Човек на човека му е улично куче

Жарко Настоски, новинар и уредник на веб-страницата на „Слободен печат“ / фото: Драган Митрески / СП

Меѓу илјадниците редови коментари и текстови низ кои луѓето ги изразија чувствата и мислењата за стариот проблем, се наѕираат показатели за загрижувачки процеси и општествени состојби, вредни за сериозна тревога

Веста дека некој насилник решил да излезе ноќе по струшките улици со пушка во раце и да ги убива сите кучиња што му се нашле на патот, како да сме на Дивиот запад пред 150 години, минатата недела ја обзеде нашата јавност. Ужасот во Струга нагласи уште една точка на поделба меѓу граѓаните, разгорувајќи силна, со чувства набиена поларизација околу старата болка – проблемот со уличните кучиња.

Реакциите на струшкиот кучешки масакр го покажаа очигледното – дека ова општество сѐ помалку е способно за артикулирана и продуктивна јавна дебата меѓу крајно спротивни гледишта, а уште полошо е кога темата е осетлива. Но, меѓу илјадниците редови коментари и текстови низ кои луѓето ги изразија чувствата и мислењата за ова, се наѕираат и показатели за други загрижувачки процеси и општествени состојби, не помалку вредни за сериозна тревога.

Случајот ни откри дека многумина овде имаат поразително флексибилен однос кон употребата на насилство – декларативно не го одобруваат, но и не веруваат дека кучињата на друг начин може да ги снема од улиците. Може на збор ќе го осудат беззаконието во крвавиот поход на струшкиот виџиланте, но не би се противеле многу кога слични методи би користеле шинтери под капата на некоја институција. Друг, помал, но се чини не и безначајно мал дел од луѓето, вознемирувачки отворено пропагираат „конечно решение“ за кучешкиот проблем, а од нивните искази се навестува дека само стравот да не одат во затвор ги одвраќа од тоа и самите да земат пушки и пиштоли и да почнат да убиваат по улици.

Уште еден впечаток од тридневната јалова расправија, што веројатно е претенциозно да се нарече јавна дебата, беше тоа што, иако сите би морале да знаат чија обврска се уличните кучиња, многу малку се зборуваше за одговорноста на локалните власти. И ова необјасниво промашување во лоцирањето на одговорноста кажува нешто за насоката во која се движи демократскиот капацитет на нашата јавност. Скоро никој не праша како е можно општините, во чија директна надлежност е справувањето со бездомните кучиња, да немаат пари за основна безбедност на граѓаните, а да имаат за нови службени коли, на пример? Кога градските татковци и мајки се враќаат дома навечер по напорниот работен ден, толку ли е тешко уште некое време да се повозат во старите лимузини, а со заштеденото барем да почнат да градат стационари? Не можат ли со парите што сега ги трошат за отштета на граѓаните каснати од улични кучиња, да вработат служби што ќе ги згрижуваат и третираат кучињата, за да не талкаат по улици и да касаат луѓе?

Наместо да „удрат“ по неспособните градоначалници и директори, советници и министри кои знаат да се расфрлаат со народните пари, а не можат да им гарантираат на граѓаните дека безбедно ќе стигнат дома пеш ноќе, многумина одбраа да им се нафрлат на активистите за заштита на животните. Со зачудувачка жестина ги пцуеја и судеа, набедувајќи ги дека, со тоа што ги згрижуваат и им помагаат на кучињата (беспари го прават она за што сите веќе сме им платиле на општините) – активистите не само што ја влошувале, туку дури и некако ја предизвикувале состојбата.

Не може во исто време да сметате дека сте разумен човек и да мислите дека некои волонтери имаат обврска и одговорност да решат проблем голем колку тој со бездомните кучиња. Не верувам дека може искрено да се живее во таква когнитивна неусогласеност. Во оваа земја, во која барем третина од луѓето или самите работат во „државно“ или имаат некој близок што работи, поверојатно е дека мнозина само бираат безбедни цели за критика. Кога ќе наиде чувствителна тема, сите сакаат да се издуваат, ама никој не е дотолку опиен од топлите проевропски ветришта, за да заборави колку не е паметно да се „лае“ против државните или општинските власти, кога од нивната волја ти зависи живеачката.

Актуелизирањето на проблемот со бездомните кучиња покажа колку е ефикасна ваквата тивка и подмолно наметната пасивизација на граѓанскиот глас. Таа не е нова, туку долго и грижливо негувана метода на политичките елити од сите бои, денес метастазирана во посебно грда и опасна димензија на нашата реалност. Целата нејзина грдотија ќе ја видиме веќе следниот пат кога ќе има други, посериозни општествени предизвици за чие решавање е потребна силна граѓанска свест.

Додека граѓаните и активистите, експертите и „инфлуенсерите“ се фаќаа за гуша, политичарите, директно виновни за тоа што проблемот со бездомните кучиња ги достигна денешните пропорции, главно мудро си молчеа, свесни дека „што и да кажат, ќе згрешат“. Посебно беше гласно молчењето на градоначалниците од некои поголеми градови, кои не се појавија ни за да ги повторат стопати кажаните ветувања. Но, темата во еден момент толку се вжешти, што за ова типично комунално прашање изјава мораше да даде и премиерот Димитар Ковачевски. Тој, пак, се постави како да се работи за нова и непредвидена ситуација пред која нашите институции се немоќни и најави дека помош ќе се бара од Брисел – таму знаеле како треба да постапува една влада кога граѓаните ќе почнат да го земаат законот во свои раце.

Како и за многу други наши проблеми и состојби, и за ова последната надеж е во новите генерации. Треба само да ги прелажеме умните млади да останат да живеат во ваква земја. Како знаеме, да ги убедиме дека вреди да ја менуваат. И со време да ги учиме и тренираме: кога ќе слушнат политичар што „вергла“ празни фрази и ја префрла одговорноста, тоа да ги боли барем исто како да ги каснало куче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот