Фото: „Слободен печат“

Десеткатница во Аеродром оставена со еден лифт, станарите тврдат дека и тој е неисправен

Во зградата, која е релативно нова градба, изградена и пуштена во употреба во 2016 година, има стотина станови, а на жителите подолго време за превоз им е оставен само еден лифт во станбениот објект, кој се плашат да го користат затоа што, како што тврдат, заглавува и тропа.

Еден од лифтовите со месеци е исклучен и не работи, а оној што е во функција се заглавува, тропа и чкрипи, се жалат станарите од зградата на улица Руди Чајавец број 11, кои тврдат дека со месеци се соочуваат со овој сериозен проблем, со оглед на фактот дека станува збор за станбен објект на 10 ката. Притоа, како што тврдат, во разговор со фирмата за сервисирање на лифтовите и општинските инспектори наидуваат на дрскост, па дури и закани дека „доколку пријават, уште долго време ќе одат пеш“.

Во зградата, која патем е релативно нова градба, изградена и пуштена во употреба во 2016 година, има стотина станови, а на жителите подолго време за превоз им е оставен само еден лифт во станбениот објект.

Фото: „Слободен печат“

Станар за „Слободен печат“ вели дека ситуацијата е сериозна, лифтот се заглавува, а во него често патуваат мајки со своите деца, од кои некои се и бебиња.

– Заедно со другите станари постојано се обидуваме да стапиме во контакт со фирмата „Протон“, која е управител на зградата, и со „Алфа лифт М“, кои се одговорни за редовно сервисирање на лифтовите, но оттаму со месеци нè лажат дека лифтот ќе биде поправен. Прво беше до Божиќ, потоа до Велигден, а сега веќе е мај. Еден лифт воопшто не работи, тој е исклучен, а вториот работи, но често се заглавува и е дефектен – вели Горан Илиевски, еден од станарите.

Тој објаснува дека лифтот што моментално работи бил расипан пред неколку години, кога бил потребен сериозен и скап сервис. Тогаш станарите за сервисирање платиле околу 16.000 евра и дополнително уште две илјади евра поради несоодветно поставена електроника. Оттогаш, според него, лифтот постојано крцка, чкрипи и се заглавува, со што ги плаши луѓето, а особено нивните деца, а како што тврди, по тој голем сервис, на лифтот не е залепена потврда за техничка исправност.

– Станарите се исплашени, повеќето одат пеш од страв, но што правиме со старите, децата, бебињата и нивните родители што живеат на погорните катови. Тие со страв патуваат нагоре бидејќи по последното поправање, на лифтот нема маркица дека е направена техничка инспекција и дека е гарантирана сигурноста на луѓето – вели жителот на зградата.

Станарите од зградата поради недостигот на комуникација со управителот и со сервисерот на лифтовите, случајот во неколку наврати го пријавиле во Државниот технички инспекторат и во Инспекторатот за домување при Општина Аеродром. Од ДТИ воопшто не се одѕвале на пријавата и не пратиле екипа, додека пак од општинскиот инспекторат по пријавите утврдиле дека нема неправилности во работењето на управителот „Протон“.

Фото: „Слободен печат“

Од „Протон“ за „Слободен печат“ известија дека од нивна страна како управители се запазени сите законски процедури вклучувајќи и редовна годишна техничка инспекција на лифтовите.

На прашањето до фирмата за сервисирање „Алфа лифт М“ ДООЕЛ зошто едниот лифт е целосно надвор од функција и дали е направено сервисирање на вториот, кој чкрипи и се заглавува, оттаму велат дека при поправките на лифтот дошло до одредени компликации и дека што поскоро ќе биде пуштен во функција.

– Лифтот што го поправивме, почнавме да го санираме и наидовме на проблем каде што новата електроника не сакаше да се вклопи со постојниот мотор, па затоа ние на наш трошок набавивме друга електроника и ја поставивме и сега во моментот сѐ е вклопено и ние како сервис го возиме лифтот и ги поставуваме во окното потребните инсталации за да го пуштиме лифтот да работи – велат од „Алфа лифт М“ и потврдуваат дека се доцни со изведбата, но тоа е поради појавата на непредвидениот проблем.

Во однос на тврдењата на станарите дека лифтот често се заглавува и не работи и дека поправката е однапред платена, од компанијата овие информации ги демантираат и сметаат дека се невистинити.

– Тврдењата дека станарите остануваат без лифт и дека се расипува често се неточни бидејќи во период од 6 месеци лифтот има застанато трипати и е интервенирано во рок од 30 минути најкасно за да се оспособи и да имаат лифт станарите. Наводите дека е платено, а ние не им го правиме лифтот, се апсолутно неточни бидејќи за целата работа е уплатен само аванс, а остатокот ќе го платат по завршената работа – тврдат од компанијата.

Оттаму велат дека лифтот што со месеци не работи, ќе биде ставен во функција во наредните два до три дена, а по неговото пуштање во употреба, ќе биде повикано инспекциско тело за проверка и за давање на мислење за сигурноста и исправноста на лифтот.

Фото: „Слободен печат“

Во однос на крцкањето на оној лифт што е единствен што работи, оттаму објаснуваат дека е точно дека делот од каде што произлегуваат звуците е неисправен и ќе биде променет веднаш штом вториот лифт биде пуштен во употреба.

– Точно е дека има звук што произлегува од еден дел на лифтот што ние го имаме набавено и ќе го смениме штом завршиме со лифтот што го поправаме и лифтот што вози не е доведен во животно загрозувачка состојба за да се крева паника – велат од „Алфа лифт“ и додаваат дека по целосното сервисирање и пуштање во употреба на двата лифта, во договор со управителот „Протон“ ќе се обезбеди одредена услуга за обештетување заради доцнењето со поправката.

Станарите не сакаат услуги или обесштетувања, туку исправни лифтови за превоз на стотиците луѓе, деца и бебиња, кои од август се оставени со само еден полуисправен лифт и се надеваат дека сервисерот ќе си го одржи зборот и за неколку денови ќе го поправи едниот, а потоа и вториот лифт за повторно нормално функционирање на жителите од зградата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот