Црвената гол-линија на Пандев

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Кога создавате меѓународно верификувано постигнување, вие создавате историја која не мора ниедна комисија да ја преиспитува. „Црвено-жолтите“ ја повлекоа својата црвена линија и со свое послание го надградија делото на македонските спортски дејци. За да ни донесат колективна катарза во годината кога секојдневно се броеја починати наместо голови.

Го прелистувам неделникот на НИП „Нова Македонија“ од пред речиси три децении. Пишува: Пулс, број 2, година I, 31 јануари 1991, цена 15 динари. На 47-та, претпоследна страница, мој текст со наслов „Лавчињата играат фудбал“. Анализа на почетокот на фудбалскиот распад на Југославија. Со една моја прогноза – како би можела да изгледа фудбалската репрезентација на Македонија во тој момент: Саша Илиќ (Антонио Филевски) – Вујадин Станојковиќ (Љупчо Марковски), Чеде Јаневски, Илија Најдоски – Драган Канатларовски, Бобан Бабунски, Бошко Ѓуровски, Тони Савевски, Ерол Демир (Драги Сетинов) – Дарко Панчев, Милко Ѓуровски. Мислам дека бев прв во медиумите што излезе јавно со ваква идеја. Всушност, притаена желба. Тогаш беше ерес да се зборува за македонска репрезентација. Дури осум месеци подоцна се случи референдумот и осамостојувањето на државата.

На некогаш младиот спортски новинар на „Вечер“, кој своите соништа во тогашниот романтичарски занес на нацијата ги раскажа во „Пулс“, во меѓувреме му побеле косата, меѓу другото, и поради сите фудбалски стресови. А не дека не се радував некогаш. Летаа новинарски тефтери на стадионот „Сент Мери“ во Саутемптон, во 2002 година, кога Шакири погоди од корнер. Само што фудбалските радости беа ретки.

„Златната вардарова генерација“, сепак, не се пласира на Европско првенство. Иако треба да се признае дека тогаш пласман на континенталниот собир обезбедуваа само 16 репрезентации, а денес 24. Со дополнет систем на квалификации преку Лигата на нации, проект на УЕФА кој им дава шанса на помалите земји.

За разлика од генерацијата на Панчев, во оваа што за првпат обезбеди место на ЕП – Димитриевски – Бејтулаи, Муслиу, Велковски – Ристовски, Николов (Костадинов), Адеми (Спировски), Алиоски – Елмас, Пандев, Несторовски (да не ги заборавиме и повредениот Барди и позитивниот Ристевски); само Пандев е единствениот што отскокнува според резултатите – со Интер е освојувач на клупска титула европски и светски првак. Но, овие играчи дишат како еден. Репрезентацијата е единствената „државна институција“ во која тимската хемија е мерит-систем како контрапункт на општата атмосфера на поделби, пумпање националистички страсти, палење знамиња… Не се мери колкумина се Македонци, Албанци, Турци… туку кој колку гине за дресот.

Ваквиот расплет како да се претчувствуваше уште кога младата репрезентација се пласира на ЕП „под 21“ во Полска. Половина екипа од тој состав му ја даде потребната енергија на поискусниот дел од селекцијата на Игор Ангеловски. Оттогаш, Македонија бележи скок од речиси стотина места на ФИФА-листата, оствари најдобар пласман во групна квалификациска фаза (трето место) и победи во својата група од Д-дивизијата. Што ѝ овозможи преку два бараж-натпревари да се пласира на ЕП.

Творец на хомогеноста на тимот е селекторот Игор Ангеловски. Истиот кому не му беше продолжен договорот од ФФМ пред клучниот натпревар, непишано правило во светот на фудбалот, со кое тие што го назначуваат менаџерот покажуваат доверба за да донесат спокој пред важен натпревар во годината на истек на соработката со тренерот. По цена да се плати отштетата во случај на неуспех и смена отпосле.

Ангеловски заслужуваше таква сатисфакција дури и во случај на пораз против Грузија. Падот на Македонија од стотина места на ФИФА-листата по заминувањето на селекторот Среќко Катанец и експериментите потоа со 4-5 селектори беа последица и на откажувањето на Горан Пандев од националниот дрес. Пресвртница во враќањето на победничкиот дух отпочна откако Ангеловски го убеди струмичанецот да се врати во репрезентацијата.

Капитенот Пандев, кој две децении го носи националниот дрес, како да веруваше во потенцијалот на младите. Пет години е спиритус мовенс на репрезентацијата, стожер и мотиватор, креативец и инспиратор. Сонот да заигра на ЕП му ја даваше таа дополнителна сила и во 38. година од животот да издржи и карантини и самоизолација, и стресови пред секој корона-тест и непочитување од ФФМ во тие тешки моменти. До последен момент поради наметнатите протоколи постоеше опасност да не биде пуштен од италијанските власти да допатува за мечот во Тбилиси. Но ѕвездите ѝ беа наклонети на ѕвездата, токму тој да биде човекот на одлука во, се осмелувам да кажам, мечот на кариерата за него (иако играл и финале на Лига на шампиони). Тој беше еден од ретките што беа негативни на тестот кога 14 негови соиграчи од неговиот клуб Џенова беа позитивни на коронавирусот.

Пласманот на ова ЕП, дај боже да не биде последен, секогаш ќе биде прв. Затоа е историски. Кога создавате меѓународно верификувано постигнување, вие создавате историја која не мора ниедна комисија да ја преиспитува. „Црвено-жолтите“ ја повлекоа својата црвена линија и со свое послание го надградија делото на македонските спортски дејци. За да ни донесат колективна катарза во годината кога секојдневно се броеја починати наместо голови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот