Д-р Кунгуловски: Немате право да не се вакцинирате и да го загрозувате правото на живот на други луѓе

д-р Горан Кунгуловски. / Фото: Приватна архива

Д-р Горан Кунгуловски, биоинженер во Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина во клиниката „Жан Митрев“, со објава на социјалната мрежа Фејсбук го искажа својот став за новите мерки за сузбивање на бранот на ковид-19, донесени на 97. седница на Владата.

– Најголемите водилки во животот ми се здравиот научен скептицизам и човечкото право за лична и индивидуална слобода.

Здрав скептицизам во комбинација со знаење се користи за да се одреди која е веројатноста едно тврдење или опсервација да биде вистинита (или најблиску до вистината) или е дезинформација или артефакт. Засега како научен механизам којшто ја утврдува веројатноста за нешто да биде вистинито е научниот консензус, односно мислењето на мнозинството експерти на одредена тема. За вакцините за ковид-19, за глобалното затоплување, за еволуцијата, има силен научен консензус.

Науката поткрепена со научниот консензус ни ги продолжи животите за 30-40 години. Науката со научниот консензус не однесе во Вселената. Науката со научниот консенсус ни го направи животот на нас и на нашите блиски поудобен. Во време на криза, науката и научниот консенсус треба да ни бидат единствените водилки. Науката засега е најголемата придобивка на цивилизацијата. Науката вели дека е најдобро и најбезболно да се ВАКЦИНИРАМЕ.

Индивидуалната слобода е највредното нешто што една личност го има [п.с многу мразам кога влади или други луѓе се мешаат во личните слободи што не ги тангираат нити повредуваат останатите]. Правото за слободен говор, слободно движење, слободна љубопитност, слободна љубов. Сѐ додека таа слобода не го загрозува правото на живот на останатите во заедницата. Тогаш животот зазема преседан.

Во време кога знаеме дека вакцината драстично ја намалува веројатноста да се заразиме, а со тоа и веројатноста индиректно да заразиме други луѓе без да знаеме, најморалниот и најодговорниот акт е јасен. ВАКЦИНАЦИЈА.

Имате право да не се вакцинирате и со тоа самите да ризикувате инфекција и болест. Но немате право да не се вакцинирате и да го загрозувате правото на живот и правото на нестрадање на други луѓе.

Има избор, а изборот е:

1. Вакцинација и следење на сите препораки и казни за неследење на препораките за вакцинирани луѓе. Истото важи за прележаните.
2. Невакцинација и прифаќање на сите препораки и казни за неследење на препораките за невакцинирани луѓе. .
3. Невакцинација и иселување од цивилизацијата [или друг тип на немешање со луѓе], пишува д-р Кунгуловски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот