Димитров: Ќе бидам дел од сите суштински разговори за прашањето со Софија и дел од решението

Фото: МИА

Голем број земји членки на ЕУ, сметаат дека потребна е меѓувладина конференција и со С Македонија и со Албанија, тоа е јасен знак дека треба С Македонија да остане во пакет со Албанија, а да не заостанува, вели вицепремиерот за европски рашања Никола Димитров.

-Дефинитивно ќе има обид за две меѓувладини конференции. Треба да видиме што ќе се случи со владата во Бугарија и преговорите. Но сепак не можеме се да оставиме на чекање. Мора да се обидуваме, мора и на соседна Бугарија да и објасниме каков е влогот. Имаме шанса за блиско пријателство и соработка и дали е историски мудро Бугарија да биде пречка за ЕУ интеграција на нашата земја, рече Димитров во гостувањето на Топ Тема на ТВ Телма.

Според него, за отстранување на ветото од Софија, треба да прифатиме каква било помош од сите добронамерни фактори и оти немаме од што да се срамиме, бидејќи нашата позиција е кристално чиста и се потпира на европските принципи.

-Апсолутно заслужуваме почеток на преговори. Ако Австрија има стратешки интерес ова да успее веројатно нашите соседи-земји членки имаат уште поголем интерес ова да успее. Ние сме тие што во иднина треба да бидеме европски сосед. Многу земји во ЕУ имаат историски проблеми, но нашле начин стратешки да работат заедно. Наш приоритет е стратешки поддржувачи да ни бидат Грција и Бугарија, вели Димитров.

Тој потврди дека ќе биде дел од преговарачкиот тим во надминување на спорот со Софија.

-Мојата грижа за македонскиот идентитет е прашање што е многу поважно од мојата политичка кариера. Апсолутно ќе бидам дел од какви било претстојни разговори. Бев предводник на изборна листа во Скопје и бев избран. Тоа им го должам на граѓаните, изјави вицепремиерот Димитров.

Тој додава дека С Македонија треба да ја каже својата страна од приказната, и дека не е С Македонија таа која го внесе ова прашање во ЕУ, туку дека Бугарија го направи тоа во 21 век да каже во ЕУ дека нашиот јазик не постои туку дека е дијалект.

-Мојата одговорност е посилна од какви било консидерации за ова прашање. Ние ќе бидеме тим (со Заев), некогаш имаме разлика во тактиката, меѓутоа како потпретседател на Владата, кој учествувал на избори, таа одговорност ми дава за право дека јас ќе бидам  асполутно дел од сите суштински разговори за ова прашање и дел од решението. Ако видам дека работата оди во лош правец ќе бидам тој што ќе го спречи тоа. Така гледам на мојата позиција, инаку би се свел на декор, тоа е невозможна ситуација. За ова прашање и за уште неколку кои мислам дека се многу важни за граѓаните, мојот глас ќе биде слушнат и внатре и надвор, вели Димитров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот