна овој процес на структурано заглупување на стариот континент веќе го доведе до пароксизам. Денес, како и во најмрачните времиња на дваесетвековните тоталитаризми од секој се бара да биде убедено, дури нападно глупав, и да ја вреска единствената пропагандна „вистина“ како да е подготвен за неа и да се жртвува. Но, нема потреба од тревога.

Секоја религија се темели во верување во нешта за кои не само што не постои доказ, туку и не може разумно да се објаснат, та дури му противречат и на севкупното човечко знаење и искуство. Интересно е што ова објаснување на религијата, според Докинс, во потполност се совпаѓа со дефиницијата на поимот „заблуда“. На ова тврдење не може разумно да му се приговори, но неговите последици се огромни. Тоа значи дека во сета историја во која до неодамна, до модернaтa доба, не постоело општество што не било хомогенизирано во некаков систем на верување, човештвото се развивало низ процесите на самозаблудувања со помош на кои биле решавани најважните духовни и појмовни прашања.

Додека разумот и логиката биле користени главно за неважни земни работи, како што е опстанокот, преживувањето во сурови околности, наоѓањето храна, градењето кров над глава и слични трици и кучини. Од ова, пак, произлегува дека човечкиот мозок еволуирал – особено во формативните и клучни последни 40.000 години – во орган за креирање непостоечка реалност, центар за самозалажување и за создавање светогледи од чисти, но непобитни лаги.

Очигледно е дека рационалната мисла, логиката и епистемолошките системи за стекнување и за градење на знаењето се јавувале во општествените процути на цивилизациите, и дека тие изблици на умот над ирационалното биле куси просветленија по кои редовно завладувале долги периоди на стабилна власт на мракот на теократиите. Во времињата на „единствената вистина“, во добата на „едната книга“, кога сите други алтернативи биле забранети или маргинализирани, се случувало масовно и долготрајно заглупување на населението, кое Џонатан Рауч во неговото дело „Воспоставување на знаењето“ го нарекува „структурална глупавост“.

Оваа цивилациска глупавост настанува поради државното устројство или севладеачката политика што се темели само врз „својата“ вистина, идеологија или доктрина, употребувајќи ги сите насилни и други помеки системски мерки за да го оневозможи пристапот до вистината на „другиот“. Структурално глупавите општества, со еден збор, се оние што не ја дозволуваат дебатата или критичката мисла од каков и да е вид, односно го „штитат“ населението од инаквата вистина, при што клучен аспект не е само цензурата, забранетите странски информации – туѓата пропаганда, туку и допирот на другите факти, кои се сметаат за опасни, заразни и отровни.

Во денешната информатичка доба, најефикасен механизам за заглупувањето на луѓето е таканареченото „потврдување на предубедувањето“. Се мисли на безмалку превладувачката тенденција кај луѓето да ги бараат и да ги согледуваат само оние факти или тврдења кои ги потврдуваат нивните претходно усвоени верувања или убедувања. Овој затворен круг на заглупувањето е една негативна спирала во која вистинската дебата или преиспитување или спротивставување на факти и аргументи практично и не постои, та процесот на ваквото „потврдување“ на фактите само ја зголемува заблудата, а со тоа и глупилото на поединецот и на целото општество.

Заглупувањето на човекот, како и заглупувањето на човечките групи или целите нации, значи, се случува на сосем обратен начин од оној на кој епистемолошки се случува процесот на „опаметувањето“ или градењето и зголемувањето на знаењето.

Клучно за победувањето на синдромот на структурална глупавост, односно потврдувањето на предубедувањето, е токму во процесот на интеракцијата со луѓето и со средините што не ги делат убедувањата или пак имаат сосем спротивни мислења и верувања. Практично највисоката мисловна надградба кај човекот е конфронтацијата на аргументи и факти, дијалогот во кој двете страни ги спротивставуваат своите „вистини“, и само од ваквата конфронтација настануваат темелите на знаењето и на разумните и проверливи фактографски системи. Овој дијалог е основното средство на првиот од големите филозофи на европската цивилизација, Сократ, а всушност тоа е и изразното средство на веројатно најголемиот филозоф на сите времиња, неговиот ученик Платон. Оваа единствена епистемологија на побивливоста на научните вистини беше забранета цел милениум по стариот век, за време на христијанските теократии, за конечно да го востанови просветителството и своето модерно доба во последните три века.

Како што рекол Џон Стјуард Мил – „тој што ја знае само својата страна на случајот, знае многу малку за него“, зашто вистинското знаење доаѓа само доколку нашите аргументи и докази бидат соочени со контрадоказите што ќе ги изнесат луѓе што имаат спротивни убедувања и сосем инакво знаење за случајот. Зашто, според Мил, само луѓето што мислат поразлично од тебе и имаат можност и волја тоа нивно мислење да го спротивстават на твоето, те прават попаметен, а нивното знаење станува безмалку проширување и надградување на твојот сопствен мозок. Врз основа на овие премиси, настанала научната епистемологија на модерните цивилизации во која проверката на секој исказ, сведочење, убедување или случај, добива процедурално и структурално значење. Темел на судските одлуки е еднаквото право на изложување на спротивставените факти.

Правило број еден на објективното информирање не е само проверката на фактите, туку и особениот напор да се направат достапни фактите на другата или на сите засегнати страни. Конечно, денешната епистемологија се темели на Поперовото основно начело дека доколку одредени хипотези или теории не може да бидат побиени и заменети со други, тие воопшто и не се научни теории. Научната вистина мора да е побивлива и заменлива, инаку таа не е научна, туку религиска вистина.

Што ни кажува оваа епистемолошка етида за денешниот миг, за нашето време што веќе со ураганска силина ја втемелува структуралната глупавост на европскиот континент? „Случајот Асанж“ како и фактот дека Едвард Соуден не може да најде засолниште ниту во една земја во која „либералните слободи“ го уживаат својот библиски статус, само го потврдуваат впечатокот дека денешната Европа станала репресивно-политичка установа на страховладата чиешто седиште е во Вашингтон, „еден обичен гарнизон на периферијата“, како што пишува Иванчиќ. Во кастелите на „либералната демократија“, пишува понатаму, веќе извесно време е добро познато дека преку вистината со сигурност се стасува во зандана и дека разликата помеѓу непоткупливото истражувачко новинарство и непријателската шпионажа е одамна укината.

Руско-украинската војна овој процес на структурано заглупување на стариот континент веќе го доведе до пароксизам. Денес, како и во најмрачните времиња на дваесетвековните тоталитаризми веќе не е доволно човек да молчи или, не дај боже, да биде неутрален или пацифистички настроен, зашто од секој се бара да биде убедено, дури нападно глупав, и да ја вреска единствената пропагандна „вистина“ како да е подготвен за неа и да се жртвува. Но, нема потреба од тревога, зашто доктринарната глупавост е човековата природна состојба, па слободно опуштете се и уживајте во неа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот