Чудовишни обвинувања за антисемитизам

денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

Не само што добро сум ги научил лекциите од минатото, туку сум свесен и за современите форми на антисемитизам, национализам, ксенофобија и омраза. Тоа е основната причина што во изминативе триесет години сум бил многупати незаслужено навредуван. Но, на оваа навреда за антисемитизам ѝ нема рамна.

Растен во семејство на партизанка од Хрватска и партизан од Македонија, не само што добро сум ги научил лекциите од минатото, туку сум свесен и за современите форми на антисемитизам, национализам, ксенофобија и омраза. Всушност, тоа е основната причина што во изминативе триесет години независност, од времето кога почнаа војните во Југославија, сум бил многупати незаслужено навредуван. Но, на оваа навреда за антисемитизам ѝ нема рамна.

Не праќајте ги Евреите во гасни комори по вторпат, ми порачува Виктор Мизрахи, истакнат член на еврејската заедница во Македонија. На листата на прозвани за антисемитизам, во неговото обраќање до Македонците и до македонските граѓани (!?),објавено во Плусинфо, се и премиерот, вицепремиерот, министерот за надворешни работи и уште еден претставник на академската заедница. Читам и не можам да си верувам на очите: „Не горете ја пепелта по вторпат. Не менувајте ја историјата за да постигнете ваши политички или материјални цели. Кој ќе ја заборави историјата нема да постои. А вашите политички цели нема да се исполнат. Македонскиот народ нема да го заборави ниту да го прости ова“.

Чудовишни обвинувања за антисемитизам. Дали вреди да се одговара на овој говор на омраза? Неволно почнувам да типкам по тастатурата на компјутерот. Веќе од поодамна, одрекувањето на холокаустот е кривично дело во демократските држави. Но, кривично дело е и лажното обвинување за антисемитизам. Кога би започнал таков судски процес Виктор Мизрахи, без било какво сомневање, би одговарал за навреда на човек чие срце, како со шајка, е закован за трагедијата на холокаустот. Зашто, она што господин Мизрахи ќе го најде во моите текстови, книги, изјави во тек на целата моја кариера е дека антифашистичката борба е темелот на модерната македонска држава.

Како што ни покажаа бесмислените талкања по антиката и средниот век, без делото на партизанската генерација, меѓу кои имаше и Евреи, наши семејни пријатели, тонеме длабоко. На тој фундамент стоиме или паѓаме како нација, јазик и држава. Да ја менуваме таа историја значи да се откажеме од самите себеси. Во таа смисла судбината, самиот наш опстанок, е нераскинливо врзана и за сеќавањето за погромот направен врз македонските Евреи од страна на Германија и Бугарија. Од таа вистина никогаш нема да отстапиме и заедно со прогресивна Бугарија ќе го добиеме заслуженото извинување за страшната судбина на нашите сограѓани.

И тоа, убеден сум, ќе биде епилогот од разговорите со соседите во текот на преговорите за членство во ЕУ. Поинаку и не може да биде во демократска и антифашистичка Европа денес. Зашто, соочувањето со холокаустот значи и учење лекции од толеранција, почит кон другиот, разбирање, трпение, борба против демонизација, сознанието дека Холокаустот не почнала со гасни комори туку со зборови на омраза. Сето ова, низ дијалог, ќе го апсолвираат политичките претставници на македонскиот и бугарскиот народ, во не така далечната иднина.

Инаку, растен во семејсто на партизанка од Хрватска и партизан од Македонија, не само што добро сум ги научил лекциите од минатото, туку сум свесен и за современите форми на антисемитизам, национализам, ксенофобија и омраза. Всушност, тоа е основната причина што во изминативе триесет години независност, од времето кога почнаа војните во Југославија, сум бил многу пати незаслужено навредуван. Но, на оваа навреда за антисемитизам ѝ нема рамна. Затоа, и сега, како и секогаш кога сум зборувал, пишувал и предавал на студентите за холокаустот, чувствувам понизност и болка пред најголемата трагедија во историјата на човештвото.

(Авторот е универзитетски професор и поранешен дипломат)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот