Дали стружанката искасана од бездомните кучиња е вистинска активистка?

кучиња
Бездомни кучиња / СП. архива

Не стивнуваат реакциите во јавноста неколку дена по објавата на локалните медиуми од Охрид и Струга дека неформалната активистка Нела Стојанова била нападната од кучиња во Струга од страна на глутница и при тоа била искасана и повредена. На социјалните мрежи се отвори дискусија дали Стојанова навистина е активист за заштита на животните или информацијата беше злоупотребена и манипулативна до тој степен дека проблемот со кучињата е нерешлив за властите односно дека и оние кои се грижат за нив се нападнати од бездомните кучиња.

Дел од коментарите одат дотаму дека Стојанова ниту е активистка, ниту пак таа била во конекција со било какви здруженија за заштита на животни и кучиња. Други рекции во коментарите на социјалните мрежи велат дека пласирањето на оваа информација има партиска позадина. Трети пак, тврдат дека лично ја познаваат Нела и првпат слушаат дека таа е всушност активист за заштита на бездомните кучиња.

Сепак, од она што е потврдено е официјалното соопштение на МВР за случајот. Полицијата во својот дневен билтен објави информација дека на 22.01.2023 во 17:45 часот, Н.С.(32) од Струга во полициска станица пријавила дека на улицата „15 корпус” во Струга била касната од куче скитник. Во информацијата објавена од полицијата не беше наведено дали станува збор за активист за заштита на кучиња или не.

Во меѓувреме дел од читателите кои се обратија до „Слободен печат“ велат дека повеќе од очигледно е дека целта на информацијата споделена на порталот Охриднет била да се привлечат што е можно повеќе кликови и реакции на Фејсбук, па поради тоа и веста е суптилно пренесена да делува како да е нова и во неа стои дека станува  збор за неформална активистка за заштита на кучињата скитници од Струга.

Во интерес на јавноста „Слободен печат“ се обиде да стапи во контакт со Стојанова и да дознае дали таа некаде активно членува во здружение кое се грижи за бездомните животни, бидејќи во дел од медиумите беше спомената како активист. Сепак и по неколку наши обиди да стапиме во контакт, Стојанова не ни одговори на нашите прашања.

Од друга страна во исто време побаравме и официјален став на здружението за заштита на животни Анима Мунди за настанот. Од таму не информираа дека во Струга има вкупно тројца активисти и сите им се познати, но конкретно за Стојанова немаат информација во која организација таа членува и дали таа воопшто членува.

– Има многу поединечни активисти кои сами чуваат по 40-50 кучиња. Според нас дефиниција за активист е дали системски работи на проблемот со бездомните кучиња како што се стерилизација, кастрација, вакцинација, вдомувње. Не би коментирале дали посочената особа е активист или не, но можеме да кажеме дека откако се случи тоа со убиствата на кучиња во Струга наеднаш почнаа да се објавуваат вести дека има каснати граѓани, додаваат од Здружението.

Кучињата скитници проблем за Струга кој реално постои

Сепак факт е дека Градот Струга веќе подолго време има проблем со кучињата скитници и речиси секојдневно се објавуваат фотографии и видеа на социјалните мрежи од глутници кои ги мачат стружани, а неодамна имаше пријава од страна на МВР до граѓанин кој со пушка ги убивал кучињата.

Надлежна институција за решавање на проблемот со бездомните кучиња во Струга е Општината, но градоначалникот Рамиз Мерко смета дека овој проблем треба да го реши Владата, со тоа што ќе го смени Законот. Мерко бара да се донесе закон со којшто Агенцијата за ветеринарство на државно ниво ќе се занимава со решавање на состојбата со бездомните кучиња.

Ставовите во врска со овој проблем во Струга се спротивставени, дел од граѓаните бараат решение, а активисти бараат заштита на кучињата, но во исто време дел од медиумите намерно или не лиферуваат информации кои не се проверени  и не професионални информации се со цел да се дефокусира вистинскиот проблем.

Во изминатата недела, според податоците од билтенот на МВР, регистрирани се пријави за околу 20 напади од бездомни кучиња на територија на цела држава.

Човек на човека му е улично куче

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот