Дали „народот е во право и кога греши!“

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Иако ВМРО-ДПМНЕ победи, сите анализи се за тоа како и зошто загуби СДСМ на овие избори. Сега сите се генерали, и ПР советници. Одговори има многу, ама некогаш најпростите се најинтересни.
Како на пример кога ќе праша некој: „Од што почина човекот?“ А соседот одговара: „Од смрт“!!!!
„Па како бе, нели здрав беше, вчера го видов трчаше!!! Да не претерал?“
Така и СДСМ, до вчера беа во топ форма, денеска „капут“. Значи, претерале со нешто.

И што е најважно, за граѓаните тоа веќе не е ни важно. И да ги прашате зошто така гласале, нема да знаат да одговорат, или ќе парафразираат одомаќени флоскули кои подолго време се вртеле по медиумите.

И секогаш тие што ќе изгубат се чудат, „па каков е овој народ, ние толку многу направувме за него, а тој вака ни враќа!“ Ама народот е секогаш ист, само партиите се менуваат.
Бранко еднаш кога загуби на изборите, убаво рече: „Народот е секогаш во право, и тогаш кога греши!“
Партиите треба да сфатат дека народот секогаш сака – повеќе. Бргу го заборава стекнатото и е во состојба да не сака да им верува на очите, туку повеќе сака да им верува на ушите.
Односно, власта секогаш се фали со стореното и им го предочува тоа на граѓаните. Дури до здосадување. Но тие едноставно не сакаат да го видат тоа, туку сакаат да веруваат на она што опозицијата им го ветува.
Така било досега со сите македонски партии, премиери и Влади, од независнсота до сега.
Ни Љубчо „војводата“ не можеше да се начуди како загуби на изборите, кога тој беше првиот оној што на граѓаните им ја промовираше идејата за независна Македонија. Ама „самостојателна“. Ниту Бранко „папата“ не можеше да се свести дека загубил од ВМРОВ- ските „копуци“, а тој како лидер на „државотворната“ СДСМ ја внесол Македонија во ООН. Пуста приватизација го „закопа“. Веројатно најмногу се чудел Никола „режимскиот“, од поразот од „црпнатиот“, а десет години не правеше ништо за државата, освен што им угодуваше на граѓаните не „давајќи“ го името ФИРОМ. Него го „сотреа“ „странски служби“.
На крајот редот му дојде и на Зоки „трговецот од Горњи Милановац“, кој успеа да создаде „едно општество за сите„ да ја внесе државата во НАТО, ама пусто како -Северна, а не успеа и во ЕУ.

Се е чиста психологија. И во спортот е така. Често пати навивате за некој нов, за кого сметате дека ќе го победи актуелниот шампион. Кога тоа еднаш ќе се случи, добиваат на кладилниците.
Сега СДСМ може да си прави анализи за тоа зошто изгубил, но тоа е само губење време. Треба што поскоро да се фатат за работа и да си го проверат мнозинството, без да им веруваат бланко на изјавите на коалициските партнери, затоа што една од причините за загубените избори се и некои од нив.
Ако тоа го осиугураат, партијата треба што поскоро да најде и да предложи нов кандидат за мандатар кој ќе има нова енергија за да продолжи со реформите.
Замката е можеби најмногу во личноста, кој да биде тоа. Ако повторно заглават во внатрепартиски пазаерња, барајќи старовремски партиски апаратчик и бирократ, и не се одважат за човек кој можеби доаѓа и релативно „однадвор“ , но кој има перформанси за да биде колку- толку „независен“ премиер, ќе продолжат да тонат.
Се покажа дека нивните „чисти“ кадри, народот не ги сака баш.
Не е важно дали сите партии внатре во коалицијата ќе го сакаат, тоа никогаш не било главното прашање, важно е да го прифатат оние кои сакаат оваа прогресивна Влада да остане заедно.
Засега во јавноста се шушка за двајца такви. Во СДСМ не се шушка ништо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот