Дали опозицијата го менува курсот?

Средба на Ковачевски и Мицкоски/Фото: Влада на РСМ

Дали најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ ги менува својот курс, реторика и пристап кон решавање на актуелните политички прашања поврзани со уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот како дел од францускиот предлог и продолжување на европската интеграција на Македонија. Оваа дилема е актуелна во домашната јавност особено по најавите за одржување на лидерска средба за в среда меѓу премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во клубот на пратеници.

Домашната стручна јавност со која се консултиравме е поделена по прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ го менува својот став, но истакнуваа дека сето тоа е составен дел на една започната кампања и дејствување што навестува можни скорешни парламентарни избори, кои би можеле да се одржат следната година, истовремено со претседателските избори во Македонија.

Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски вели дека не очекува некако менување на ставовите на опозицијата во однос на уставните измени ниту пак некаков конкретен договор меѓу лидерите Ковачевски и Мицкоски во среда.

Владимир Божиновски – ИПИС / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

– Тоа што ќе има средба меѓу Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски не значи дека ќе има промена на курсот кај опозицијата. Тоа е така бидејќи мислам дека е доволно јасен ставот на опозицијата по ова прашање и нема простор за различни толкувања – смета Божиновски и додава дека политичките ставови на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени им се пренесени и на странските преставници но и домашните западни амбасадори.

Божиновски истакнува дека во ниту еден момент не забележал дека Мицкоски отстапува од досегашните политики на партијата. Аналитичарот дополнува дека темата за предвремени избори која во јавноста се зборува како услов за прифаќање на опозицијата да има промена на Уставот е надов од здрав разум, бидејќи според него и утре да се распишат предвремени избори најрано што можат тие да се одржат е некаде втората половина на октомври, датум што според него веќе навлегува во рокот за одржување на редовните избори.

– Во моментов нема аргумент ниту пак логика да се прифати промената на Уставот и потоа да има брзи избори. За таков чекор да прифатиш треба да си политички неписмен и да помислиш дека тоа е некаков компромис. Според мене неопходни се избори на кои партиите во своите кампањи пред граѓаните ќе го дадат својот предлог за надминување на состојбите и граѓаните ќе можат да го изберат својот преставник. Просто кажано, оној кој ќе победи на изборите ќе го има целосниот легитимитет и легалитет да раководи со државата и со тоа да го решава прашањето околу уставните измени – подвлекува Божиновски.

Поинаку по ова прашање размислува Алберт Муслиу.

Алберт Муслиу, политички аналитичар / Утрински брифинг

– Мое убедување е дека најавената лидерска средба е резултат на повеќе состаноци на меѓународните партнери со опозицискта ВМРО-ДПМНЕ. Од она што можам да го насетам е верувањето дека опозиција можеби го менуваат пристапот или тајмингот кога треба да се случат уставните измени. Во тој контекст, секогаш политичарите оставаат место за компромиси. Сакам да верувам дека овој состанотк сепак ќе се одржи, бидејќи и едните и другите имаат колективни општествени обврски. Но дали може веднаш ќе се реши ова прашање не сум многу убеден дека до тоа ќе дојде во скоро време. Сепак оваа средба може да биде увертира за решавањето на уставните измени во периодот што следи – коментира Муслиу.

Политичкиот аналитичар Муслиу уште еднаш нагласува дека средбата меѓу Ковачевски и Мицкоски е резултат на вложениот труд на нашите меѓународни партнери и дополнува дека покрај опозицијата и власта од друга страна  според него треба да направи некои отстапки се со цел да се создаде простор за конечно надминување на сегашната позиција.

Во меѓувреме опозициската ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека претседателот на партијата Христијан Мицкоски е подготвен да разговара со премиерот Ковачевски кога станува збор за националните и државни интерси, но тој бара да разговараат и за тоа што ќе се прави во периодот по неуспехот на уставните измени.

„Доколку постои желба за национално единство и слушање на гласот на мнозинството, прифаќаме лидерска средба на која треба меѓу другото да се види што ќе се прави во периодот по неуспехот на тие уставни измени и иднината на граѓаните која треба да се обезбеди“, посочија од ВМРО-ДПМНЕ.

Партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ дојде откако претходно премиерот Димитар Ковачевски рече дека ќе го покани на средба лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на која би разговарале за носење на одуки за интеграцијата на Северна Македонија и за усогласување на ставовите за односите со соседните земји.

Од она што е познато е дека вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за продолжување на преговорите на земјава за членство во Европската Унија. Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство во 120-члениот парламент во Скопје, но засега мнозинството ги нема потребните гласови. Паралелно на ова, за потребата од донесување на уставните измени укажуваат претставници на Меѓународната заедница кои во изминатиот период упатуваат пораки дека промената на Преамбулата е гаранција за отворање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и дека целиот процес треба да се образложи пред граѓаните дека преку него нема дојде до губење на идентитетот, јазикот ниту пак  историјата на земјава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот