Декемвриските бонуси статистички ги „издишаа“ јануарските плати

Државниот завод за статистика евидентира намалување на јануарската плата во однос на декемвриската за 421 денари. Државниот завод за статистика евидентира намалување на јануарската плата во однос на декемвриската за 421 денари. Но, оттаму, за „Слободен печат“ велат дека овој пад на плати се должи исклучиво на разните бонуси и награди што обично се делат во декември и дека секоја година се регистрира пад на јануарската во однос на декемвриската плата.

Наспроти секојдневните жалби на работодавачите дека им недостигаат работници, огласување на поволни услови, бонуси, нудење награда за оној што ќе донесе работник, Државниот завод за статистика евидентира намалување на јануарската плата во однос на декемвриската за 421 денари. Ако во јануари просечната плата во државата била 33.943 денари, во декември минатата година изнесувала 34.364 денари. Но, од Државниот завод за статистика, за „Слободен печат“ објаснуваат дека овој пад на плати се должи исклучиво на разните бонуси и награди што обично се делат во декември и дека секоја година се регистрира пад на јануарската во однос на декемвриската плата.

Статистика на Агенцијата за вработувања покажува дека има 8.331 слободно работно место. Најмногу слободни места има во преработувачката индустрија, каде што платите се намалиле за 5 проценти за еден месец, односно од 30.894 денари колку што бил просекот за декември на 29.365 денари во јануари.
Според податоците од Државниот завод за статистика, намалување на платите има во повеќе сектори, а најголемото зголемување е во секторот „Телекомуникации“ и изнесува 7 проценти во јануари во однос на ланскиот декември.

Дали трговците на големо замрзнатите маржи ги наплатија од вработените?

На второ место по побарувачка на работна сила е секторот трговија. Во трговијата има вкупно 1.294 празни места, или таму се 15,5 отсто од слободните места. Но, во секторот „Трговија на големо, освен трговија со моторни возила и мотоцикли“ има намалување на платите и тоа за 9,6 проценти! Таму јануарскиот просек бил 33.574 денари, додека просекот за декември бил 39.256 денари.
Како што се знае, во трговијата на големо и во трговијата на мало постои ограничување на маржите за поголем дел од основните прехранбени производи. Сепак, во трговијата на мало, и покрај ограничувањето на маржите, има зголемување на платите за 4,5 проценти. Просечната плата таму во јануари била 28.799 денари, а во декември била 27.333 денари.
Кај трговците на големо, ако се погледаат огласите, најчесто се бараат магационери и дистрибутери, а како што може да се прочита во делот за работните задачи, најчесто во едно се споени повеќе работни места, како што е административен работник (прием и издавање документација), физички работник (товарање, истоварање и редење) и дистрибутер на производи.
И вработените во трговија на мало велат дека работат повеќе работни задачи и дека продавниците се со минимум работна сила, која често се откажува од тешката работа, па веројатно тоа го одржува и зголемува нивото на платите.

Сектори со најголем пад

Најголем пад на платите има во секторот „Производство на тутунски производи“. Таму јануарскиот пад на месечно ниво е дури 45,5 проценти! Просечната плата во овој сектор во јануари била 26.674 денари, а во декември била 45.258 денари. Во Македонија има две фабрики за производство на тутун, една е „Филип Морис Тутунски комбинат – Прилеп“ и втората е „Империал тобако Тутунски комбинат Скопје“.
Во воздухопловниот транспорт платите се намалиле во просек за 40,7 проценти, од 94.537 денари во декември на 56.100 во јануари. Но, иако вообичаено првата асоцијација се аеродромите, како што неофицијално дознаваме таму платите не се намалиле. Во овој сектор се и АД во државна сопственост М-НАВ кое врши контрола на летање, како и Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Многу се намалиле и платите во „Дејности за изнајмување“. Падот е за 35,3 проценти на месечно ниво, односно во јануари бил 55.555 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот