Чувајте го здравјето, бројот на заболени од ковид-19 расте: Во моментов во болница се лекуваат 405 пациенти

Скопје, 3 јуни 2020 / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Нови, досега рекордни кај нас, 317 случаи со ковид-19 од 1.990 тестирања беа евидентирани во вчерашниот извештај на Министерството за здравство за изминати 24 часа.  Во болнички услови починати се четири пациенти и тоа еден од Скопје (59 г.), еден од Струга (65 г.), и двајца од Гостивар (71 г. и 76 г.). Регистрирани се 104 оздравени пациенти.

Вкупниот број Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 19.413, бројката на оздравени пациенти е 15.749, на починати е 772. Бројот на активни случаи изнесува 2.892, најмногу во Скопје 1.166, во Струмица 185, во Кочани 183, во Тетово 168, во Куманово 166, во Прилеп 138…

Во болниците од ковид-19 во моментов се лекуваат 405 пациенти, од кои 48 се на кислородна поддршка, а тројца на респиратор.

.Досега во земјава се направени вкупно 199.372 тестирања.

Надлежните и натаму апелираат граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од ковид-19 кои вклучуваат носење заштитна маска, држење дистанца, избегнување групирања и миење или дезинфекција на рацете.

Од Институтот за трансфузиона медицина информираа дека се обезбедени вкупно 129 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со ковид-19. Од нив, 68 единици се обезбедени преку аферезна процедура од вкупно 30 дарители, а 59 единици се обезбедени преку стандардно дарување. Инаку, досега над 100 пациенти со ковид-19 се третирани со конвалесцентна плазма, што содржи антитела против овој вирус, создадени од човечкиот организам за сузбивање на болеста.
Од Министерството за здравство посочуваат дека преку даруваната конвалесцентна плазма, антителата на оздравените пациенти се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со Ковид-19.
-Лицето дарител на конвалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од Ковид-19, да има два негативни теста во рок од 24 часа, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест (трет) за да се потврди дека нема присуство на вирус. Исто така, согласно протоколите ќе биде земен и примерок за одредување концентрација и/или титар на неутрализирачки антитела Anti-SARS-CoV-2, соопштија од Министерството.
Оттаму појаснуваат дека сите оздравени пациенти кои ги исполнуваат условите за дарители, може да се јават за детални информации и закажување во Институтот за трансфузиона медицина, да ја покажат својата хуманост и да помогнат во лекувањето на другите заболени со Ковид-19.  

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот